Македонија
Мицкоски: Ги уверувам граѓаните дека во овој момент состојбата е стабилна, струјата нема да поскапи
Јас ги уверувам граѓаните дека во овој момент состојбата е стабилна и не гледам апсолутно никаква причина за страв од немање енергенси, воведување на не знам какви кризни состојби и во делот на пазарот на електрична енергија и во делот на пазарот на нафта и нафтени деривати. Што ќе се случува за месец, два, три, пет, не знаеме, изјави премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања на отворањето на Домот на културата во населбата Ченто.
Тој повтори дека Македонија има најевтини цени на горивата во регионот. Според него, во услови на криза, Македонија рефлектира стабилност, сигурнот и план да се справи со предизвикот.
„Тоа значи дека, ако кај нас безоловниот се движи од 1,33 евро центи за литар до 1,39 евро центи за литар, 95, 98 октанскиот и ако дизелот е некаде околу 1,5 – 1,53 евро центи за литар, да речеме во соседна Албанија и Грција е над 2 евра, во соседна Србија е од 1,81 до над 2 евра, во Косово исто така. Во Германија веќе имаме и до 3 што стигаат евра, цените по литар и во останатите европски земји. Со други зборови, во овој прв месец, во историски најголемата нафтена криза, после онаа од 73-та, односно седумдесеттите години на минатиот век, ние како држава рефлектираме стабилност и сигурност и план да се справиме со овој предизвик. Јас ги уверувам граѓаните дека во овој момент состојбата е стабилна и не гледам апсолутно никаква причина за страв од немање енергенси, воведување на не знам какви кризни состојби и во делот на пазарот на електрична енергија и во делот на пазарот на нафта и нафтени деривати. Што ќе се случува за месец, два, три, пет, не знаеме. Можеме да претпоставиме, да собираме информации, да анализираме и да носиме одлуки. Предизвици ќе има, тоа не зависи од нас. Зависи од други фактори во светот, но ние како Влада ќе реагираме исклучиво во интерес на граѓаните“, рече Мицкоски.
За продолжување на мерката за намалување на ДДВ од 18 на 10% за горивата, Мицкоски вели дека истата ќе се продолжи ако има зголемување на цените на безоловниот бензин и на дизелот.
„Апсолутно дека ќе ја продолжиме таа мерка, сѐ додека трае кризната состојба. Ако продолжи и понатаму, ќе ја продолжиме и кризната состојба и ќе ја продолжиме повторно мерката. И ако повторно ескалира, имаме уште алатки на располагање, вие споменавте, тука се, се разбира акцизите, ни стојат сеуште на располагање“, рече Мицкоски.
Премиерот вели дека позитивна вест е што утрово суровата нафта од типот ВТИ и од типот Брент е околу стотина долари за барел, значи има благо намалување.
„Ќе видиме до петок како ќе се одвива сето ова, па на крај на ден во петок, кога ќе заврши тргувањето, ќе можеме да знаеме која ќе биде цената отприлика, којашто во понеделник Регулаторна комисија би ја донела. И врз основа на тоа ќе носиме одлука за време на викендот, ако треба вонредна седница на Владата ќе свикаме и тоа ќе го направиме“, рече Мицкоски.
За пазарот на електричната енергија, премиерот кажа дека ЕСМ има на располагање некаде околу 3.200 тони мазут. Мицкоски кажа дека нема да им поскапување на струјата.
„Видете јас на дневна основа не знам дали се повлечени, но можат кога сакаат да ги повлечат, доколку имаат потреба, се разбира. Тоа е поврзано со мазутот. Од аспект на функционирањето на производните капацитети, тие функционираат. Акумулациите се на некаде отприлика над 40%, што за овој од годината, е да речеме најмалку двојно повеќе од некои минати времиња. Сега почнува и сезоната за наводнување, отприлика некаде првата половина на април. Имаме доволно количина вода и за производство на електрична енергија и за земјоделците за наводнување. Деновиве во одредени моменти од денот, ЕСМ дури продава на берзи и заработува отприлика од 100 до 150 илјади евра на ден. Нема да има поскапување на цената на електричната енергија за граѓаните, така што целата состојба е под апсолутна контрола. Ќе повторам, предизвици ќе има, дневно ги решаваме. Поголеми предизвици можеби ќе има, не знам тоа не зависи од нас, зависи од некои други фактори, ќе повторам, во светот. Но затоа сме ние Влада да реагираме проактивно, а не реактивно“, рече Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски: На изборите во Бугарија гласаат само 250 од 200-те илјади македонски Бугари на Радев
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, посочи дека на изборите во Бугарија се пријавиле само 250 граѓани од Македонија, додека Румен Радев и луѓето околу него заговараа бројки од 200 илјади граѓани во земјава кои се определуваат како Бугари.
„Очекував излезеноста да биде малку поголема“, искоментира Мицкоски.
Премиерот очекува од овие избори да произлезе јасно проевропски ориентиран премиер кој ќе биде фокусиран на добрососедските односи, наместо на билатералните спорови и ќе биде промотор на Копенхагеншките критериуми.
Бугарија денес гласа, а за главен фаворит според анкетите се смета новоформираната партија „Прогресивна Бугарија“ на Румен Радев.
Македонија
СДСМ бара замрзнување на цените и посебни мерки за ранливите категории
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на прес-конференција порача дека СДСМ бара итни и конкретни мерки за заштита на животниот стандард на граѓаните, со посебен фокус на најранливите категории.
„Ние продолжуваме да бараме да се замрзнат цените на основните прехранбени производи, да се интервенира во ДДВ-то и да се донесат посебни мерки за помош на одредени загрозени категории на граѓани – социјални случаи, студенти, пензионери, работници со ниски примања, семејства со повеќе деца, земјоделци, затоа што ние не ветуваме бајки, знаеме како се менаџира криза и затоа нудиме решение“, истакна Филипче.
Претседателот на СДСМ остро ја критикуваше Владата за целосно отсуство на навремена реакција и погрешни политики.
„Граѓаните скапо ги плаќаат бајките и неспособноста на премиерот Мицкоски. Ги плаќаат со празни џебови и со празни фрижидери. Баравме и предупредувавме дека се потребни конкретни мерки за помош на граѓаните. Уште пред скоро два месеци, кога започна кризата на Блискиот Исток, премиерот и Владата не презедоа буквално ништо. Зборуваме за економија што тоне, за тежок секојдневен живот на граѓаните, за цени во продавниците кои веќе пораснаа без никаква контрола, за најниски плати во Европа, за најнизок стандард и за млади кои заминуваат од земјава.“ рече Филипче.
Тој изнесе и конкретни показатели за економскиот пад:
„Странските инвестиции се намалени за 60%. Компании затвораат и отпуштаат работници. Во изминатите година и пол се отпуштени 1.500 работници. Државата должи 160 милиони евра за поврат на ДДВ кон компаниите.“
Дополнително, Филипче нагласи дека цените на основните производи драматично растат.
„Лебот, брашното, шеќерот, солта, месото, млечните производи, овошјето и зеленчукот – сè е поскапено од 5 до 300%. Стандардот на граѓаните се влошува од ден на ден.“ додаде тој.
Филипче заклучи дека Владата нема капацитет да се справи со кризата и дека граѓаните живеат полошо.
„Мицкоски живее во свој паралелен свет на бајки. Нема капацитет да води држава. Заинтересиран е само за себе и своите блиски луѓе, а сè останато го плаќаат граѓаните. Мицкоски сè уште раскажува бајки дека сме трета економија во Европа. Дали граѓаните го чувствуваат тоа кога ќе влезат во продавница, кога ги плаќаат сметките? Одговорот е – не. Граѓаните живеат многу полошо.“ рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Македонија
Лажна дојава за бомби во „Ист гејт“ и „Дајмонд“ – полицијата утврди дека нема опасност
Лажни се дојавите за поставени бомби во трговските центри „Ист гејт“ и „Дајмонд“ во Скопје, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Како што соопштија, денеска (19.04.2026) на електронската адреса на МВР била добиена порака со закана за поставени експлозивни направи во двата објекта.
Веднаш по пријавата, полициски службеници презеле соодветни мерки и активности во и околу трговските центри.
По извршените проверки било утврдено дека станува збор за лажни дојави, односно дека нема опасност.
