Македонија
23,7 отсто од младите во земјата ниту учат ниту работат – „Хера“ со порака до кандидатите за градоначалници
Додека светот денес го слави 12 август – Меѓународниот ден на младите, младите луѓе во државата сè уште живеат во реалност исполнета со системски предизвици, ограничени можности и несигурна иднина, велат од здружението „Хера“.
Оттука, посочуваат на високото ниво на невработеност, неквалитетно образование, недостиг на младински пријателски здравствени услуги, па сè до слабата институционална поддршка и недостигот на безбедни јавни простори, корупција, ги принудуваат младите луѓе да бараат перспектива надвор од сопствената држава.
Според официјалните податоци, 23,7 отсто од младите на возраст од 15 до 29 години се NEET – ниту во образование, ниту во вработување, ниту во обука, што е далеку над европскиот просек и сериозен сигнал за системска негрижа за оваа генерација. Податоците од најновата Национална стратегија за младите 2023 – 2027 укажуваат дека младите во земјата се соочуваат со ограничен пристап до услуги, ниско ниво на учество во јавниот живот и недоверба во институциите – повеќе од две третини од младите сметаат дека не се вклучени соодветно во процесот на донесување одлуки и дури 70 % од младите не се заинтересирани за политиката. Студијата за социо-политичко учество на младите во Северна Македонија потврдува дека половина од младите (51,4 %) сметаат дека властите воопшто не се грижат за своите потреби и проблеми, а само 1,1 % сметаат дека властите целосно се грижат за своите потреби и проблеми. Три четвртини од младите (73,7 %) досега не биле вклучени или консултирани од локалните или националните институциите при носењето одлуки. Загрижува и фактот што 74,4 од младите не припаѓаат на ниедна организација или друга форма на организирање.
И покрај тоа што Законот за младинското учество и младинските политики е во сила од 2020 година, неговата примена на локално ниво е минимална, само 19 општини имаат формирано локален младински совет, а локални стратегии за млади се усвоени само во 7 општини. Во меѓувреме, голем број млади се соочуваат со недостиг на јавни простори, културна изолација и отсуство на неформално образование и менторство.
Ситуацијата со менталното здравје е еднакво алармантна – дури 64 отсто од девојчињата на 15-годишна возраст чувствуваат две или повеќе психосоматски тегоби еднаш неделно, а дури 53 проценти од истата група имаат депресивно расположение. Насилството исто така е во пораст, потребни се програми за унапредување на менталното здравје на децата и младите.
„Во пресрет на претстојните локални избори го користиме овој ден како повик до сите кандидати за градоначалници и за советници изборните програми да ги подготват во консултација и дијалог директно со младите. Бараме конкретни чекори за подобрување на условите за живеење на младите, не декларативна поддршка“, велат од „Хера“.
Здружението предлага воспоставување функционални младински совети во секоја општина со јасна надлежност и транспарентна постапка за избор, како и реално влијание врз локалните политики и буџети. Тие бараат воведување посебна буџетска ставка за младински политики и директно учество на младите во креирање и надгледување на трошењето.
Дополнително, „Хера“ инсистира на обезбедување достапни, бесплатни и безбедни јавни простори и младински центри, особено во помалите и во руралните средини, како и поддршка за младинско вработување преку локални програми, менторски хабови, иновациски центри и субвенции за млади претприемачи.
Здружението предлага и воведување локални служби за ментално здравје, со психолози, социјални работници и мобилни тимови достапни за младите, како и поттикнување соработка со младински организации за неформално образование и културни програми. Младите треба да бидат вклучени и во подготовката и во реализацијата на сите локални развојни стратегии.
Се додава и дека заминувањето на младите од државата нема да се реши со кампањи и повици за патриотизам и раѓања деца. Ќе се реши со конкретни, мерливи и долгорочни инвестиции во нивниот потенцијал и услови за живеење.
Локалната власт е првата линија на контакт со младите во државата и токму таму треба да се почне со вистинските промени.
Ги повикуваат институциите, политичарите, медиумите и граѓанското општество да ја третираат младината не како маргинална група за отчет, туку како рамноправни партнери во носењето одлуки и креирањето на иднината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски.
„Наместо да ги спроведе реформите што Европа ги бара две години, Мицкоски нуди само изолација и анти-ЕУ кампања. Преку 70% од граѓаните сакаат ЕУ – а тој зборува за „булинг“ и „прва и втора лига“. Тоа не е булинг, тоа е последица од неисполнување на обврските: правда, слобода на медиуми, борба против корупција. ВМРО секојдневно создава конфликти со соседите а на критиките од Брисел одговара со напади врз ЕУ. Затоа нема напредок, затоа 5 тони дрога излегуваат преку македонската граница неказнето, затоа судството и обвинителството се под контрола, а медиумите се задушени преку моделот на Орбан. Европа ни даде јасна шанса до 2027, заедно со регионот! Црна Гора и Албанија напредуваат. Ние? Само ако престанеме со оваа политика на изолација што намерно ја турка Мицкоски. Мицкоски ВМРО не сакаат ЕУ – сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност. Тоа е криминална вредност. Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски“ стои во реацијата на претседателот Филипче.
Македонија
(Видео) Не гледам потреба за одржување на предвремени парламентарни избори, вели премиерот Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски не гледа потреба за одржување на предвремени парламентарни избори. Тој нагласи дека во разговорите со меѓународната заедница и со граѓаните како главен приоритет се посочуваат реформите и нивната реализација.
„Тоа е она што е главен фокус и приоритет на оваа Влада. Реформи и испорака. Се разбира дека ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија во државата мора да се однесува одговорно кон граѓаните, иако после локалните избори и оној апсолутен триумф, политички гледано нас ни одговара да има предвремени парламентарни избори, но и покрај сето тоа нашиот приоритет и фокус е испорака и реформи за подобар живот и стандард на граѓаните“, истакна Мицкоски.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, морало се да оди по насока на Заев
Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристо Катевеновски, поранешен судија на Врховниот суд тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашните власти СДС и ДУИ. На судско рочиште судијата Катевеновски истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, и дека ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие. Но, по само еден ден од оваа дадена изјава на Катевеновски, кој вели дека била дадена зад затворени врати, Судскиот совет свикал итна седница на која тој бил разрешен. Сведоштвото на Катевеновски води кон тогашните власти, а како што вели тој – неговото разрешување дошло од СДС и ДУИ, или во превод од Зоран Заев и Али Ахмети“, рече Манасиевски.
Тој истакна дека „правдата и вистината која Заев ја ветуваше кога дојде на власт се покажа како селективна“.
„Но, она што е клучно е тоа дека повторно добиваме сведоштва за притисокот на СДС и ДУИ, кон правосудните органи. Она кое ние го говориме во јавноста со години, сега веќе и се потврдува. Тие биле оние кои одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одреден случај. СДС и ДУИ си ја партизираа државата и нејзините институции. ВМРО-ДПМНЕ тоа повеќе нема да го дозволи повеќе. Потребна е одговорност!“, заклучи Манасиевски.

