Македонија
Mакедонците најмногу трошат на храна, а најмалку на култура
Македонија е меѓу земјите во Европа со најголеми семејни трошоци за храна, а најмали за култура, покажува студија објавена на руската новинска агенција, РИА Новости, во однос на учеството на трошоците од семејниот буџет за храна, култура и лоши навики, а во која се опфатени 40 земји.
Од семејниот буџет, македонските граѓани трошат дури 37 проценти на храна, што е најмногу од балканските земји вкучени во анализата, а четврто место од сите 40 земји.
За споредба, Бугарите трошат 36,2 отсто, во Србија овие трошоци изнесуваат 34,2 отсто, а во Грција – 20 отсто.
Интересно е што процентот за трошоци за храна е помал во поразвиените земји. Во Луксембург жителите трошат само 8,4 проценти од својот буџет за набавка на храна. Холандија и Велика Британија се следни со 10,6 отсто од трошоците. Исто така, помалку од 12 проценти за храна трошат жителите на Ирска, Германија, Финска, Австрија и Норвешка.
Во делот за култура и рекреација, Македонците трошат само 1,8 проценти од буџетот, со што Македонија е втора земја со најмали трошоци во ова поле, зад Казахстан. Лидери тука се економски просперитетните западноевропски земји – Шведска (18,7%), Велика Британија (13,1%) и Австрија (11,5%). Покрај тоа, во првите две земји, учеството на трошоците за рекреација и култура дури и го надминува учеството на храна.
Во делот на лошите навики во Македонија дури 4,0 проценти се трошат на алкохол и цигари, што е еден од највисоките удели во Европа. Повеќе од нас, на лошите навики трошат само во Романија-8,2 осто, Турција – 4,3 отсто, Србија- 4,8 отсто и Бугарија – 5,1 процент, од сите земји опфатени со анализата.
Понатаму се анализираат и трошоците за угостителите и хотелиерството. Тука најмногу трошоци се бележат во Грција – 11,1%. На второ место е Швајцарија со 11,0%, нешто помалку од 10% од трошоците пријавени на оваа позиција кај жителите на Шпанија. Во однос на учеството на трошоците за ресторани и хотели, Русија е на дното на рангирањето со учество од 3,5%. Северна Македонија – 3,6 отсто. Најнизок индикатор во Европа според учеството на трошоците за кафулиња и хотели има кај жителите на Романија и Молдавија: 2,1% и 2,6%, соодветно. Помалку од 3% од трошоците на семејниот буџет се трошат и за овие цели од страна на граѓаните на Казахстан, Белорусија и Хрватска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се разработуваат планови за враќање на македонските државјани од Израел преку Египет, се работи на безбедна евакуација од погодените подрачја, соопшти МНР
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека интензивно работи на обезбедување услови за соодветна и безбедна евакуација на македонските државјани од погодените подрачја, вклучително и од Обединетите Арапски Емирати.
Во моментов се разработуваат планови за враќање на македонските државјани од Израел преку Египет, со користење комерцијални летови и, по потреба, владиниот авион. За Обединетите Арапски Емирати и Катар се разгледува можноста за ангажирање комерцијален или чартер-лет, во зависност од безбедносните и логистичките услови.
Во изминатиот период, преку дипломатско-конзуларните претставништва беше асистирано при безбедното извлекување на едно лице од Иран – фудбалер, кој преку Турција се врати во Република Северна Македонија. Дополнително, шест македонски државјани од Израел веќе имаат обезбедено авионски билети од Египет кон Скопје, при што Министерството активно асистираше во нивната координација и заминување.
Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Министерството, во директна комуникација со пријателски земји и партнери, како и преку дипломатско-конзуларните претставништва, ги презема сите неопходни активности за нивно безбедно и навремено враќање во државата.
Македонија
По пад од балкон загина 10-годишно момче во Тетово: родителите дознале од соседите
Денеска (03.03.2026) во 09:25 часот во СВР Тетово било пријавено дека во Клиничка болница Тетово било донесено починато 10-годишно момче од Тетово, информираат за „Макфакс“ од МВР.
Според пријавеното, детето кое било со здравствени проблеми паднало од тераса од станот во кој живеело во Тетово, а родителите за настанот биле известени од сосед, по што го однеле во болница.
Лекар констатирал смрт, а по наредба на јавен обвинител, телото на починатиот било дадено на обдукција.
Македонија
Тошковски објави нови детали за трагедијата во Карпош: Жртвата негирала насилство пред полицијата, сопругот имал криминално досие и бил апсен за дрога
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски соопшти нови детали за вчерашната трагедија во Карпош, во која загинаа мајка и дете.
Како што рече, вчера, на 2 март 2026 година околу 14 часот, случаен минувач пријавил дека мајка и девојче скокнале од зграда, по што полицијата веднаш излегла на терен. Министерот посочи дека на настанот претходела пријава. Во 12:05 часот имало пријава и бил извршен разговор со Ивана. Таа, според министерот, изјавила дека станува збор за недоразбирање и дека не бара полициска интервенција, наведувајќи дека брачните односи ги решава во бракоразводна постапка. За разговорот била составена службена белешка, која, како што рече Тошковски, починатата ја потпишала.
„Сите овие околности детално се документираат и ќе бидат предмет на понатамошна анализа“, изјави министерот, додавајќи дека МВР ќе ги утврди фактите, вклучително и дали изјавата дадена тој ден била под присила.
Тошковски соопшти дека лицето Стојанче Јовановски е лишено од слобода и дека ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.
Во однос на неговото минато, министерот изнесе детали дека во изминатите години СВР Скопје поднело 10 кривични пријави за дела поврзани со насилен криминал, имотни деликти и недозволена трговија со дрога. Според податоците што ги соопшти, кај него во еден од случаите биле пронајдени 20 паковки наркотична супстанција, по што бил уапсен и против него била поднесена кривична пријава, а по барање на јавен обвинител му биле изречени мерки на претпазливост.
Тошковски рече дека најголем број од предметите поврзани со семејно насилство се затвораат затоа што жртвата се повлекува.
„Треба максимум да сториме да ги охрабриме жртвите да пријават и случаите да бидат процесуирани до крај“, рече Тошковски.
Тој најави дека Министерството ќе се фокусира максимално на секој ваков кривично-правен настан, особено кога се констатираат видливи физички повреди, при што, како што посочи, треба да се разгледа можноста жртвата да не може да се повлече од пријавата доколку се утврдат такви повреди.
„Ако жртвата повторно се повлече, полицијата ќе има проблем за докажување. Но ако се ангажираат центрите и се охрабрат граѓаните да зборуваат гласно и јавно, нема да има вакви ситуации“, изјави Тошковски, додавајќи дека не тврди оти полицијата постапила совршено, и дека истрагата ќе се спроведе максимално во детали за да се утврди што точно се случило.
Додаде и дека отсега секој што ќе биде посочен дека е сторирел на семејно насилство, ќе биде повикан на информативен разговор во полициска станица.

