Општество
Екологистите бараат итно ревидирање на плановите за хидроенергетскиот развој
Неопходно е итно ревидирање на плановите за хидроенергетскиот развој на национално ниво и нивно усогласување со документите изработени во прилог на дефинирање на разновидноста, конзервациското значење и валоризација на природните вредности во Македонија.
Ова го порачуваат екологистите, кои сметаат дека со аргументи успеале да издејствуваат ЕБОР да ја откаже финансиската поддршка за „Бошков Мост“, 13 месеци откако Светската Банка ги откажа финансиите за „Луково Поле“, втората поголема хидроцентрала што требаше да се гради во Националниот парк „Маврово“.
„Веднаш по одобрувањето на кредитот за ‘Бошков Мост’, поднесовме жалба до Механизмот за жалби воспоставен од страна на ЕБОР. Во 2013 г. ЕБОР ја усвои жалбата за ‘Бошков Мост’ и оцени дека Банката не ги следела своите еколошки процедури во процесот на одобрување на проектот“, објаснува Ана Чоловиќ Лешоска од Еко-свест.
„Правни неправилности и пропусти се забележани дури и со националната дозвола за одобрување на проектот и постапката за ОВЖС. Во 2015 година одлука донесена од Управниот суд на Македонија потврди дека Министерството за животна средина доделило лиценца за одобрување на проектот во 2012 година, врз основа на несоодветна и нецелосна оценка на влијание врз животната средина, а со тоа ги прекршило постоечките национални закони за животната средина. Во меѓувреме, Светската банка сѐ уште размислуваше за поддршка на проектот “Луково Поле”“, изјави Александра Бујароска од Фронт 21/42.
“Сега кога и Постојаниот Комитет на Бернската конвенција инсистира на спроведување на СОВЖС постапка, се надеваме дека реалните закани по однос на природноста на Паркот ќе бидат конечно изложени. Овде не станува збор само за „Маврово“ и неговите природни вредности – ако планирање и реализација на големи инфраструктурни проекти е дозволиво во национални паркови, тогаш што останува за подрачја со пониска категорија на заштита, или подрачја кои немаат статус на заштита а поседуваат исклучителни природни вредности? Заштитата на природата во Македонија треба да се сфати
многу посериозно отколку што е случај во моментов“, вели Методија Велевски од Македонско еколошко друштво.
Во моментов, Владата на Република Македонија ја суспендира имплементацијата на проекти финансирани од меѓународни финансиски институции (вклучувајќи го и проектот „Бошков Мост“). /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Халкбанк со голема акција за пошумување во Делчево како дел од иницијативата „Еден милион садници за пет години“
Халкбанк АД Скопје денес ја реализираше новата етапа од својата долгорочна зелена иницијатива „Еден милион садници за пет години“, со засадување багремови садници на површините од „HalkForest“ во Малешевијата, на локација во Делчево.
Акцијата беше спроведена во партнерство со ЈП Национални шуми и со учество на менаџментот на Банката, дел од вработените и стручни претставници од јавното претпријатие.
Ова пошумување е дел од најамбициозната еколошка програма на Халкбанк досега, иницијатива која што Банката ја започна минатата година, а е препознаена како системски придонес за борба против загадувањето, обновување на шумските екосистеми и подобрување на квалитетот на воздухот.

Со најновата акција, Халкбанк повторно ја потврди својата определба, одржливоста да биде трајна, а не декларативна обврска.
„За нас, одржливоста е дел од јасно поставена стратегија и подразбира постојана работа, планирање и вистински ангажман. Пошумувањето е активност со мерливи ефекти, го намалува загадувањето, ја подобрува еколошката рамнотежа и создава услови за поздрава средина. Со иницијативата ‘Еден милион садници за пет години’ покажуваме дека сме подготвени континуирано да инвестираме во решенија кои носат долгорочна вредност за сегашните и идните генерации,“ истакнаа од Халкбанк.
Акцијата во Делчево е дел од програмата што се реализира преку платформата ХалкЕко, преку која Банката во изминатите години засади над 100.000 садници, организираше спортски и еко настани, поддржува едукативни програми и придонесува кон уредување јавни простори низ државата.
Халкбанк останува посветена на исполнување на целта за засадување еден милион нови садници во период од пет години, со стратешки пристап и цврсто партнерство со институциите и локалните заедници.
(ПР)
Македонија
Г.г. Стефан: Да ги зацврстиме единството и слогата, да ги надминеме разногласијата и меѓусебните поделби
Ариепископот Охридски и македонски заедно со Светиот архиерејски Синод, по повод велигденските празнувања, испраќа мир и благослов од Бога до свештенослужителите, монаштвото и до сите чеда на МПЦ-ОА.
– Христовото воскресение е смислата на нашето севкупно постоење. Тоа е стожерот околу којшто се одвива сиот наш живот и камен-темелникот врз којшто се гради сиот наш подвиг на верата, на надежта и на љубовта во Бога. Тајната на Христовото воскресение го преобразува и го вообличува севкупниот наш поглед кон светот и човекот, кон времето и вечноста. Зашто, токму ова спасоносно собитие е најголемата вистина којашто му беше објавена на човековиот род и токму оваа Тајна над тајните е најрадосното благовестие со коешто велегласно беше возвестена конечната победа на животот над смртта, на доброто над злото и на љубовта над омразата, вели г.г. Стефан меѓу другото во обраќањето.
Македонија
Православните верници го слават Велигден
Православните верници денеска го слават најголемиот христијански празник Велигден – Христовото воскресение, ден кога Исус Христос ја докажал својата божествена моќ и воскреснал од мртвите. Воскресението Христово на полноќ беше објавено во сите храмови на Македонската православна црква, а денеска се одржуваат воскресенски литургии.
Поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан богослужеше во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје од каде го објави Христовото Воскресение и упати Велигденски пораки.

