Македонија
ДОМ поднесе амандмани на буџетот за аерозагадувањето и колекторите во Охрид и Дојран

Пратеничките на ДОМ поднесоа три амандмани на буџетот за аерозагадувањето и колекторите во Охрид и Дојран како ургентни потреби за в година. Со амандманите е предвидена пренамена на средства од повеќе буџетски ставки во ставки стриктно наменети за подобрување на состојбите со животната средина во делот на воздухот и водите во вкупна вредност од 34,7 милиони евра.
„Амандманот за аерозагадувањето предвидува зголемување на предвидената програма од 1,6 милиони евра на 25 милиони евра, колку што беа и процените од Министерството за животна средина дека ќе бидат потребни, а кои планира да ги обезбеди од други министерства и донации. Средствата се наменети за: набавка на мерни инструменти за мониторинг на воздухот, набавка на опрема и акредитација на централна референтна лабораторија, промена на горивата, поставување сончеви панели и енергетска ефикасност за јавни објекти и домаќинствата, како и за изработка на регистар на возила. Се очекува со ова да се постигнат видливи ефекти во текот на една година“, велат од ДОМ.
Амандманот за Охридското Езеро обезбедува средства во висина од 11 милиони евра за доизградба на колекторскиот систем, со оглед на тоа што е потребно итно заокружување на основната мрежа во состојба кога туризмот е во подем и се очекува натамошен развој. „Досега е изработена комплетна проектна документација, а е најавено и како владин приоритет. Обезбедување ефикасно функционирање на колекторскиот систем е и еден од заклучоците од собраниската надзорна расправа за управување со заштитениот Охридски Регион од УНЕСКО“, велат од партијата.
За Дојранското Езеро се предложени 200.000 евра за дореализација на проектот за реконструкција на пречистителна станица во општината имајќи ги предвид состојбата со квалитетот на водата на езерото, зголемениот број туристи и слабиот капацитет на станицата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Дел од Сарај и Илинден денеска без струја

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН Македонија АД, информира дека поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа денеска, без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 13:00 часот, дел од корисниците од село Кондово, општина Сарај;
· од 08:30 до 15:00 часот, корисниците од ул. 534 и ул. 531 во село Марино, општина Илинден.
Македонија
На Табановце се чека до половина час за влез во државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. Се бележи зголемена фреквенција на возила на ГП Табановце, времето на чекање за влез во државата е околу 15 до 30 минути. На останатите гранични премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
СДСМ: Демографија не се подобрува со кампањи, туку со квалитетен животен стандард и јасна перспектива за младите

„Наместо да создава услови младите да останат тука и да формираат семејства, Мицкоски ги брка од државата со зголемување на сиромаштијата и нееднаквоста, без да понуди каква било јасна перспектива за државата. Денес, младиот човек во Македонија е оставен без иднина. Стандардот е уништен. Платите се недоволни, а Мицкоски се заканува со нови даноци. Со вакви политики, за кратко време, тој ќе ги избрка сите од државата“, велат од СДСМ.
„Наместо да понуди современа, хумана и искрена поддршка за младите семејства, тој вели дека ќе ги едуцирал за „семејните вредности“. Демографијата не се решава со кампањи за „семејни вредности“, туку со стабилни и добро платени работни места, достапно и квалитетно здравство и сигурна социјална заштита.
Младите не бегаат затоа што не сакаат да создадат семејство, туку затоа што не можат да си го дозволат. Тоа е директен резултат на промашените и класично десничарски политики на оваа влада. Стандардот е намален за 20%, се богати само елитата околу Мицкоски, а за останатите граѓани нема никаква корист од владините политики.
Ако навистина сакаше да се раѓаат деца во Македонија, ќе се грижеше најпрво нивните родители да бидат сигурни и да ја гледаат својата иднина тука. Таква политика од Мицкоски нема“, соопшти СДСМ.