Македонија
Mинистерот Нуредини: Остануваме посветени на мисијата за здрава животна средина
„Министерството за животна средина и просторно планирање како и досега останува посветено на својата мисија да обезбеди здрава животна средина“, изјави министерот животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, кој денеска учествуваше на панел-дискусијата за иновациите и нивното влијание врз животната средина, загадување на воздухот и јавните политики во овие области, во рамки на самитот „Македонија 2025“ што деновиве се одржува во Скопје.
„И понатаму ќе работиме транспарентно и одговорно пред граѓаните, секогаш отворен за конструктивни критики, сугестии и забелешки кои би ни помогле да бидеме поефикасни и да ја подобриме нашата работа во интерес на сите граѓани“, рече Нуредини.
Министерот Нуредини потенцираше дека извршната власт има волја да ги спроведе неопходните промени, како функционери избрани од граѓаните тие секогаш мора да носат храбри одлуки, кои можеби не се популарни на краток рок, но долгорочно ќе доносат здравствен и економски бенефит за сите граѓани.
На оваа панел-дискусија на самитот „Македонија 2025“, покрај министерот Нуредини, учествуваа и Џонас Коивисто, меѓународен консултант за справување со загадување на воздухот од Универзитетот во Хелсинки, Јасминка Јанг – аналитичар, истражувач и програмски директор на фондацијата РЕС во Србија, Најџел Јоландс – помошник-директор на секторот за енергетска ефикасности климатски промени во Нов Зеланд.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пријава против поранешниот градоначалник на Кичево, го оштетил буџетот за 1,4 милиони денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешниот градоначалник на Кичево, Фатмир Дехари, две други лица и еден правен субјект, за злоупотреби и несовесно работење со што го оштетиле буџетот на општина Кичево за сума од над 1.400.000 денари.
„ОВР Кичево поднесе кривична пријава против Ф.Д.(52) од кичевското село Србица, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, против Б.К.(46) од кичевското село Аранѓел поради постоењер основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“, против Д.С.(41) од кичевското село Длапкин Дол за сторено кривично дело „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“, како и против едно правно лице со седиште во Длапкин Дол“, соопшти МВР.
На 08.01.2025, Ф.Д., во својство на градоначалник на општина Кичево, искористувајќи ја својата службена положба донел план за јавни набавки за 2025 година на општина Кичево спротивно на одредбите од Законот за комунални дејности. Иако, општина Кичево има јавно комунално претпријатие, Ф.Д. сите комунални дејности ги доверил на пријавеното правно лице со седиште во Длапкин Дол со намера да се стекне со поголема имотна корист на штета на буџетот на општина Кичево.
Второпријавениот, одговорно овластено лице за одржување на зелени површини, пропуштил должен надзор и несовесно постапил во вршењето на своите овластувања и должности, додека третопријавениот во својство на управител во правното лице, свесно ги повредил прописите на постапката за јавен повик.
Со тоа, вкупно исплатените парични средства за одржување на зеленилото околу зградата на општината изнесува вкупно 1.457.205 денари на штета на општина Кичево.
Македонија
Меџити го дочека претседателот на Албанија во Чаир
Градоначалникот, Изет Меџити, свечено го пречека во Чаир претседателот на Албанија, Бајрам Бегај кој допатува во тродневна посета на земјата.
Меџити му посака добредојде пред општината, нарекувајќи го брат.
Албанскиот претседател заедно со делегацијата ќе ја посети џамијата „Мустафа Паша“ и Старата скопска чаршија, кадешто ќе има свечен настан.
За утре е превидено, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, да биде домаќинка на Бегај. Албанскиот претседател ќе биде пречекан со највисоки државни и воени почести на церемонија во Кабинетот на претседателот, по што ќе следи тет-а-тет средба на претседателите, а потоа и пленарен состанок на македонската и албанската делегација.
Во рамки на официјалната посета, претседателот на Република Албанија ќе положи венец на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје.
Најавена е и посета на Тетово во сабота.
МВР соопшти дека поради посетата во главниот град деновиве ќе има посебен сообраќаен режим.
Сообраќајот пред општината Чаир попладнево беше целосно блокиран. Автобусите сообраќаа по изменета рута, додека пешаците беа пренасочувани од другата страна на булеварот.
Македонија
Левица: Фирма од Косово осудена за криминал со токсичен мазут ќе го снабдува РЕК Битола
Додека граѓаните плаќаат се повисоки сметки за струја и државната ЕСМ тоне во долгови, скандалозното менаџирање со ова енергетско претпријатие под раководство на Лазо Узунчев продолжува, обвинија од Левица.
„Најновиот тендер на ЕСМ за увоз на јаглен – во вредност од 7 милиони евра – го доби контроверзна фирма од Косово со криминално минато. Имено, директорот на ЕСМ, Лазо Узунчев, склучи договор за јавна набавка со компанијата „ХИБ Петрол Груп”, чиј сопственик во 2014 година бил правосилно осуден на четири години затвор и парична казна, затоа што испорачувал мазут со околу 80% повисоко ниво на сулфур од дозволеното, што е енормно штетно за здравјето на луѓето и животната средина. Компанија која е осудена за тешки дела против здравјето на луѓето (со продажба на токсичен мазут) сега ќе треба да обезбеди 150.000 тони јаглен за РЕК Битола! Делењето тендери на фирми со криминално минато стана пракса откако ЕСМ е раководено од директорот Лазо Узунчев, кој без никаква експертиза и искуство во енергетскиот сектор беше поставен да го води ова значајно државно претпријатие – само заради личните односи со Мицкоски. Левица и претходно алармираше дека ЕСМ дели тендери на фирми кои се под истрага за криминал, како што беше договорот за јавна набавка со компанијата „Руд Коп”, која е под истрага за криминал од 3 милиони евра“, велат од партијата.
Тие додаваат дека ваквото расипничко менаџирање го зголемува долгот на ЕСМ, од што, како што велат, најмногу зависи цената на струјата која ја плаќаат домаќинствата и малите потрошувачи – а резултатот е македонските граѓани да плаќаат најскапи сметки за струја во регионот.
„Додека поранешниот директор на ЕСМ – Васко Ковачевски е во бегство токму поради криминални зделки при набавки на мазут, криминалот во ЕСМ продолжува и со кадрите поставени од Мицкоски. Левица апелира финансиската полиција сериозно да ги истражи договорите за јавни набавки и финансиските резултати кои ги остварува ова државно претпријатие кое тоне во долгови, додека дели тендери на компании осудени за криминал“, се наведува во соопштението.

