Македонија
Oсмани: Со Бугарија имаме нов политички моментум, нефер е истиот да се загрозува
Ги повикувам јавно сите колеги, сегашни и поранешни, да покажеме доблест и фер однос едни кон други, да го задржиме нивото и довербата кои долги години и меѓусебно ги градевме, напиша на социјалните мрежи министерот за надворешни работи, Бујар Османи, како реакција на денешната изјава на Никола Димитров, кој рече дека нема доверба во министерот зошто тој сака спорот со Бугарија да го реши по секоја цена.
„Моите лични позиции, како министер за надворешни работи и како човек, апсолутно соодветствуваат со државните позиции кои како Влада активно ги застапуваме, и тоа: и кога заеднички ги градевме државните интереси при создавањето на Договорот од Преспа; и кога заеднички го создававме Договорот за пријателство со Бугарија; а и сега, кога повторно разговараме за надминување на разликите со нашите соседи“, се наведува во реакцијата на Османи.
Тој, сепак, нагласува дека пред Македонија и Бугарија е еден нов политички моментум, создаден преку новите мандати на Владите во двете земји.
„Граѓаните очекуваат од нас да ја искористиме оваа нова политичка иницијатива за да ја зајакнеме довербата меѓу двете Влади и меѓу двете држави. За оваа и јас лично, но и Министерството за надворешни работи, е во постојана комуникација и со Работната група во Владата и со актуелниот премиер, а консултации правиме и со новиот мандатар кој очекуваме наскоро да ја преземе функцијата.
Резултат на оваа активност е веќе договорената посета на високата владина делегација предводена од премиерот Петков на Скопје на 18 февруари, а во постојана комуникација со нашите колеги од Бугарија, веќе работиме да постигнеме согласност за одржување и на заедничка седница на двете Влади само една недела подоцна, или на 25 февруари“, соопшти Османи додавајќи дека од успехот на овие посети ќе зависи и насоката и силината на новиот моментум во односите меѓу двете земји.
Тој нагласи и дека сите активности кои го загрозуваат овој успех ги смета за непродуктивни и нефер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова и генералот Лафчиски традиционално на првиот ден од Новата година во посета на припадниците на Армијата
Претседателката и врховен командант на Вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова, и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, денеска ги посетија припадниците на Армијата во касарната „Алексо Демниевски Бауман“ во Велес.
Во рамки на посетата, претседателката Сиљановска-Давкова од страна на командантот на Командата за обука и доктрини (КОД), бригаден генерал Лулзим Нуредини, беше информирана за мисијата и задачите на командата, а потоа и непосредно се запозна со дел од нејзините капацитети, вклучително Центарот за обука и дресура на кучиња, Центарот за симулации и Центарот за изработка на доктрини, правила, упатства и научени лекции.
Во оваа прилика претседателката Сиљановска-Давкова ги посети и новопримените професионални војници кои ја реализираат основната воена обука во оваа касарна. Честитајќи им ги новогодишните празници, Сиљановска-Давкова истакна дека е среќна што новата година и започнува помеѓу припадниците на Армијата, потенцирајќи дека, според прикажаното, големата љубов и интересот за оваа професија е она што ги натерало војниците толку брзо да се адаптираат на новата средина.
Претседателката Давкова го изрази и своето задоволство од презентираното во текот на посетата наведувајќи: „Армијата е една импресивна институција, која што има визија, која има добро определена мисија, знае што прави во сите центри, која знае каде сака да стигне и со овие млади луѓе има загарантирана иднина“, при тоа нагласи дека денешната посета е уште една потврда зошто Армијата е една од институциите кои уживаат највисок углед.
Претседателката Сиљановска-Давкова, во рамките на посетата, на Командата за обука и доктрини ѝ врачи едиција на книги од различни области, кои, како што истакна „ќе го потенцира критичкиот поглед кон она што се случува во светот и со тоа војниците ќе станат посилни, учени и толерантни луѓе.“ Оваа едиција на книги се наменети за збогатување и унапредување на книжевниот фонд на Централната воена библиотека во Скопје, која е составен дел од оваа команда.
Посетата традиционално заврши со заеднички ручек на претседателката Сиљановска-Давкова и генералот Лафчиски со војниците и старешините во касарната „Алексо Демниевски Бауман“.
Македонија
Мицкоски: Задоволни сме од тоа што се постигна со „Сејф Сити“, на ниво на државата повнимателно се вози и жртвите на годишно ниво се намалени
„Декември е месец кога може да се сумираат резултатите и да се направи една анализа за тоа што значеше имплементацијата на проектот „Сејф Сити“. Ако се спореди декември месец 2025, со декември 2024 година ќе дојдеме до еден многу значаен параметар, кој нас не прави задоволни и среќни со почетокот на функционирање на „Безбедниот град“, бидејќи во Скопје во декември месец 2024 година поради сообраќајни незгоди животот го загубиле 5 лица, а оваа година ниту едно. Примената на оваа апликација си го дава резултатот“, одговори премиерот Мицкоски на новинарско прашање за тоа дали е задоволен од аплицирањето на системот „Сејф Сити“.
Мицкоски дополни дека и вкупниот број на лица кои го загубиле животот во сообраќајни несреќи во 2024 година бил 142 лица, а изминатата година е 131 лице. Тоа според него значи и во градовите кај што нема инсталирано систем „Сејф Сити“ и на автопатите се вози повнимателно.
„Ние продолжуваме и понатаму да го подготвуваме системот. Не очекувам дека од 1 февруари брилијантно секаде ќе функционира и не се можни некаде некакви грешки и отстапувања, но тоа во процесот како ќе расте така и ние ќе растеме со него, ќе го нивелираме. Но бројките за намалување за 11 жртви помалку во 2025 и во Скопје во декември 0 наспроти пет во декември 2024, ни дава за право да бидеме задоволни“, рече Мицкоски и дополни дека Владата ќе опстои на ова и покрај антикампањата и критиките кои беа упатувани на нејзина сметка.
Македонија
Безбедна новогодишна ноќ и позитивни резултати од „Безбеден град“ – Тошковски во работна посета на полициските служби
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска на првиот работен од Новата година оствари работни посети на полицискиот објект на планинскиот врв Солунска глава, Главниот оперативен штаб на полицијата и Полициската станица Центар.
Во разговорот со полициските службеници на Солунска глава беа потврдени високата професионалност и посветеноста во извршувањето на службените задачи и одржување на телекомуникациските системи на МВР во функција со основна цел гаранција на безбедноста на мирот и безбедноста на секој граѓанин во државата.
На посетата во Главниот оперативен штаб на полицијата министерот Тошковски беше запознаен со севкупните настани и активности на полицијата ги презема во одржување на безбедноста како во празничниот така и на новогодишната вечер со заклучок дека новогодишната ноќ во најголем дел помина безбедно.
„Во периодот од 14:00 часот вчера до 05:00 часот денеска изутрина регистрирани се 31 кривично делo, како и 23 сообраќајни незгоди од кои две со тешки телесни повреди. Приведени се вкупно 49 лица по разни основи, а најмногу во врска со нелегална трговија со дрога и нарушен јавен ред и мир. Тоа се бројки кои кажуваат дека огромното мнозинство граѓани се однесуваа одговорно и со тоа придонесоа за лична и заедничка безбедност. Од друга страна зголеменото присуство на полицијата на терен придонесе да имаме мал број на настани за нарушување на јавниот ред и мир.“, истакна министерот Тошковски.
При посетата на Полициската станица Центар, министерот Тошковски од раководството на СВР Скопје беше запознаен со конкретните активности за одржување на безбедноста на граѓаните во главниот град. Министерот Тошковски ги потенцираше позитивните ефекти на системот „Безбеден град“ кој и во тест фазата значително ги има намалено бројките на сообраќајни незгоди со жртви и тешки телесни повреди.
„Вкупниот број на сообраќајни незгоди којшто е настанат на територија на СВР Скопје во изминатиот месец споредено со месец декември 2024 е намален за околу 20% а вкупниот број на повредени лица во тој период е намален за 37% проценти. Жртви како последица на сообраќајни незгоди во декември 2024 имало пет на територија на Скопје а во декември 2025 година нема ниедна и со тоа искажувам огромна благодарност на македонските граѓани што управуваат возила на жртвите што ги имаат спасено со одговорното возење и учество во сообраќајот“, потенцираше министерот Тошковски.

