Македонија
Oсмани: Фер и натпреварувачка изборна атмосфера ќе ја реафирмира нашата зрелост

Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, заедно со делегација од Секретаријатот за европски прашања, оствари работна средба со претставниците на Агенцијата за аудио и аудиовизуелните медиумски услуги, предводена од директорот Зоран Трајчевски.
„Работата на медиумите и заштитата на слободата на јавното изразување претставуваат важни области каде што сè уште ни е потребен напредок за да ги задоволиме европските стандарди и да создадеме капацитет за справување со современите предизвици на лажните вести, ширењето на говорот на омраза итн.“, истакна Османи посочувајќи на важноста и за развојот на демократските капацитети на државата, но и важноста за исполнување на европските критериуми во периодот пред новиот извештај на Европската комисија.
„Имаме шанса во периодот што претстои да создадеме фер и компетитивна атмосфера, во која ќе се одржат претстојните претседателски избори, и со тоа да покажеме демократска и општествена зрелост, која ќе биде нотирана во извештајот на Европската комисија, а од чија содржина, пак, ќе зависи и конфирмацијата на одлуката на земјите членки на јунските самити, за почеток на преговорите со ЕУ оваа година“, истакна Османи посочувајќи на уверувањето што го добил од членовите на АВМУ, како и од директорот Трајчевски, за капацитетот, подготвеноста и одлучноста на Агенцијата да обезбедат фер и натпреварувачка атмосфера за време на кампањата.
Османи ја реафирмира и подготвеноста на Владата за соработка во насока на обезбедување на сите предуслови и обврски поврзани како со работата на Агенцијата така и воопшто врзани за областа на медиумите.
Средбата се реализира во рамките на институционалните посети на вицепремиерот Османи на институциите надлежни за спроведување на реформите што беа предвидени во планот 3-6-9 и планот 18, како и имплементацијата на другите обврски поврзани со европските интеграции на земјава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.