Општество
Православните христијани го прославуваат Богојавление-Водици

Православните верници во четврток го слават Богојавление – Водици, празник поврзан, според верувањата, со крштевањето на Исус Христос во водите на реката Јордан.
Водици или Богојавление — денот на кој според христијанското предание Св. Јован Крстител го крстил Исус Христос во реката Јордан. Се прославува на 19 јануари кај црквите што го користат јулијанскиот календар (вклучувајќи ја и македонската), а на 7 јануари кај црквите што го користат грегоријанскиот календар). Со тоа му се дава значење на крштевањето како една од повеќето свети тајни на христијанството. Крштевањето значи и духовно раѓање, односно почеток на човековото живеење во верата. Затоа кумот се смета за духовен родител на крстениот и најблизок роднина. Со овој празник завршуваат не само дванаесетте т.н. Некрстени денови туку и циклусот зимски празнувања во кој спаѓаат уште и свеченостите поврзани со Бадник, Божик, Нова Година (Василица) и сл.
Водици се празнува два дена. Првиот ден 19 јануари, освен Богојавление и Водици уште се вика и Војордање и Машки Водици, а вториот ден 20 јануари, Собир на Свети Јован Крстител уште се вика и Женски Водици. Како што забележал Кузман Шапкарев во минатото во Скопје бил познат обичајот капење на младоженците. Првиот ден од празникот ги бањале зетовците и машките деца првенци, а вториот ден невестите и женските деца, исто така, првенци. Овој обичај се изведувал на тој начин што ги носеле на реката Вардар, а таму попот по специјален обред ги попрскувал со пејана (светена) вода. Познато е дека на првиот ден од празникот по коледица одат само мажите, а вториот ден само жените.
Денес традиционално, во Македонија во речиси сите населени места, свештениците го фрлаат ритуалниот крст во некоја поголема вода – река, езеро или базен, а луѓето скокаат во водата и се обидуваат да го фатат крстот. Се смета дека на тој ден сите води се крстени и исто така оној што ќе го најде крстот ќе биде среќен во следната година.
Овој ритуал го симболизира влегуањето на Христос во реката Јордан.
Еден ден пред празникот на 18-ти е Водокрштение, некои го викаат Водокрст или Водопост. Водокрст доаѓа од крштевањето односно осветувањето на водата, а Водопост поради тоа што се работи за строг пост. Рано наутро на знакот од камбаната сите кумови одат во црквата. Секој со себе носи котле со вода и во него крстот што и припаѓа на таа компанија. Откако попот ќе ги провери сите крстови дали се правилно врзани со босилекот, (треба да има толку гранчиња колку што има куќи компанијата) ги пее сите крстови заедно, и со тоа ја осветува (крштева) водата. Со овој чин, оваа вода добива профилактичка моќ, со неа во текот на денот се прска низ куќата, шталата, и другите простории и има цел да ги избрка сите лошотии. /крај/ви/мф/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
МВР: Носи кацига, вози внимателно!

Одделението за превенција при СВР Скопје и Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата денеска на подрачјето на ПС ОН Центар продолжија со реализацијата на активностите во рамките на превентивната кампања „Носи кацига, вози внимателно“, чија основна цел е внимателното и одговорно учество во сообраќајот со цел зголемување на безбедноста.
При реализацијата на кампањата, што е дел од оперативниот план „Безбедно лето 2022“, беа реализирани средби и едукативни разговори со возачите на мотори и на електрични тротинети, а беа делени и летоци со едукативни содржини, соопшти МВР.
Основните пораки до учесниците во сообраќајот се насочени кон нивно запознавање со законската регулатива од оваа област на сообраќајот, почитување на сообраќајните правила и прописи, а во насока на општо зголемување на сообраќајната култура и безбедност.
Македонија
Петровска оддаде почит во спомен на загинатите бранители кај Љуботенски Бачила

Денеска, во спомен на осумтемина бранители и припадници на Армијата, кои животот го загубија кај месноста Љуботенски Бачила, министерката за одбрана, Славјанка Петровска, и началникот на Генералштабот, генералот Васко Ѓурчиновски, положија венец свежо цвеќе на спомен-обележјето на загинатите бранители кај Љуботенски Бачила.
Во чест на загинатите, а како дел од низата одбележувања на овој настан, Петровска како предводник на владината делегација, во чиј состав беше и советникот за одбрана на претседателот на Владата, Драган Василевски, положија венец свежо цвеќе и пред спомен-плочата на загинатите бранители во касарната „Илинден“ во Скопје.
На овој ден, пред 21 година, на патот кај месноста Љуботенски Бачила животот го загубија Томе Бадаровски, Гоце Чанкуловски, Бранко Јанев, Томислав Настевски, Марјанчо Бошевски, Ивица Златевски, Томе Димовски и Раде Јанковски, припадници на резервниот состав на Армијата.
Македонија
Нема хоспитализиран пациент со мајмунски сипаници на Клиниката за инфективни болести

Нема хоспитализиран пациент суспектен за мајмунски сипаници, информираат од Клиниката за инфективни болести.
„Во врска со пациентот што се споменува во медиумите, според информациите од кичевската болница, станува збор за суспектен пациент, кој е во добра здравствена состојба и со уредни лабораториски резултати, кај кого е дадена препорака за тестирање“, се додава во информацијата од Клиниката за инфективни болести.
Во моментот, појаснуваат од таму, се организира епидемиолошки тим, кој ќе спроведе епидемиолошка анкета.
„До овој момент не е доставен материјал за тестирање во Институтот за јавно здравје и во државата нема потврден случај на мајмунски сипаници“, е нагласено во соопштението.