Македонија
Oтворен првиот центар за жртви на сексуално насилство во Македонија
Денеска во кумановската болница, беше отворен првиот од вкупно трите центри за заштита на жртви од семејно насилство со донација од 400 илјади евра од УНДП и УНФПА, како и во соработка со граѓанската организација ХЕРА. Центарот профункционира по само една година откако Владата ја ратификуваше Истанбулската конвенција за превенција и сузбивање на насилството врз жените и на семејното насилство.

„Во државата досега немаше ниту еден центар каде ќе бидат згрижени овие жртви. Токму поради тоа, процентот на пријави на вакви случаи е многу мал. Во овие центри сега жртвите ќе ја добиваат помошта на едно место, односно нема да бидат принудени да одат на различни места и постојано да ја раскажуваат истата приказна„, изјави Лујза Винтон, постојана координаторка на Обединетите нации во Македонија.
Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, во своето обраќање рече дека со отворањето на овие центри, Македонија ги обезбедува потребните услуги за жртвите на сексуално насилство, кои се во согласност со меѓународните стандарди.
„Владата забрзано работи на подготвување на неколку пакет мерки за искоренување на секој вид насилство. На овој начин сите заеднички ќе направиме напори за развивање и подобрување на националното законодавство за борба против насилството врз жените, но и кон превентивно делување и подигање на јавната свест„, рече Царовска.
Според, министерот за здравство Венко Филипче, целта на овие центри е примарно да се заштитат жртвите од родово насилство, на начин со кој ќе се почитува достоинството и интегритетот на жртвите.
“Центарот е пристапен за жртвите со физички инвалидитет и е целосно опремен со гинеколошка опрема. Во следниот период се очекува да се отворат уште најмалку три нови центри, а Министерството за здравство се обврзува и понатаму да го поддржува развивањето на центрите за упатување на жртви на сексуално насилство и усогласување на стандардите на Република Македонија со стандарите на Советот на Европа и ОН„ рече Филипче.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски вели дека отворањето на првиот ваков центар треба да се разбере како почеток на патот кон целта.
„Овие центри ќе служат, не само за спречување или за заштита на жртвите, туку за нивно подигнување на нозе, за да можат сами понатаму да чекорат во животот„ рече Спасовски.
За работењето на центарот е развиена стандардна оперативна процедура за третман на жртви на сексуално насилство која ќе помине како официјален документ на следната владина седница и истата ќе биде обврзувачка за понатамошно користење.
Република Македонија, во декември 2017 година ја ратификуваше Конвенцијата на Совет на Европа за превенција и сузбивање на насилството врз жените и семејното насилство. Според член 25 од оваа Конвенцијата, имаме обврска, како држава, да ги инкриминираме сите форми на насилство врз жените вклучително и сексуално насилство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали во Брисел: Билатералните прашања не смеат да го кочат европскиот пат на земјата
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Матеј Тонин (EPP) во Европскиот парламент.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграции и за спроведувањето на клучните реформи, вклучувајќи го владеењето на правото, јавната администрација и правата на заедниците. Истакната е важноста билатералните прашања да не го попречуваат напредокот на земјата кон ЕУ.
Исто така, беше оценет постигнатиот напредок во Планот за раст и дигитализацијата на услугите, вклучително и проектот WiFi4WB и приклучувањето во SEPA, како и соработката со Претседателството на Кипар и европските партнери за решавање на предизвиците со транспортерите по воведувањето на Системот Entry/Exit.
Првиот заменик-претседател Сали повторно ја потврди посветеноста на Северна Македонија кон европскиот пат и подготвеноста за натамошно унапредување на секоја реформа со европските партнери.
Македонија
Во наредните денови дожд, на планините снег – температурите растат
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималните температури ќе се движат од -4 до 3 степени, додека максималните ќе достигнат од 6 до 11 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1 степен, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во наредните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини и од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер, а во среда повремено засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на лауреати: Во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи
Промената во светот бара промена во образованието, гледање на реалноста низ очите на новите генерации, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Светскиот самит на лауреати, што денеска се одржува во Дубаи, во пресрет на Светскиот самит на владите.
На еминентниот собир, на којшто учествуваат околу 150 врвни научници, вклучувајќи Нобеловци и лидери на истражувачки институции од целиот свет, Сиљановска-Давкова посочи дека во време на подем на вештачката интелигенција, образованието повеќе не е еднонасочна улица на пренесување и помнење на факти и посочи на потребата фокусот на образованието да се префрли на критичко и креативно размислување.
„Вештачката интелигенција е дел од новиот модел на образование. Таа не може и не треба да биде забранета. Сепак, тоа треба да се регулира, бидејќи носи бројни ризици, меѓу коишто е зависноста“, рече претседателката.
Според неа, образованието мора да почне да се фокусира на менталната стабилност, емоционалната интелигенција и етичкото и моралното расудување, што ѝ недостасува на вештачката интелигенција.
„Ни треба глобален консензус дека вештачката интелигенција во образованието и во секојдневниот живот мора да биде транспарентна, фер и водена од човекот. Вештачката интелигенција мора да биде алатка, а не господар“, рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката смета дека промена на парадигмата е потребна и во македонскиот образовен систем.
„Верувам дека во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи. Имаме луѓе со одлични идеи. Имаме хемичари и физичари кои се меѓу првите 2% од најцитираните научници на глобално ниво. Имаме жени во STEM кои ги надминуваат регионалните и европските нивоа. Имаме талент и потенцијал, но не можеме да го направиме тоа сами. Ни треба вашата поддршка, идеи, а најважно од сè, вашиот совет. Македонската академија на науките и уметностите, нашите универзитети и факултети се отворени за соработка во истражувачки и развојни проекти од коишто сите би можеле да имаме корист“, рече претседателката на самитот.

