Македонија
(Видео) 40-годишнината од формирањето на „тигрите“ одбележана со нов назив и нови амблеми

Специјалната aнтитерористичка eдиница при МВР, позната како „Тигар“, денеска одбележа 40 години од своето постоење.
„Оваа единицата е синоним за професионалност, за максимална храброст и подготвена е да се спротивстави на каков и да е предизвик со кој е доведена во прашање безбедноста на земјата и граѓаните“, рече премиерот, Зоран Заев, во своето обраќање по овој повод.
„Секој припадник на оваа единица е апсолутно свесен какви ознаки носи на својата униформа и дека таа чест и привилегија од секој нејзин припадник бара крајно високи и специфични вештини и етика. Убеден сум дека реорганизираната и модернизирана Специјална антитерористичка единица – Тигар ќе го продолжи трасираниот четириесетгодишен пат на високо мотивирана, врвно организирана и подготвена служба, која заедно со сите останати сегменти на нашиот безбедносен систем е гарант за мирот и безбедноста на граѓаните и за заштитата на уставниот поредок на државата“, рече Заев.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во обраќањето потенцира дека денешното одбележување на 13 март има своја исклучителна посебеност од две причини.
„Првата е дека денес одбележуваме еден многу значаен јубилеј, а тоа е четиридецениско постоење на единицата и втората, фактот дека како резултат на нашите заеднички реформски напори и стандардизирањето согласно критериумите на НАТО и ЕУ, ја промовираме единицата во Специјална антитерористичка единица – Тигар, назив што сосема соодветствува со новата структурно-концепциска надградба на оваа полициска организациона единица“, рече Спасовски, додавајќи дека специјалната единица сега по ништо не заостанува од истородните елитни полициски единици во Европа.
Од денес наместо Единица за специјални задачи (ЕЗС) „Тигар“, називот се преименува во Специјална антитерористичка единица (САЕ) „Тигар“.
Командантот на единицата, Митко Даневски, рече дека од формирањето до денес низ редовите на единицата поминале 700 припадници на македонската полиција, а посебно место во историјата на единицата имаат полициските службеници кои ги дадоа своите животи извршувајќи ја својата должност, на првата борбена линија.
„Специјалната антитерористичка единица ‘Тигар’ во изминатите 40 години беше и продолжува да биде чувар на уставниот поредок на државата, во борбата против тероризмот и организираниот криминал, гарантирајќи го мирот, слободата и безбедноста на сите граѓани на нашата земја“, рече Даневски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Филипче: Мицкоски е скапо платен спроведувач на интересите на држави кои не ѝ мислат добро на Македонија

За една година ВМРО-ДПМНЕ ја заглави државата на меѓународен план, станавме држава заложник на туѓи интереси, кажа претседателот на Социјалдемокртаскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на вечерашната трибина „Мугра на Слободата“, во Крушево.
Тој рече дека Владата на ВМРО ДПМНЕ од држава со јасна иднина напред, ја направи држава заложник на туѓи интереси.
„За една година ВМРО-ДПМНЕ ја заглави државата на меѓународен план. Од држава со јасна иднина напред, станавме држава заложник на туѓи интереси кои што ја раководат оваа власт преку финансиско заложништво. Мицкоски е скапо платен спроведувач на политики на држави кои не и мислат добро на Македонија, туку ја гледаат само како поле за своите геостратешки интереси“, рече Филипче.
Тој обвини дека Мицкоски со новите задолжувања направил вистинско предавство на интересите на државата.
„Долговите од 7 милијарди евра ќе бидат камен околу вратот за секој млад човек и за развојот на државата во следните 10 години. Ова е вистинско предавство на националните интереси, вистинско предавство на државата“, рече Филипче.
Во обраќањето пред присутните граѓани во Крушево, Филипче рече дека премиерот Мицкоски ја турка Македонија во амбисот на криминалот, корупцијата, самоволието, киднапирајќи ја европската иднина за државата.
Македонија
(Видео) Филипче: Димитриевски му слугувал на Мицкоски за да се спаси од политички прогон

На вечерашната граѓанска трибина „Мугра на слободата“ која се одржа во Крушево, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во своето обраќање рече дека кумановскиот градоначалник Миксим Димитриевски му слугувал на Мицкоски за да се спаси од политички прогон.
„Максим Димитриевски конечно се потврди за што е влезен во коалиција со Мицкоски и која беше неговата цел. Не била само поделбата на СДСМ. Негова цел била да се спаси од правен прогон. Скандалозно е и преседан е во судството на само еден ден од носење на пресуда обвинението против него да се повлекува. И ова е јасен знак дека тој е политички заштитен од Христијан Мицкоски и дека е сега негов вечен должник. Јасно е зошто тројанскиот коњ Димитриевски беше задолжен да го дели СДСМ. Сега повеќе никој не му верува“, рече Филипче.
Оценувајќи ги меѓупартиските релации, тој во своето обраќање партиите ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ ги нарече колаборациоалисти.
„ВМРО-ДПМНЕ и нивниот привезок ЗНАМ се колаборационисти. Со години лажат и шират хистерија дека тие ќе се „бореле со Бугарите“, а впрочем тие се тоа. Нема кој нема бугарски пасош од нив и не е проблем да имаш бугарски пасош, од било која причина – економска, социјална или лична – но лицемерно е да се правиш патриот дека ќе се бориш против „бугарски диктат“ а да имаш фирми во Бугарија, државјанства, и разни други интереси. За нив може ЕУ, за другите не може“, рече Филипче.
Македонија
Мицкоски: Ќе воведеме обврска институциите да одговорат на барањата на граѓаните, задолжително и во најбрз рок

Ќе воведеме обврска институциите да одговорат на барањата на граѓаните, задолжително и во најбрз рок, најави премиерот и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешната трибина во Струмица насловена „Една година ги градиме темелите на македонското земјоделство и храна“.
„Свесен сум дека мора да направиме и многу други работи. И работиме на тоа. Мора да се знае дека граѓаните ќе бидат на прво место. Затоа предвидуваме гаранција за услуга, во рок од 5 дена во сите општини и институции. Тоа нема да биде желба , туку закон. Секој граѓанин ќе добие одговор. Навреме, точно и без чекање. Ќе воведеме нова услуга каде администрацијата, за првпат, ќе биде таа што ќе го бара граѓанинот, а не спротивно. Ставаме крај на молкот, одложувањата и бирократската ароганција. Ќе обезбедиме гарантиран максимум на чекање во институциите. Ќе постојат јасни граници и секое прекршување ќе се казнува. Почит за времето на граѓанинот ќе биде основна вредност на новата јавна администрација. Ќе воведеме Јавна листа со времиња на чекање по сите здравствени установи. Транспарентноста ќе стане стандард, пациентите ќе знаат каде ќе добијат најбрза услуга“, кажа Мицкоски.
Тој истакна дека во образованието ќе се воведе предмет за изучување на вештачката интелигенција.
„Воведување предмет за изучување на вештачка интелигенција во образованието. Нема повеќе да учиме само за минатото, ќе ги подготвиме генерациите за иднината, за новата економија, за дигиталната ера што веќе тропа на вратата. Ова е визијата што ја градиме“, посочи Мицкоски.