Македонија
Oбјавeн нов повик за реонски попишувачи за пописот

Државниот завод за статистика повторно објавува конкурс за избор на реонски попишувачи за пописот на населението, домаќинствата и становите 2021. Повикот се однесува само за реоните каде што недостигаат попишувачи, а со цел да се запази принципот дека секое населено место ќе има локален попишувач што ги познава местото и населението што живее таму, како и да има доволно попишувачи што може процесот да го спроведат на јазиците што се загарантирани со Уставот.
Огласот трае до 20 март 2021 година.
Владата се приклучува на повикот на ДЗС сите заинтересирани лица што ги исполнуваат условите да се пријават на конкурсот достапен на следниот линк: https://popis2021.stat.gov.mk/konkursi/DopolnitelenKonkursZaPopisuvaci_3_mk.pdf
На повикот имаат право да се пријават и кандидатите што се пријавија на претходниот повик за попишувачи, но не беа во можност да присуствуваат на тестирањето.
Приоритет во спроведување на сите фази од пописот е здравјето на попишувачите. Со таа цел, усвоен е протокол за превентивни мерки при спроведување на пописот, а со негово доследно почитување, попишувачите, но и сите граѓани, може да бидат сигурни дека попишувањето ќе биде спроведено безбедно.
За ангажманот лицата ќе добијат соодветен надоместок, кој се пресметува врз основа на веќе воспоставена методологија од страна на ДЗС.
Успешно спроведен попис е врвен приоритет на Владата. По 20 години, наша обврска и одговорност е да обезбедиме релевантни податоци за населението, домаќинствата и становите, податоци што се основа за креирање политики кои одговараат на потребата на сите наши граѓани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски: Завршен првиот дел од санацијата на хидросистемот Ѓавато, кој повеќе од 4 години беше со пробиени цевки

Заврши првата фаза на санирање на хидросистемот Ѓавато. Бунарскиот дел е комплетно завршен, пуштена е водата и нема никаде протекување, објави премиерот, Христијан Мицкоски.
Тој додаде дека останува уште една интервенција на цевката за испуст и со тоа ќе бидат дуплирани количините вода кои ќе се влеваат во Дојранското езеро.
„Каква беше состојбата пред интервенцијата? Повеќе од четири години пробиени цевки на двата функционални бунари. Потрошени повеќе од половина милион евра за електрична енерија, а ефектот минимален или никаков. Два функционални од десет направени бунари. Негрижа и срам. Во втората фаза ќе обезбедиме најмалку уште две бунарски пумпи за зголемен капацитет и побрзо полнење на Дојранското езеро. Владата во втората фаза ќе го задолжи ФОД при ЕСМ (поранешно ЕЛЕМ) да ги репарира постојните потисни пумпи. Конечно во последната трета фаза ќе инсталираме сончеви панели со батерии за акумулирање на електричната енергија и сопствено производство на електрична енергија. Нема трошење милиони евра од буџетот за електрична енергија“, напиша Мицкоски.
Македонија
СДСМ ги објави имињата на уште 11 кандидати за градоначалници

Попладнево се одржа седница на Извршниот одбор на СДСМ. Членовите донесоа одлука со која е дадена согласност за кандидатури за градоначалници во уште 11 општини низ државата:
1. Бутел – Оливера Ливриниќ
2. Велес – Маја Хеско
3. Гевгелија – Миле Атанасов
4. Делчево – Дејан Глинџарски
5. Демир Капија – Лазар Петров
6. Конче – Благој Илиев
7. Кратово – Влатко Спировски
8. Кривогаштани – Игор Каравиловски
9. Македонски брод – Ивица Стојковски
10. Ранковце – Даниел Крстевски
11. Старо Нагоричане – Далибор Трајковски
„СДСМ јасно ја потврдува својата подготвеност да понуди силни, чесни, квалитетни и докажани кандидати за претстојните локални избори кои ќе работат во интерес на граѓаните и напредок на општините’“, соопштија од партијата.
Македонија
Гужва на границите: на Богородица и Табановце се чека по 40 минути

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен, поради летните одмори се бележи зголемена фрекфенција на возила, информира АМСМ.
На ГП Богородица времето на чекање за влез е околу 40 минути, на ГП Дојран времето на чекање за влез е околу 20 минути, на ГП Табановце времето на чекање за излез е околу 30 минути, додека пак на останатите граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од денеска од 05:00 часот регионалниот пат Р-1106 Нова Брезница – Македонски Брод преку националниот парк Јасен ќе биде пуштен за сообраќај во термините од министерство за внатрешни работи. Се препорачува внимателно возење, почитување на сигнализацијата и прилагодување на брзината поради можни одрони на патот.