Македонија
30-годишник призна вина за ширење омраза: коментирал објави за Парадата на гордоста во Скопје и повикувал на насилство
Постапувајќи по поднесен обвинителен предлог од Основното јавно обвинителство Скопје, Основниот кривичен суд Скопје донесе пресуда со која осуди едно лице за кривично дело ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем од член 394-г став 1 од Кривичниот законик.
Пресудата е изречена на единствено рочиште врз основа на признание на вина од страна на обвинетиот, кој прифати дека делото што му се става на товар го сторил во време, место и на начин како што беше опишано во поднесеното обвинение.
Врз основа на тоа судот ја утврди како неоспорна фактичката состојба дека сега осудениот на 26.2.2022 година преку компјутерски систем во јавноста ширел репрезентации на идеи што поттикнуваат омраза против маргинализирана група.
Од својот профил на социјална мрежа 30-годишниот скопјанец коментирал на објави на еден информативен портал, кои се однесувале на организација на Парадата на гордоста во Скопје. Во коментарите повикувал на насилство и поттикнувал омраза кон припадници на ЛГБТИ-заедницата како припадници на маргинализирана група врз основа на сексуална ориентација.
За стореното судот го огласи за виновен и му изрече казна затвор во траење од 1 година, која нема да се изврши доколку за време од една година од правосилноста на пресудата не стори ново кривично дело. Пресудата XVII К-913/24 на Основниот кривичен суд Скопје е правосилна и извршна.
Основното јавно обвинителство Скопје, имајќи ги предвид европските стандарди за заштита од омраза и дискриминација, активно го следи постапувањето во овие предмети за што е назначен посебен јавен обвинител.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Минусни температури низ целата земја, на Попова Шапка измерени -16 степени
Утрово најстудено било на Попова Шапка кадешто се измерени -16 степени целзиусови, -14 било во Mаврови Анови, -13 во Kрушево, -12 во Пожаране, -11 во Крива Паланка, -10 Ѓуриште, Берово, -9 Тополчани, Битола, Прилеп, Охрид, -8 Виница, Претор, Тетово, Струмица, -7 Скопје-Петровец, -6 Штип, Демир Капија, -5 Скопје-Зајчев Рид, Куманово, Кавадарци, Велес, -1 Гевгелија.
Висината на снежната покривка измерена во седум часот утрово изнесува 26 сантиметри на Попова Шапка, 15 Крушево, 5 Ѓуриште, 2 Тетово и Берово.
Времето денеска
Променливо облачно. Ќе дува слаб до умерен, а наместа долж Повардарието и во источните делови повремено засилен ветер од северен правец.
Максималната температура ќе биде во интервал од -4 до 3 степени.
Во Скопје, претежно сончево. Ќе дува слаб до умерен, а претпладне во делови од котлината повремено засилен северен ветер. Максималната температура ќе достигне до 1 степен.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места со мали остатоци од кашест снег на коловозот
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП Македонијапат.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Мицкоски е во паника, опозицијата освои двојно повеќе гласови од власта, велат од СДСМ
„Мицкоски мора да е во голема паника штом свика прес конференција да се пофали дека опозицијата освоила повеќе гласови од владејачките партии“, велат од СДСМ.
„Дури и со сите можни злоупотреби на институциите и притисоци, кандидатите за градоначалници од опозициските партии освоија двојно повеќе гласови од кандидатите на владејачките партии.
Опозицијата освои двојно повеќе гласови, 21.394 гласови а власта само 12.534 гласа. Заклучокот е едноставен, власта на ВМРО, ВЛЕН и ЗНАМ загуби вечерва и тоа убедливо“, соопшти СДСМ.

