Македонија
543 лица возеле побргу од дозволеното, 252 биле без возачка дозвола: вкупно 2.553 сообраќајни прекршоци изминатиот викенд

Во петокот и во деновите од минатиот викенд како резултат на активностите, односно сообраќајните контроли спроведени од полициски службеници на патиштата низ земјава, беа издадени вкупно 2.553 платни налози, повеќето по однос на прекршувања на одредби од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, извести МВР.
„Притоа, заради непрописно паркирање беа изречени 545 прекршочни платни налози, и речиси исто толку, односно 543 прекршоци по основ на неприлагодена брзина на движење согласно пропишаната. Исто така евидентирани се и 150 прекршоци поради користење мобилен телефон при возење, 340 платни налози за некористење сигурносен појас како и 20 прекршоци по основ на неносење заштитен кацига при возење мотоцикл. Во посочениот период дури 252 учесници во сообраќајот се затекнати без возачка дозвола, 104 лица управувале под дејство на алкохол, седум минале на црвено светло, а санкционирани се и 12 пешаци.
Инаку според Законот за возила од сообраќај вкупно биле отстранети 81 возило, од кои 28 заради техничка неисправност, а 58 затоа што не биле регистрирани“, соопшти МВР и додаде дека сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
По голготата со лифтовите во зградата на МТВ кои не работеа, најпосле се сервисирани

Службата за општи и заеднички работи на Владата (СОЗР) ги сервисираше и стави во целосна функција сите четири лифтови во зградата на МТВ во која канцелариски простории користат над 20 државни институции.
„Лифтовите сега се целосно оперативни и обезбедуваат сигурен, брз и лесен пристап до сите катови, што значително го подобрува функционирањето на институциите и услугите кои ги нудат“, велат од Владата.
Во изминатите години, лифтовите во зградата често беа неисправни, што создаваше големи проблеми за вработените и граѓаните кои имаа потреба од завршување административни работи во некоја од државните институции, што ја отежнуваше работата во институциите и пристапот до важни услуги.
Зградата на Македонската радио телевизија има 24 ката.
Македонија
Минчев и унгарскиот амбасадор: „Важна е размената на добри искуства и практики“

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, денеска оствари протоколарна средба со амбасадорот на Унгарија во Република Македонија, Андраш Клеин.
На средбата се разговараше за унапредување на билатералната соработка во областа на јавната администрација и професионализацијата на административните служби.
Двајцата соговорници ја истакнаа важноста на размената на добри практики и искуства, како и можностите за зајакнување на институционалната соработка преку проекти поддржани од ЕУ и билатерални иницијативи.
Министерот Минчев изрази благодарност за досегашната поддршка од Унгарија и ја потенцира подготвеноста на Министерството за понатамошна соработка во насока на модернизација на јавниот сектор и приближување кон европските стандарди.
Амбасадорот, од своја страна, ја нагласи определбата на Унгарија за продолжување на партнерството со Република Македонија, особено во контекст на европските интеграции и реформите во јавната администрација.
Средбата помина во пријателска и конструктивна атмосфера, а двете страни изразија подготвеност за интензивирање на комуникацијата и конкретизирање идни иницијативи од заеднички интерес.
Македонија
Таткото на Вања: Во полицијата нѐ убедуваа дека се регрутирала за ИСИС и избегала во Шведска

Александар Ѓорчевски, таткото на убиената Вања Ѓорчевска, кој е еден од осомничените за случајот, денеска првпат сведочеше во Основниот кривичен суд во Скопје.
Тој тврди дека нема инволвираност ниту со случајот ниту со обвинетите, кои не ги познава, а и не може повеќе да ги гледа.
„Немам никаква инволвираност со овие луѓе, од чии искази во текот на постапката забележавме дека не чувствуваат ниту вина ниту се каат. Тие демонстрираат гнев и разочарување од ‘царот’“, рече тој мислејќи на првообинетиот Љупчо Палевски-Палчо, кој бил запишан „царот“ во телефонот на обвинетот Кешишев.
На секое рочиште сведочеше осомничениот татко, слушам што му правеле на моето дете. Кој имал задача да ја грабне и да ја врзе, ја трескале во багажници, ја ставале по вреќи. Се обидувале да ги замачкаат доказите.
Рече дека од самиот почеток полицијата се сомневала во него. Тапкале во место, му покажувале фотографии од девојчиња, да потврдат дали тоа е Вања, ги убедувале дека не си го познаваат детето, дека Вања избегала со некој дечко накај Тетово или решила да помине пат од 4 илјади километри до Шведска.
„Од комјутерот на Вања дознаа дека со другарче од платформата ‘Дискорт’ разменувале мислења и ги споредувале Библијата и Куранот, па нѐ убедуваа дека се регрутила наводно за ИСИС и отпатувала во Шведска. ИСИС, јас и не знам што е тоа. Еден од испекторите, Кире се викаше, зборуваше на дијалект од источна Македонија, на еден од долготрајните состаноци во полициската станица. Му се обратив со повисок тон, цитирам: ‘Киднапирана е, Кире, киднапирана е’. Не е дека по своја волја скршнала од патот кон училиштето“, сведочеше таткото.
Вели дека на состаноците во полицијата го правеле ретардиран во целата ситуација, а истрагата била водена во погрешна насока.