Македонија
Kисела Вода добива нова градинка во Расадник
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски заедно со премиерот Христијан Мицкоски, заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, и директорот на ЈДГ „8 Март“, Силвана Савовска, денес поставија камен-темелник на нова градинка во населбата Расадник со капацитет за 120 деца.
Со изградбата на оваа и завршувањето на објектот „Верверичка“ и градинката во Потстаница, чија изградба е во процес, Кисела Вода целосно ги затвора листите за чекање за упис во градинка, а ќе може да прими и деца од други општини.
„Денес е значаен ден за нашата општина. Со огромна гордост и задоволство го означуваме почетокот на изградбата на новата детска градинка, тука, во Расадник, која ќе може да прими 120 дечиња. Меѓу нив, ќе има место и за најмладите бидејќи објектот, кој ќе се протега на површина од 795 квадратни метри, со 6 занимални, од кои две се за јасли, значи исполнување едно огромно барање на жителите на Расадник. Вредноста на овој капитален проект е 35 милиони денари. Она што сакам да го нагласам е дека со завршувањето на изградбата на овој објект, листите на чекање во градинката ‘8 Март4 целосно ги затвораме. Истовремено, ќе потсетам дека од почетокот на мојот мандат, со наследена листа на чекање со 450 деца, во изминатите три години вложивме во отворање две нови детски градини и проширување на капацитетите и обнова на дури седум други објекти. Со тоа, во општина Кисела Вода, сега за упис чекаат само 40-ина деца. Во моментот во завршна фаза е изградбата на градинката ‘Верверичка’, во близина на општинската зграда, а веќе сме во процес и за изградба на нова градинка во населбата Потстаница. Со завршувањето на овие објекти, вклучително и денешниот, нема само да ги елиминираме листите на чекање, туку ќе обезбедиме поголем простор, комфор и подобри услови за децата од Кисела Вода, а ќе имаме можност да примаме и дечиња од други општини. Сакам искрено да им се заблагодарам на Владата на Република Македонија и на премиерот Христијан Мицкоски за инвестициите и заложбите во сите сфери на општественото живеење, кои и на локално ниво значат огромен напредок за секоја заедница. Ова е потврда дека само со заеднички напори можеме да постигнеме трајни резултати“, истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски упатувајќи благодарност и надеж за успешна соработка и со Министерството за труд и социјална политика и со министерот Лимани и заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, со кои рече дека силно верува оти делат заедничка благородна цел – со иста посветеност да создаваат услови за посреќно и безгрижно детство на нашите најмлади.
Претседателот на Владата Христијан Мицкоски му честита на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски за посветената и неуморна работа што ја прави секојдневно во Кисела Вода, како и на сите советници, пратеници, директори, административни служби, кои се дел од големите проекти во интерес на граѓаните. Најави нов инвестициски бран во општините, кој ќе се одвива во февруари.
„Проектите, како оваа градинка, се прават за најмладите, за оние на кои им е потребно, своите најрани години да ги поминуваат во објекти каков што е овој. Тој според рокот ќе биде готов за две години, но убеден сум дека ќе биде и порано. Ние продолжуваме да инвестираме на целата територија на Македонија. Продолжуваме и понатаму како Влада преку оној проект за децентрализација, од буџетски средства кон општините, да инвестираме на целата територија на Македонија. Веќе неколку проекти во Кисела Вода се потпишани во овој прв бран, сега во февруари ќе има уште еден втор бран проекти, кои ќе бидат потпишани, и на тој начин ја заокружуваме онаа инвестициска активност за оваа и за 2025 година по што веќе почнуваме да правиме планови за 2026 година. Импресионира посветеноста на градоначалниците, чекор што го поздравувам и ги повикувам и понатаму да бидат дел од проектите што ќе ги финансира Владата“, изјави Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ некогаш беше државтворна партија, а сега се занимава со трач муабети, реагира движењето ЗНАМ
Движењето ЗНАМ за Наша Македонија реагираше на, како што наведуваат, обвинувањата од СДСМ, оценувајќи дека партијата „бега од одговорност со навреди, етикетирања и лични дискредитации“.
Во реакцијата, од ЗНАМ наведуваат дека СДСМ, наместо да понуди аргументи и одговори за кономската и институционалната состојба во државата, се занимава со „озборувања“ и „трач муабети“.
Партијата оценува дека СДСМ, која некогаш беше државотворна партија, денес е сведена на фабрика за навреди, конструкции и политички отров, како и дека со улична реторика покажува нервоза и очај.
Од ЗНАМ нагласуваат дека движењето не е ничја квислиншка група, туку автентична политичка сила создадена од граѓани разочарани од владеењето на СДСМ.
Во реакцијата се споменува и периодот на владеење на Зоран Заев, при што се изнесуваат критики за, како што наведуваат, националните политики и управувањето со државата. Се споменува и поранешниот министер за здравство Венко Филипче, при што се посочуваат, како што стои во реакцијата, контроверзии и сомнежи за тендери и набавки.
„Политиките на Зоран Заев останаа запаметени како период во кој националните интереси се ставаа на распродажба без јасен консензус и без чувство за државничка мерка. Со рачето на срце се промовираше како чесен и достоинствен, а всушност државата ја претвори во сопствен приватен бизнис. Симболиката на „едно евро за Вицето, едно за црквата“, беше само дел што нештото го докажува. Ги распродадоа македонските национални позиции на ангро, без јасна стратегија и без поддршка, ја разнишаа довербата во институциите и ја продлабочија поделбата во општеството. И по сето тоа, истите тие кругови, истото тоа раководство, се обидуваат да зборуваат за морал и одговорност, како граѓаните да немаат паметење. Во периодот кога со здравството раководеше Венко Филипче, јавноста беше сведок на низа контроверзии, сомнежи за тендери, набавки и прашања на кои никогаш не доби целосни и транспарентни одговори. Златни визи, сомнителни бизнис релации и повластени шеми, сето тоа се случуваше во време кога СДСМ ветуваше „живот за сите“, а испорача привилегии за малкумина“, велат од ЗНАМ.
Од ЗНАМ дополнително оценуваат дека опседнатоста на СДСМ со наративи за т.н. ‘српски свет’ и со случувањата во соседна држава и нивната постојана потреба да отвораат фронтови и да се караат со сите, од политички партии до новинарие прашање што партијата треба да го решава во сопствени рамки.
Македонија
Нова опрема за анализа на тешки метали во почвата во Државната лабораторија за животна средина
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска ја посети Централната лабораторија при Министерството, каде најави системско и координирано решавање на сите институционални предизвици.
Тој нагласи дека модерна и функционална Централна лабораторија претставува темел на ефикасната заштита на животната средина и гаранција за точни и навремени податоци во интерес на јавното здравје. Целта е да се обезбедат стабилни услови за работа и долгорочно унапредување на капацитетите.
Во рамки на посетата беше нагласено дека Лабораторијата успешно ја обнови акредитацијата за наредните четири години за вкупно 20 методи, од кои една за мерење на амбиентална бучава и 19 за индустриски отпадни води и за површински води. Она што следува е забрзување на процесот на акредитација на методите за мерење на загадувањето на воздухот од стационарни извори.
Дополнително,во рамки на посетата беше презентиран новиот ICP-MS инструмент, кој овозможува анализа на тешки метали во почва, вода и воздух и со кој значително ќе се унапредат аналитичките капацитети на Државната лабораторија за животна средина.
Македонија
Уставниот суд: Нема постапка за пензиите, запрена за Кривичниот законик
По 5. седница на Уставниот суд, претседателот Дарко Костадиновски и судијата проф. Осман Кадриу информираа за одлуките по предмети од поголем јавен интерес.
Судот не поведе постапка за оценување на одредби од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, кои се однесуваат на исплата на пензиите во земјата.
Подносители на иницијативите се Игорчо Точев, Љубомир Сандевски, Темелко Ристески и Кире Батев.
Претседателот Костадиновски изјави дека мнозинството судии оценило оти пензионерите кои ја примаат пензијата во државата и оние што ја примаат надвор од неа се во иста правна, но не и во иста фактичка состојба. Според него, за повреда на членот 9 од Уставот, кој се однесува на еднаквоста, потребно е субјектите да бидат во иста правна и фактичка положба, што во овој случај не е исполнето.
Тој посочи дека мерката има социјален карактер и легитимна цел – ублажување на последиците од растот на трошоците и инфлацијата. Додаде дека по истекот на времените услови утврдени со мерката, се враќа редовното законско усогласување на пензиите, кое важи и за лицата што не живеат во земјата.
Судијата-известител Осман Кадриу изјави дека предложил да се поведе постапка, но не добил мнозинство гласови. Тој оцени дека со оспорените одредби се врши дискриминација врз пензионерите кои живеат надвор од државата и дека им се ускратуваат правата на зголемување и усогласување на пензиите.
Во однос на предметите У.бр.162/2023 и У.бр.163/2023, кои се однесуваат на измените на Кривичниот законик, Судот ја запре постапката, оценувајќи дали Законодавецот постапил согласно насоките од претходното решение со кое беше поведена постапка.
Мнозинството судии констатирале оти во формален аспект Законот е донесен согласно процедурите. Во однос на материјалната уставност, дел од судиите сметале дека новото решение не е идеално, но е подобро од претходното.
Тој нагласи дека евентуално поведување нова постапка и укинување на законот би создало правен вакуум и правна празнина во санкционирањето на злоупотребите на јавни средства, поради што мнозинството одлучило да ја запре постапката, водејќи се од принципите на правна сигурност и предвидливост.
Судијата Кадриу изјави дека гласал против запирањето на постапката, наведувајќи дека, иако Законодавецот ја испочитувал формалната процедура, не постапил целосно по одлуката на Уставниот суд во материјалниот дел.

