Македонија
20 пациенти од Онкологија се јавиле со сознанија во Обвинителството, се врши распит на вработените
Тим од јавни обвинители и истражители од скопското Обвинителство преземаат дејства за испитување на наводите што првично упатуваат на основи за сомнение за сторени кривични дела против здравјето на луѓето и проневера во службата на Клиниката за радиотерапија и онкологија.
Како што информираа од Обвинителството, со цел испитување на ваквите наводи, до овој момент од Клиниката се обезбедени обемен доказен материјал и документација, кои веќе се предмет на анализа.
„Се извлекуваат податоците со истории за третманот на групи пациенти што примале биолошка терапија на Клиниката, како и медицински истории на уште 40-ина пациенти за кои се врши директна проверка на податоците за лекувањето. Основното јавно обвинителство Скопје формира тим од експерти што вршат анализа на целокупното економско-финансиско работење на Клиниката, како и анализа на податоците од здравствените истории на пациентите“, велат од Обвинителството.
Надлежните јавни обвинители извршиле распит на повеќемина вработени на Клиниката за онкологија, како и на двајца експерти. Дополнително, во тек се распити и на 20-ина пациенти, кои до овој момент доброволно се јавија на телефонската линија на Основното јавно обвинителство Скопје за да ѝ помогнат на истрагата со свои сознанија.
Во насока на целосно расчистување на настанот, Основното јавно обвинителство Скопје постапува во координација со Министерството за внатрешни работи, кое, по наредба на јавниот обвинител, врши анализа на компјутерските податоци одземени при извршените претреси на три локации.
Единицата за финансиски истраги при МВР е задолжена да изврши финансиска истрага, а определени дејства се побарани и од Управата за финансиско разузнавање. Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување во согласност со своите надлежности треба да изготват и да достават извештаи за работата на Клиниката.
Во дејствата што се преземаат во однос на наодите од ревизорскиот извештај на Државниот завод за ревизија во врска со Клиниката за онкологија, Јавното обвинителство ќе ги вклучи и ревизорите што го изготвувале извештајот и ги констатирале состојбите.
Скопското Обвинителство, користејќи ги каналите за меѓународна соработка и размена на информации, ќе побара податоци од надлежните органи во Косово и во Албанија за пациенти од тие земји што се лекувале со одредени терапии во РС Македонија, како и за евентуални сознанија за илегална препродажба на лекови за третман на онколошки пациенти во тие земји.
Неформалната група пациенти од Клиниката за онкологија, вчера, до Основното јавно обвинителство Скопје достави список од тројца директни пациенти и еден близок сродник на пациент на Клиниката, кои би биле вклучени и би добиле директен увид во сите докази прибрани во текот на постапката. Во текот на денешниот ден јавните обвинители ќе стапат во контакт со тие лица за да ги повикаат во Обвинителството да потпишат изјави за тајност и да ја договорат динамиката на активностите.
Основното јавно обвинителство Скопје и сите вклучени институции посветено и транспарентно пристапуваат на истражувањето на овој настан, а за сите резултати од постапката јавноста ќе биде веднаш информирана.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот на патниот правец Скопје – Велес е нормализиран во двете ленти
Сообраќајот на патниот правец А1 Скопје – Велес е нормализиран во две коловозни ленти, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради два улични дефекти ф-200 и ф -250 мм на Македонско Косовска Бригада бб (во близина на касарна Илинден), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од улицата Македонско Косовска Бригада и објектот на касарна Илинден, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување санација на дефектите.
Македонија
Одрон во должина од 80 метри на патот Скопје-Велес: сообраќајот кај Сопот се одвива по една лента
Сообраќајот на патниот правец А1 Скопје – Велес, околу два километри пред Сопот, од 21 часот се одвива по една коловозна лента (десната) поради поголем одрон.
Како што информираат oд АМСМ, одронот е во должина од 80 метри.
Фото: илустрација (depositphotos)

