Македонија
Oсмани: Има луѓе во ВМРО-ДПМНЕ кои се за уставни измени, ќе разговараме со нив
Министерот за надворешни работи Бујар Османи рече дека има луѓе во опозициската ВМРО-ДПМНЕ кои ги поддржуваат уставните измени и најави дека ќе разговараат со нив.
Османи е оптимист дека можностите со ВМРО-ДПМНЕ не се целосно исцрпени и се’ уште има надеж. Рече дека таму има доволно разум од луѓе кои го сфаќаат моментот и дека нема да играат на картатата на бугарските радикали.
„Гледам сигнали во ВМРО-ДПМНЕ за една идеолошка поделба. Има луѓе во таа партија, според моите информации кои сметаат дека не смееме да ја пропуштиме шансата сега во Уставот да се направи таа јасна дистинкција дека Бугарите се овде малцинство. Се отвораат две патеки. Едната е брза, а другата се земји со отворени прашања. Од нас зависи во која патека ќе влеземе ние“, рече Османи одговарајќи на новинарски прашања.
Истакна дека предложените уставни измени ќе бидат доставени до Собранието откако ќе се исцрпат сите можности овој процес да биде консензуален. Затоа, смета Османи, не треба да се брза и неопходно е да се даде шанса за една поинаква дебата.
Министерот Османи денес одржа прес-конференцијата по повод преземањето на претседавањето со Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) од Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Центар, Бутел и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска се планирани неколку прекини во снабдувањето со електрична енегија на корисниците од градот Скопје и неговата околина и тоа:
· во период од 06:00-10:00 часот корисниците на улицата Пајак, улицата Наум Наумовски Борче (од Костарика до Министерство за земјоделие), општина Центар;
· во период од 08:30-14:30 часот корисниците на дел од улицата Радишанска, општина Бутел;
· во период од 09:00-12:00 часот корисниците на улицата 29 Ноември бр.37, општина Центар;
· во период од 09:00-14:00 часот корисниците на дел од улицата Урош Џудовиќ, општина Карпош.
Македонија
Сообраќајот низ државата се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд, на планините снег
Облачно, со повремени врнежи од дожд кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови (над 15 l/m²), а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух вренежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 5 до 11 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
Денеска ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен дожд, во југозападните делови над 15 l/m², а на повисоките места врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Нови врнежи ќе има и во текот на седмицата кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег. Од денеска ќе има појава на магла по одредени котлини. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер.

