Македонија
80% од починатите и 69% од новите случаи со Ковид-19 се невакцинирани

Министерството за здравство ја објави анализата за вакцинирани од позитивни случаи со Ковид-19 во периодот од 6 август заклучно со 18 ноември годинава.
Како што појаснуваат од ресорното министерство, за вакцинирани се сметаат лицата кои примиле две дози и поминале најмалку 14 дена од примање на втората доза вакцина.
„Во наведениот период, на територија на државата 53.682 граѓани биле позитивни на Ковид-19, од нив 31% биле целосно вакцинирани, односно 16.702 лица. Според статистиката за изминативе месеци, 36.980 граѓани, односно 69% од позитивните на Ковид-19 не биле вакцинирани. Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани е голем – од моментно 534 хоспитализирани пациенти, 123 се целосно вакцинирани“, се наведува во извештајот.
Како што нагласуваат од министерството, кај невакцинираните драстично е поголема и смртноста.
„Во анализираниот период од 6 август до 18 ноември на територија на државата од вкупниот број починати, 80% биле невакцинирани, а 20% од починатите примиле вакцина. Според анализите, починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања“, велат од ресорното министерство.
Од таму апелираат граѓаните да се вакцинираат бидејќи, како што велат, само така ќе се дојде до колективен имунитет и ќе се спречи ширење на мутации на коронавирусот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Претежно облачно со услови за дожд и снег

Времето денеска ќе биде умерено до значително облачно со услови за слаб дожд, на планините и на повисоките места слаб снег, претежно во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -5 до 3, а максималната ќе достигне од 3 до 9 степени.
Во Скопје претежно облачно, во раните утрински часови во делови од котлината ќе има услови за врнежи од слаб дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на променливо облачно време. По одделни котлини ќе има појава на магла и ниска облачност, а локални врнежи од дожд се очекуваат во четврток. Утринските и дневните температури ќе бидат во постепен пораст.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода

ЈП Водовод и Канализација известува дека денеска поради изведување на водоводен приклучок од ф 80мм на улицата Васил Стефановски бр 2. без вода ќе останат корисниците на дел од улиците Васил Стефановски, Костурски Херои, Борка Талевски, Петар Поп Арсов, 9-ти Мај, Роза Луксенбург, Христо Смирненски во општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување на интервенцијата.
Македонија
Без струја дел од Бутел и Карпош

ЕВН Македонија АД известува дека денеска без електрична енергија ќе останат делови од општините Бутел и Карпош.
– во периодот од 09.00 до 14.00 часот, корисниците од дел улица Радишани и дел од улицата Бел камен во општина Бутел,
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците од дел од корисниците од улицата Јури Гагарин во општина Карпош.