Македонија
SafeJournalists: Ги осудуваме смртните закани и сексистичките навреди кон новинарката Тања Милевска
Тања Милевска, новинарка и дописник во МИА, доби смртни закани и сексистички навреди на „Твитер“, а подоцна и на „Фејсбук“, поради нејзините јавни ставови изразени на социјалните мрежи. Случајот е пријавен во полиција, но досега не се поведени обвиненија.
На 11 јули Милевска на социјалните мрежи доби десетици вербални закани, говор на омраза и закани од силување кога таа на „Твитер“ поставила прашање дали премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, и Европската народна партија (ЕПП) во Европскиот парламент ја признаваат уставната промена на официјалното име на државата. По овој твит, тролови, како и активни политички фигури, изминативе пет дена ги подгреваа заканите во обид да ја дискредитираат новинарката во пресрет на парламентарните избори што се одржаа вчера.
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) остро ги осуди говорот на омраза и директните закани за животот на Милевска и ги потсети Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство дека овие дела се опфатени со Кривичниот законик и треба да се постапува по нив.
„Безбедноста на новинарите и слободата на говорот одат рака под рака, заедно со демократските обележја на една земја. Ваквиот јавен дискурс, во кој најстрого се напаѓаат новинарите, со отворени закани за животот, е недозволив и незамислив за едно демократско општество, особено за време на предизборниот период“, рече претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, и додаде дека Здружението ќе бара од институциите итна реакција и будно следење на сите закани против новинарите.
Мрежата SafeJournalists, претставувајќи повеќе од 8.200 медиумски професионалци во Западен Балкан, му се придружува на својот член ЗНМ во осудата за заканите против Милевска и ја потсетува јавноста дека во текот на мај беа забележани три случаи на закани преку интернет (Мишко Иванов, Анета Додевска и Наташа Стојановска) и сите овие случаи сè уште се нерешени. Сега дополнително загрижува фактот дека ваквите закани доаѓаат во предизборната кампања, а според информациите на ЗНМ, за тоа се одговорни политичките партии, кои се директни генератори на таквиот наратив што доаѓа од нивните приврзаници, ботови и лажни профили на социјалните мрежи. Ги повикуваме релевантните институции во Северна Македонија да дејствуваат и да ја обезбедат безбедноста на новинарите, особено што практиката покажува дека заканите преку интернет честопати доведуваат до физички напади.
Мрежата SafeJournalists ќе ги информира релевантните национални и меѓународни организации и институции за овие случаи. Секој напад врз новинарите е напад врз јавниот интерес, демократијата и правата на сите граѓани, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајка на патот Прилеп-Битола, сообраќајот во прекин
Од 21 часот сообраќајот на регионалниот пат Р – 1101 Прилеп – Битола кај селото Тополчани е во прекин.
Како што соопшти АМСМ во вонредниот извештај, прекинот е поради случена сообраќајна несреќа.
Во моментов нема податоци за учесниците во несреќата, ниту за можни повреди.
Македонија
Филипче со куфер сликан на аеродром, СДСМ обвинува за следење: „Се враќаме во периодот пред 2016 година“
Опозициската СДСМ денеска обвини дека се врши следење на претседателот на партијата Венко Филипче, оценувајќи дека станува збор за методи карактеристични за периодот пред 2016 година.
Повод за реакцијата, како што наведуваат од СДСМ, е фотографија објавена во јавноста на социјалните мрежи, а на која Филипче е снимен на аеродром, и се тврди дека патува за Дубаи, што партијата го оцени како обид за јавен линч и индиректно признание дека се врши следење и притисок врз опозицијата.
„Ова е добро познатата школа на Никола Груевски, кога безбедносните служби беа ставени во функција на следење на опозицијата“, се наведува во соопштението.
Од СДСМ тврдат дека, покрај следењето, постојат и обиди за прислушување, оценувајќи дека државата повторно се движи кон мракот и дека се применуваат исти методи како во минатото – следење, фабрикување вести и пласирање, како што велат, лажни афери, со цел дефокус од актуелните теми.
Во соопштението се нагласува дека Филипче патува со редовни комерцијални летови, секако не оди во Дубаи, и не користи владини авиони или приватни летала, за разлика од премиерот Христијан Мицкоски, кого СДСМ го обвинува за луксузирање и злоупотреба на државни ресурси.
Според партијата, целта е дефокус, за луѓето да не бидат информирани за „мигранти за пари“, криминал и корупција.
Македонија
Костовски: Левица гласаше против поликлиника, водовод, мостови, финансиска помош за новороденчиња
Левица Бутел тргна цврсто по стапките на ДУИ во општина Бутел, отворено гласаше против се што ќе набројам, пишува градоначалникот Дарко Костовски на социјалните мрежи.
„На седница за буџет, советникот на Левица Бутел гласаше против:
-Нова поликлиника
-Доизградба на водоводот за Љубанци и Љуботен
-Традиционален турнир во Баскет во Радишани
-Традиционален турнир во фудбал за загинати бранители во Љубанци
-Нов мото собир во Бутел
-Детска градинка во населеното место Бутел 2
-Нова фасада на ООУ СВ Климент
-Изградба на пливачки затворен базен во ООУ “Ацо Шопов”
-Нови мостови на река Серава во Радишани
-Уредување и чистење на речното корито на Река Серава
-Финансиска помош за новороденчиња
-Реконструкција на клучните сообраќајници во општина Бутел
-Реконструкција и ревитализација на голем број на помали сервисни улици
-Изградба на нова и реконструкција на постоечката атмосферска и фекална канализација
-Изградба на нови спортско рекреативни центри
-Радишани
-Бутел 1, два спортски центри
-Нови детски игралишта
-Нови спортски игралишта
-Нов пешачки и пристапни патеки
-Поддршка на спортски клубови
-Спортски стипендии
-Парична помош за пензионерите
-Зголемен број на финансиски средства за помош на социјално загрозени семејства
-Финансии за културни и спортски настани
Добро е и тие малку граѓани што гласаа за Левица во Бутел да видат за што гласале, тој глас полека директно се претвара во глас за ДУИ. Одговорно тврдам.
Се надевам ова ќе ми биде последниот статус кога ќе направам равенство помеѓу Левица и ДУИ. Дека последен пат ќе се сомневам дека соработуваат. ДУИ ги интересира само згради во Бутел и тоа веќе на сите е јасно, Левица нема “причина” да биде неразумна !
Давам можност и време да се вразумат. Искрено го правам тоа.
Бутел ќе се развива се повеќе, и ќе се чува се повеќе, нема да дозволам бандити пак да ја водат општината. Затоа што народот јасно покажа каде да се движиме“, додава Костовски.

