Македонија
55 години од катастрофалниот земјотрес – Скопје се разбуди со звукот на сирените
Скопје денеска се разбуди во 5:17 часот наутро со звукот на сирените во знак на потсетување на катастрофалниот земјотрес што се случи пред 55 години на 26 јули 1963 година во 5:17 часот. Група урбани уметници од Центарот за современи уметници реализираа аудио акција точно во точно 5:17 минути на пет различни локации низ градот и ги потсетија скопјани на точното време на трагичниот настан.
Со оваа аудио акција, урбаните уметници дадоа нивен оригинален придонес во оддавањето почит на жртвите од земјотресот и внесоа нова димензија во одбележувањето на оваа скопска трагедија.
Со влегувањето на звукот на сирените во домот на скопјани и будењето на граѓаните во 5:17 часот на најдобар начин кај секој жител на Скопје ќе се вреже сеќавањето на земјотресот, тажните сеќавања за трагедијата кои со тек на времето нема да бледнеат од генерација до генерација, бидејќи секој што ќе го чуе звукот на сирените ќе се потсети на катастрофата од далечната 1963 година и во својата меморија ќе го вреже датумот 26 јули.
Денеска се навршуваат 55 години од катастрофалниот земјотрес што го погоди Скопје во кој 1070 луѓе го загубија животот, а 3 000 беа повредени. Земјотресот кој го разурна градот се случи на 26 јули 1963 година во 5 часот и 17 минути, а помали потреси имаше до пет часот и 43 минути. Беа урнати 15 800 станови, а оштетени 28 000. Над 200.000 луѓе остана без покрив над глава.
Градоначалникот Петре Шилегов синоќа во Галеријата на графити во Градскиот трговски центар присуствуваше на главниот настан во рамките на манифестацијата „Скопје зборува“ (23-26 јули) која ја одбележува 55-годишнината од катастрофалниот земјотрес.
„Во само едно деноноќие на 26 јули 1963 година отсликана е сета егзистенцијална, лична и колективна драма која сведочи за трагиката на човековото постоење. Оттука, да се зборува за кобниот 26 јули 1963 година прераснува не само во носталгија по старо Скопје туку и во етички императив кој и денес е дел од животот во градот. Посакувам никогаш повеќе градот Скопје да не се бори со природни катастрофи од вакви размери, како што беше земјотресот од 26 јули 1963 година. Да шири оптимизам и да настојува во нашата средина да завладее еден поинаква перцепција на нештата кои се нераскинлив дел од развојот на овој град. Од денешна перспектива, градот Скопје е потврда на кажаново, а воедно е и голем поттик и обврска на сите нас заедно, да го чуваме и да го сакаме нашиот град“, изјави Шилегов.
По катастрофалниот земјотрес први кои им пристигнале на помош на скопјани биле граѓаните од поранешните југословенски републики, а веднаш потоа почнала да пристигнува помош и спасувачки екипи од целиот свет.
„Во реализацијата на широката програма од акции, суштествени за изградбата на Скопје, својата помош ѝ ја обзнанија сите оние домашни и меѓународни сили, хуманитарни организации, исклучителни личности кои го почитуваа Скопје, сочувствуваа со катастрофата и сакаа да придонесат разрушеното Скопје повторно да се роди. 87 нации испратиле најразлична помош и помогнале во изградбата на новото Скопје – ’Градот на солидарноста’. По земјотресот новото Скопје со својата култура, урбано-економска, географско-просторна, демографска и културолошка специфичност, станува модерен град“, нагласи Шилегов.

Во своето обраќање, Шилегов ги повика скопјани, како жители на Градот на солидарноста, да бидат хумани и да донираат помош за настраданите во соседна Грција.
Присутните граѓани во рамките на манифестацијата „Зборува Скопје“ имаа можност да ја погледнат проекцијата на краткометражниот филмски колаж на младата режисерка Дина Дума насловен како „Скопје сонува“ и перформансот „Тивка реконструција на земјотресот“ на Билјана Радиноска, како и да се забавуваат во музичката програма „Разговор со смисла“, односно во концерти на Mammoth & Yashem, Тодор Караколев, импров сесија со музичари од новата скопска сцена.
Сите настани од манифестацијата „Зборува Скопје“ се тематски врзани со скопскиот земјотрес и претставуваат извесно видување на овој настан од 26 јули 1963 година, низ очите на младите уметници и нивното реконструктивно доживување на оваа трагедија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.

