Македонија
Демир Хисар – град на културата: Свечено дефиле и велигденски фолклорен фестивал
Во Демир Хисар, со традиционалниот фолклорен Велгиденски фестивал, беше свечено отворена Манифестацијата „Град на културата за 2018 година“. Програмата на отворањето започна со свечено дефиле, по што следуваа настапи на неколку културно – уметнички друштва од градот – домаќин, Битола и Кичево. Манифестацијата ја отворија градоначалникот на Општина Демир Хисар, Марјанче Стојановски и министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, кој истакна дека му е особено ми е драго што годинава Демир Хисар ја доби честа да биде град на културата во Македонија, што јасно ја демонстрира и заложбата на културните политики на новата Влада за децентрализација и деметрополизација на културата.
Министерот Алаѓозовски пред присутните потенцираше дека во оваа година, кога Демир Хисар е културна престолнина во нашата земја, а Европа ја прогласи за година на културното наследство, Владата на Република Македонија и Министерството за култура ќе бидат посветени да го негуваат и чуваат она по што Македонија е позната и се гордее во целиот свет, богатото наследство и разните слоеви на цивилизации и култури напластени на овие Простори низ историјата.
„Во таа смисла, не случајно оваа општина е град на културата на Македонија за 2018-та година. Имаме обврска и кон богатото културно наследство на Демир Хисар, за жал недоволно истражувано, ниту пак заштитено или промовирано онака како што заслужува. Тука се манастирот „Свети Јован Претеча“, црквите „Св. Јован Богослов“ и „Свети Никола“ во Слепче, манастирот „Свети Никола“кај Слоештица, црквата „Света Петка“ во Жван – сите од XIV век, потоа црквата „Влашки гробишта“ во урнатини во село Обедник; има локалитети со делови од населби, тврдини, некрополи, фрагментарна керамика и сл. во Граиште, Жван, Железнец, Зашле и Обедник; Неодминлив и важен дел од историјата на овој крај и нашиот народ од Илинденскиот период се гробот и споменикот на Даме Груев, Меморијалниот музеј на Смилевскиот конгрес и на учесниците во Илинденското востание во селото Смилево, гробницата на 15 востаници во Слепче, а тука се и повеќе споменици од периодот на НОБ“, рече Алаѓозовски.
Според министерот за култура, имаме обврска да се однесуваме одговорно кон нашата култура и традиција, да го чуваме и заштитиме нашето богато културно наследство и да придонесуваме за одржлив културен развој на земјата, насекаде и за сите граѓани еднакво. „Богатствата што се секаде околу нас не се само обврска и завет, туку и ресурс кој може помогне да го донесеме тој развој, како и инспирација за и ние да оставиме вакви вредности за идните генерации“, истакна Алаѓозовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Полицајци спасија жител на Македонска Каменица кој останал заглавен на тераса во пожар во неговата куќа
Полициски службеници спасија жител на Македонска Каменица, кој беше заглавен на тераса откако настана пожар во неговата куќа, соопшти МВР.
Вчера попладне во 13:23 часот во СВР Штип е пријавено дека на ул.„14 Јуни“ во Македонска Каменица настанал пожар во куќа, сопственост на Љ.Ѓ.(80).
Полициски службеници од СВР Штип – Полициско одделение Македонска Каменица излегле на местото и го затекнале сопственикот заглавен на тераса на вториот кат, по што се преземени мерки и со помош на скали безбедно го спуштиле.
Нему му е укажана помош во Клиничка болница Штип поради вдишување чад, по што е пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје за понатамошно лекување.
Пожарот е изгаснат од Територијалната протипожарната едница Македонска Каменица. Увид е извршен.
Македонија
Менаџер на продавница во Скопје украл 2,7 милиони денари, парите од дневниот промет си ги ставал во џеб
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице вработено во продавница во трговски центар во Скопје. Тој е осомничен дека украл 2,7 милиони денари, а според последните информации од истрагата, тој сè уште ги крие парите.
Осомничениот 35-годишник ја злоупотребил својата службена положба – менаџер на продавница во трговски центар во Чаир, како и дадената доверба и пристапот до касите и сефот, па во периодот од 18.12.2025 година до 04.02.2026 година, во повеќе наврати одземал парични средства што му биле доверени. Парите од дневниот промет не ги депонирал во сеф ниту ги предавал на овластено лице за собирање и транспорт на прометот. На овој начин осомничениот незаконски присвоил 2.783.867 денари и ја оштетил компанијата во која работел.
Бидејќи откако бил откриен тој веднаш бил отстранет од работното место, јавниот обвинител предложи и дополнителни мерки на претпазливост во текот на постапката – забрана за напуштање на живеалиште, обврска да се јавува во судот и привремено одземање на пасошот.
Притоа, обвинителството го имаше предвид ризикот од бегство како и фактот дека осомничениот сè уште ги крие и не ги враќа противправно одземените пари на правното лице.
фото/Depositphotos
Македонија
Хоџа: Продолжува партнерството со Светска банка за системска борба против аерозагадувањето
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, оствари работна средба со претставници на Светската банка, предводени од Карол Мегеванд, на која беше разговарано за досегашната соработка и можностите за нејзино понатамошно продлабочување во областа на управувањето со квалитетот на воздухот.
Од Министерството информираат дека на средбата било констатирано дека во моментов се имплементираат повеќе значајни проекти насочени кон подобрување на состојбата со аерозагадувањето, но дека останува потребата од дополнителни инвестиции.
Министерот Хоџа истакнал дека негова цел е системска промена во справувањето со аерозагадувањето, како клучен приоритет во неговата работа и во работата на Министерството. Тој нагласил дека долгорочните и одржливи решенија бараат силно партнерство со меѓународните институции и континуирана поддршка во спроведувањето на реформите.
Во таа насока, Хоџа изразил подготвеност за продолжување и продлабочување на соработката со Светската банка, нагласувајќи дека отворената комуникација ќе продолжи и во иднина, со заедничка цел – подобрување на квалитетот на воздухот и заштита на здравјето на граѓаните.
Министерот посочил дека Министерството и Владата континуирано работат на унапредување на квалитетот на воздухот преку Акцискиот план за чист воздух, Програмата за периодот 2024–2030, како и преку тековните проекти финансирани преку ИПА 2 и ИПА 3. Притоа, било истакнато дека останува потребата од дополнителни инвестиции и засилена техничка поддршка, за да се намали загадувањето и да се обезбеди чиста животна средина за сите граѓани.

