Македонија
Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во Скопје примени 27 нови пациенти

Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во Скопје се хоспитализирани 27 нови пациенти поради компликации од коронавирусот, а вкупно се лекуваат 459 пациенти, соопшти Министерството за здравство.
Во изминатите 24 часа дома се пуштени 35 оздравени пациенти.
Во моментот на Кожната клиника во ковид-центарот се лекуваат 20 пациенти, на Клиниката за неврологија – 29 болни, а на Институтот за ТБЦ се примени вкупно 40 пациенти со симтоми на коронавирусот, во ковид-центарот на Клиниката за нефрологија во моментот се сместени 26 пациенти, на Клиниката за очни болести – 13 пациенти, а на ОРЛ – 21 болен. На Клиниката за гастроентерохепатологија лежат 20 пациенти.
Во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 105 болни, на Клиниката за инфективни болести лежат 141 пациент, а на Иститутот за белодробни заболувања кај децата во Козле има 44 пациенти.
„И покрај големиот број приеми во текот на вчерашниот ден, утрово, до 8 часот, имало 50 слободни места, а се очекува во тек на денот, по направените исписи на оздравените пациенти, да се ослободат и дополнителни места и на Клиниката за инфективни болести и во ГОБ ‘8 Септември’. Сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и може да згрижат пациенти што имаат потреба од кислородна поддршка“, велат од МЗ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Владата на ДПМНЕ со иста фирма склучи ист мегаломански тендер како владата на СДСМ – 380.000 евра кампања за придобивките од ЕУ“, велат од партијата Левица

„Историјата се повторува, овојпат како фарса. Владата на ДПМНЕ реши да потроши над 23,3 милиони денари (околу 380.000 евра) за 45-дневна кампања со која на граѓаните ќе им објаснува колку е добро да бидеме дел од Европската Унија“, велат од партијата Левица.
„Истата оваа услуга пред неполни две години ја купи и владата на СДСМ – со исто времетраење, иста фирма, слична цена: 355.000 евра. Тогаш медиумите блиски до актуелната партија на власт критикуваа за вредноста на договорот, како и за сомнителноста и мистериозноста на компанијата „Вертиго-НМЕ ДОО“, која ја спроведуваше и сега повторно ќе ја спроведува кампањата.
Скандалот е уште поголем доколку се види тендерската документација. За оваа кампања стигнале две понуди: едната вредна 9.211.203 денари, а другата 19.799.919 денари без ДДВ. Владата на ДПМНЕ ја избра втората, односно двојно поскапата!
А додека властите се натпреваруваат кој ќе потроши повеќе за европски спотови, народот тоне во сиромаштија и преку СМС пораки лечи деца или собира донации за повредените од трагедијата во Кочани. Власта упорно троши милиони од народната каса за да продава пропаганда наместо да вложува во реалните потреби на народот и да овозможи нормални услови за живот кои нема да го тераат секој млад човек да си замине од државата.
Со вакви криминални тендери и расфрлање со јавни пари, единствената европска перспектива е дека уште долго ќе ја гледаме ЕУ на скапи билборди и телевизиски спотови“, се наведува во соопштението на партијата Левица.
Македонија
Инвестиции во централното ООУ „Гоце Делчев“ во општина Илинден

Градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски денеска го посети централното основно училиште „Гоце Делчев“ во Илинден, каде во изминатиот период направени се повеќе инвестиции се со цел подобрување на условите.
Градоначалникот Александар Георгиевски истакна дека училиштето е подготвено за новата учебна година при што во изминатиот период направени се доста инвестиции, со цел да се подобрат условите за учениците и спроведување на квалитетен воспитно образовен процес.
За таа цел, за подобрување на квалитетот на часовите и подобрување на образовниот процес, набавени се шест интерактивни (електрични) панели, извршена е целосна санација на подовите на горниот кат, извршена е целосна реконструкција на тоалетите. Исто така извршена е обнова и санација на училишната просторија така наречена медијатека, која се користи како просторија за медиумски клуб. Во надворешниот дел од училиштето извршено е хортикултурно уредување на просторот, известува Општината.
Градоначалникот Георгиевски додаде дека Општина Илинден и во наредниот период ќе продолжи со инвестирање во опрема на сите училишта на нејзина територија, затоа што образованието е една од најважните алки во општеството.
Македонија
(Видео) Филипче: Со ВМРО-ДПМНЕ на власт основните трошоци се зголемени за 4.300 денари, а минималната платата за 1.800 денари

ВМРО-ДПМНЕ за една година ја доведе државата во најголема економска несигурност што сме ја виделе досега, а граѓаните живеат сé потешко, посочи претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче.
Тој нагласи дека додека владата ги користи своите ПР трикови за да прикаже дека во државата добро се живее, реалноста е поразителна- граѓаните се тие што знаат како живеат и каква е реалната состојба со економијата, цените и платите.
„Реалните бројки, не оние измислените од премиерот, покажуваат дека платите стагнираат, цените растат, а граѓаните губат. Инфлацијата е 4,8%, секојдневно растат трошоците и реалноста е дека се живее сè потешко“, рече Филипче.
Говорејќи за животниот стандард, Филипче нагласи дека минималната синдикална кошница, откако ВМРО-ДПМНЕ е на власт, секој месец урива нови рекорди.
„Во јуни 2024 година, минималната синдикална кошничка изнесуваше 60.325 денари, а во август минатата година надмина 61.199 денари. Денес, после една година таа достигна 65.507 денари. Тоа значи дека во периодот откако ВМРО-ДПМНЕ е на власт, основните трошоци за живот се зголемени за околу 4.300 денари. Во исто време, минималната плата е зголемена за само 1.800 денари. Ова е директен удар врз стандардот на граѓаните, рече Филипче.
При тоа, Филипче потенцираше дека реалните бројки, не оние измислените од премиерот, покажуваат дека платите стагнираат, цените растат, а граѓаните губат.
„Премиерот Мицкоски се фали со бројки за „раст на платите од 11, 12 или 13%“. Но, да ги погледнеме реалните бројки. Реалната плата, онаа што ја покажува куповната моќ на граѓаните, во јуни порасна само 3,8%, а пред една година со мерките на СДСМ растот беше 11%. За прв пат после долги години имаме пад на просечната плата во споредба со претходниот месец – тоа беше случај во јуни“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.