Македонија
Последиците од референдумот во Македонија и безбедносната ситуација во регионот теми на собирот во Женева
Хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ, изјави дека денешната средба во Женева за Западен Балкан ќе биде можност да разговараат за последиците од референдумот во Македонија, безбедносната ситуација и разговорите што се водат меѓу Србија и Косово, како и да ја анализираат ситуацијата во БиХ пред општите избори следниот викенд.
„Ние сакаме на највисоко ниво да разговараме за последиците од референдумот во Македонија, безбедносната ситуација и дискусиите што се одвиваат меѓу Србија и Косово, да се анализира ситуацијата во Босна и Херцеговина во пресрет на општите избори овој викенд. Значи, многу политички и безбедносни предизвици, и затоа е добро да сме постојано присустни на ваков тип форум на највисоко ниво”, изјави Пленковиќ пред почетокот на собирот во Женева.
Во организација на Светскиот економски форум денеска во Женева, „Стратешки дијалог за Западен Балкан”, ќе учествуваат шефови на држави и влади, како и министри од Албанија, Бугарија, Црна Гора, Косово, Македонија, Германија, Словенија, Србија, Швајцарија и Турција.
Пленковиќ рече дека целта на средбата е да разговараат за тоа како земјите од Југоисточна Европа може да се движат напред кон нивните основни цели за членство во ЕУ, каде што може да им помогне Хрватска.
„Ние сакаме да видиме како ќе се решат неколку важни политички и безбедносни прашања и, исто така, да се помогне во трансферот на знаење во однос на она што тие земји може да очекуваат во контекст на преговорите. Ова е наша стратешка позиција и мислам дека тоа е важно, во рамките на подготовките за нашето претседателство на почетокот на мандатот на новиот состав на Комисијата и новиот Европски парламент, новиот претседател на Европскиот совет, да им дадеме импулс на процесот во првата половина на 2020 година, кога ние ќе претседаваме со Советот на ЕУ “, рече Пленковиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Отворен почесен конзулат на Австрија во Битола
Денеска во Битола беше отворен конзулатот на Австрија, а функцијата почесен конзул ќе ја врши битолчанецот Игор Божиновски. Конзулатот на Австрија се наоѓа на улицата „Виенска“.
На свеченоста која се одржа се обрати австрискиот амбасадор Мартин Памер, македонскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, конзулот Игор Божиновски и градоначалникот на Битола Тони Коњановски.
Градоначалникот Коњановски пред присутните ја истакна важноста на отворањето на уште еден конзулат во Битола, а со тоа и интензивирање на соработката со Австрија.
„Битола од денеска е побогата за уште еден конзулат, сега од пријателската држава Австрија, со што го враќаме епитетот Битола конзулски град“, истакна Коњановски пред присутните гости, дипломатскиот кор, пратеници и други гости.
Со ова Битола има седум почесни и два генерални конзулати.
Македонија
Николоски и Мисајловски во посета на Република Унгарија
Владина делегација предводена од вицепремиерот и министер за транспорт и министерот за одбрана, Александар Николоски и Владо Мисајловски, денеска се во работна посета на Унгарија.
За време на посетата министрите Мисајловски и Николоски остварија средби со главниот советник за национална безбедност, Марцел Биро и со Мате Лога, државен советник во Министерството за национална економија, за економски развој и национални финансиски сервиси.
Денешната работна посета е во насока на зајакнување на меѓусебната севкупна соработка меѓу двете земји особено на полето на одбрана и безбедноста и на економските врски.
Во рамки на денешната посета, како дел од македонската делегација, началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски оствари средба со својот унгарски колега генерал Габор Боронди, а државниот секретар во министерството за одбрана Елизабета Чуповска Ристова оствари средба со заменик-министерот за одбрана, Тамаш Варга.
Македонија
Населбата Бел Камен добива нова водоводна мрежа
Населбата Бел Камен добива нова водоводна мрежа, со што се решава долгогодишниот проблем со водоснабдувањето, изјави градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
„По даденото ветување за време на изборниот период, денес започнуваат градежните активности за поставување на нова водоводна мрежа во должина од повеќе од 600 метри, во соработка со Општина Бутел и ЈП „Водовод и канализација“, со што ќе се обезбеди сигурно, квалитетно и континуирано снабдување со вода за пиење за домаќинствата во Бел Камен“, вели Ѓорѓиевски.
Според него, овој зафат значи сигурно, квалитетно и континуирано водоснабдување за домаќинствата во Бел Камен, чиста вода за пиење во секој дом.
Ѓорѓиевски најави дека по поставувањето на новата водоводна мрежа, ќе следува и реконструкција на улиците.

