Македонија
Поддршка од Полска за интеграциите во ЕУ и НАТО
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од министерот за надворешни работи, Никола Димитров, и државниот секретар во МНР, Виктор Димовски, попладнево се сретна со Јацек Чапутович, министер за надворешни работи на Полска, и полска делегација придружувана од амбасадорот на Полска во земјава, Јацек Мултановски.
Чапутович ги поздрави реформите во државава и добрососедските односи и додаде дека лично му честита на премиерот Заев за постигнатите резултати. Министерот Чапутович соопшти дека Полска ја поддржува Република Македонија, како и земјите од Западен Балкан во ЕУ и НАТО-интеграциите.
На средбата беа споделени искуства дека евро-атлантските интеграции значат политичка стабилност, но и шанси за економски развој.
Заев се заблагодари во име на граѓаните на Македонија и на Владата за големиот пријател што го имаат во Полска и нејзините граѓани, од осамостојувањето на нашата држава, за време на политичката криза во земјата, како и во остварувањето на стратешките цели, ЕУ и НАТО.
„Реформските промени што ги правиме во делот на владеење на правото, слобода на медиумите, примена на европските демократски вредности, како и унапредувањето на односите со соседите, низ пријателско и принципиелно ниво, веќе резултира со отворање перспективи и раздвижување на интересот за инвестирање во нашата држава. Првите договори се потпишани, а има многу што се во фаза на договарање и разговори. Посветени сме на привлекување нови инвеститори и отворање нови работни места за младите луѓе во нашата држава. Во таа насока, многу ни значат отворените можности за економска соработка со Полска. Исто така сакаме да примениме искуства од Вишеградската група во евро-атлантските интеграции, поради што сме подготвени да ја подлабочиме соработката со Полска на секое ниво“, рече премиерот Заев.
Министерот за надворешни работи на Полска, Чапутович, се заблагодари за можноста да присуствува на денешната комеморација по повод 75-годишнината од депортацијата на Евреите од Македонија за време на Втората светска војна и да го искаже ставот на Република Полска дека вакви настани никогаш не смеат да се повторат.
На средбата на премиерот Зоран Заев со министерот за надворешни работи на Полска, Јацек Чапутович, беше оценето дека се од големо значење и соработката и дејствувањето на Република Македонија во решавањето на мигрантската криза заедно со европските земји.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
До 11 часот гласале 10,1 отсто од избирачите, најмногу во Пробиштип, намалку во Сарај
Одѕивот до 11 часот на вториот круг од локалните избори изнесува 10,1 проценти.
Според информациите на Државната изборна комисија, највисока е излезноста во Пробиштип каде гласале 22 проценти од избирачите, а висока излезност има и во Лозово и Крушево, со околу 20 и 19 отсто. Најниска е излезноста во Сарај со 1,86 отсто и Чаир со 2 проценти.
Излезеноста на гласачите во Град Скопје до 11 часот изнесува 8,30 проценти.
Оценето е дека гласањето тече без проблеми, а единствениот застој бил забележан во Дојран, каде поради технички проблем со уред за биометриска идентификација имало краток прекин, кој бил веднаш отстранет. Во вториот круг се гласа во 32 општини и Градот Скопје, на 1.771 избирачко место, а право на глас имаат 1.013.375 граѓани.
Првичните неофицијални резултати ќе бидат објавени по 20 часот. Некаде околу 23 часот, се очекува да бидат познати сите резултати од гласањето на изборите во вториот круг.
Македонија
„Фероинвест“ донираше медицински мебел произведен во „Брако“ на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија
Компанијата ФЕРОИНВЕСТ реализираше донација на медицински мебел и опрема произведени во фабриката БРАКО од Велес, наменета за Универзитетската клиника за торакална и васкуларна хирургија во Скопје.
Донацијата е реализирана по официјално барање на Клиниката, која се обрати со молба за поддршка при обнова на медицинскиот мебел и асортимантот во неколку оддели, со цел подобрување на условите за работа на медицинскиот персонал и квалитетот на здравствените услуги.
Во рамки на донацијата, ФЕРОИНВЕСТ донираше медицински ормари, отомани, паравани, скали, колички и статични држачи за инфузија, сите дизајнирани и произведени во БРАКО, фабрика која е долгогодишен партнер на здравствените установи во земјата и регионот.
Со оваа донација, одделот на д-р Игор Џиковски при Клиниката доби современо уредени простории, целосно подготвени за започнување со работа и интеграција на новата медицинска опрема.
Со новата опрема, обезбедени се модерни, функционални и безбедни услови за работа, што ќе придонесе за поефикасно лекување и подобра грижа за пациентите.
ПР
Македонија
(Видео) МВР: Десет пријави за прекршување на изборниот молк, едно лице приведено во Шуто Оризари
За време на предизборниот молк регистрирани се 10 пријави за негово нарушување од кои по три на подрачје на СВР Скопје и СВР Охрид, две на подрачје на СВР Штип и по една на подрачје на СВР Тетово и СВР Битола. По преземени мерки не се потврдени пријавите за шест настани, соопшти МВР.
„Покрај ова, регистрирани се 19 објави на социјалните мрежи за време на изборниот молк кои се однесуваат на повик за гласање за одредени кандидати, како и објавени видеа и слики од партиски активности во штабови. Во врска со гласањето, на 01.11.2025 регистриран е настан за фотографирање кочан со гласачките ливчиња во основното училиште „26 Јули” во општина Шуто Оризари, при што приведено е едно лице и се преземаат мерки за расчистување на настанот“, велат од МВР.
На сите подрачја гласањето на болни и изнемоштени лица и затвореници помина без нарушување на гласањето.

