Македонија
650 деца и млади од 10 земји ќе се дружат и ќе учат на „Џифони Македонија“
Седмото издание на Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“ ќе се одржи од 12 до 17 октомври на повеќе локации во Скопје. Шестдневната програма ќе содржи богата филмска понуда, креативни работилници, мастер-класови и низа други креативни и едукативни активности кои ќе вклучат околу 650 деца и млади од 10 земји, на возраст од 11 до 19 години.
Главната тема на која ќе се фокусираат е заштитата на човековата средина, со посебен акцент на воздухот. Не помалку важни теми во повеќето филмови и активности ќе бидат и безбедноста на интернет и борбата против врсничкото насилство. И годинава во главната програма имаме внимателно селектирани филмови, а учесниците, поделени по возрасни групи, во улога на жири ќе ги одберат најдобрите филмови за младата публика. Освен децата од нашата земја, во жирито ќе учествуваат и 50-ина деца од странство, кои за време на фестивалот ќе бидат гости во домовите на своите другарчиња.

Фестивалот ќе биде отворен на 12 октомври (сабота) во 19 часот во киното „Милениум“ во Скопје со италијанскиот филм „Несовршена доба“ (L’età imperfetta) на режисерот Улисе Лендаро.
„Џифони Македонија“ е дел од големото семејство на „Џифони експериенс“ од Италија, најголемиот и најважниот културен настан во светски рамки посветен на филмот и наменет за децата и младите, кој в година ќе одбележи 50 години од своето постоење. Иако јубилејот официјално се одбележува в година, активностите по повод полувековното постоење на оваа важна манифестација веќе се во тек. Токму „Џифони Македонија 2019“ ќе биде првиот меѓународен настан во рамките на јубилејот.
Оваа година во рамките на „Џифони Македонија“ имаме чест да бидеме домаќини на патувачката училница Una vita da social – „Живот на социјалните мрежи“, која веќе седум години реализира едукативни средби со ученици, студенти, наставници и родители низ Италија. Училницата е дел од европскиот проект „Поврзани генерации“ – Безбеден интернет-центар, координиран од италијанското Министерство за образование и наука, а во изведба на експерти од Одделението за безбедност во комуникациите при италијанското Министерство за внатрешни работи. Особена чест за нашата земја претставува фактот што токму на „Џифони Македонија“ ќе се реализира првата меѓународна активност на оваа патувачка училница надвор од Италија.
Во натпреварувачката програма ќе бидат 15 играни филма распределени во три возрасни групи: јуниори (10-14 години), кадети (14-16) и сениори (16-19), а секој од филмовите ќе биде проследен со дискусија на темите на филмовите што ги засегаат младите. Покрај тоа, ќе бидат прикажани повеќе кратки филмови со посебен фокус на италијанските. По проекцијата на краткиот филм „Јас не сум Игор“ во режија на Сергеј Георгиев, кој говори за предрасудите, дискриминацијата и идентитетот, учесниците ќе разговараат со режисерот и со младиот актер Стефан Спасов, кој ја игра главната улога.
Краткиот филм создаден од средношколци со наслов „Светлина“, во режиjа на Мартин Чичовски, ќе биде прикажан претпремиерно и ќе биде проследен со разговор со авторите.
Претпремиерно за учесниците на „Џифони Македонија“ ќе биде прикажана и првата епизода од втората сезона на серијата „Фамилија Марковски“, во режија на Даријан Пејовски, по што младите учесници ќе се сретнат со дел од екипата на оваа серија.
Покрај филмската програма, голем дел од програмата на фестивалот има едукативен карактер. Преку мастер-класови, предавања и работилници, младите ќе осознаат нови информации и вештини, ќе се спознаваат и ќе ја развиваат својата креативност. Мастер-клас ќе одржи директорот и основач на Филмскиот фестивал „Џифони експириенс“, Клаудио Губитози. Во предавањето со наслов „50 години од Џифони: приказна за еден успех и за човекот кој го осмисли“, тој ќе им го пренесе на младите своето искуство од овие 50 години и ќе им ја раскаже приказната за тоа како една идеја што се роди во едно мало гратче на југот на Италија кога тој имаше само 18 години успеа да прерасне во најголемиот фестивал за деца и млади во светот.
Ќе следуваат серија мастер-класови и предавања посветени на животната средина, во организација на активистите и движењата активни во земјата, како „О2 иницијатива“, „Екосвест“ и Fridays For Future – Скопје. Здружението за проектен менаџмент „ПМИ Македонија“ ќе одржи интерактивна средба на тема проект-менаџментот во секојдневниот живот, а Светските обединети колеџи – СОК Македонија (United World Colleges – UWC Macedonia) ќе ги запознаат младите со своите активности и со можностите за добивање стипендии за школување во странство.
Кај јуниорите, најмладите учесници од 10 до 14 години, ќе се поттикнува креативноста преку три работилници. За нив, во соработка со „Балкан синема ситис“, ќе има и еднодневна работилница наречена „Готвиме филм“, на која покрај филмската проекција најмладите ќе готват заедно со Давор Панчевски (Dave’s Kitchen). Дел од најмалите учесници на фестивалот ќе ги презентираат резултатите од филмската работилница реализирана минатата учебна година во соработка со Општина Центар. Кај кадетите и сениорите ќе се одвиваат шест работилници посветени на филмот, фотографија, филмска шминка, анимација, за мотивирачки вештини и други.
Во забавниот дел, групата „Дупер“ ќе го промовира спотот за најновата песна и ќе се сретне со младите, а ќе има и заедничка забава со диџејот Џани Мирабело од Италија, кој пред пет години како ученик учествуваше на фестивалот „Џифони Македонија“.Исто така, на меѓународната вечер сите 10 земји-учеснички ќе се презентираат со свои штандови со промотивни материјали и специјалитети, а младите учесници ќе се претстават пред своите врсници.На свеченото затворање на фестивалот, на 17 октомври во 19 часот, во киното „Милениум“ ќе биде презентирано сето она што џифонците ќе го создадат на сите работилници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

