Македонија
ГТЦ ќе добие зелен покрив
ГТЦ во Скопје ќе добие зелен покрив. Местото каде што ќе никне новата зелена површина денеска го посетија градоначалникот Петре Шилегов, Нарине Сахакјан – постојан претставник на Програмата за развој на Обединетите нации, Саша Богдановиќ – градоначалник на општина Центар, и Ѓоко Трајчевски – директор на ГТЦ.
„ГТЦ е симбол на модерно, постземјотресно Скопје. Со проектот ‘Зелен покрив на ГТЦ’ финансиран од Град Скопје и имплементиран со поддршка на нашите пријатели од УНДП, постојниот покрив, кој сега е речиси неискористен, ќе стане атрактивен простор со зелена површина за одмор, рекреација и културно-забавен живот. Освен во урбаниот развој на градот, овој проект ќе придонесе и за намалување на температурата во централното градско подрачје преку намалување на ефектот на урбаните топлински острови, подобрување на квалитетот на воздухот и управувањето со врнежите“, рече денеска градоначалникот Шилегов.
Зазеленувањето на покривот на ГТЦ е дел од проектот со кој Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) ќе го поддржи Градот Скопје во спроведувањето на Стратегијата за климатски промени – Отпорно Скопје.

„Изградбата на зелениот покрив е една од многуте заеднички активности кои ги спроведуваат Град Скопје и УНДП со цел да се зголеми отпорноста на градот и да се обезбеди одржливост преку воведување нови иновативни технологии и решенија“, изјави постојаната претставничка на УНДП, Нарине Сахакјан.
На зелениот покрив со површина од 1.800 квадратни метри ќе бидат засадени 29 висококвалитетни дрвја и повеќе од 30 други видови садници. Ќе бидат поставени неколку водени зони во форма на фонтани и базени, монтажна бина, партерно шаховско поле, кафе-бар, како и модерна урбана опрема од клупи, корпи за отпадоци и паркинзи за велосипеди. Со зазеленувањето на покривот на ГТЦ, делумно ќе се надомести загубеното зеленило во Малиот ринг коешто до 2017 година претрпе загуби повеќе од 30% од вкупната површина на крошните на дрвјата кои беа засадени во овој дел на градот.
„Убеден сум дека со вакви конкретни чекори освен што ги враќаме посетителите во ГТЦ, полека го враќаме и модерниот сјај на Скопје со многу зелени површини и урбани содржини кои нè носат чекор поблиску до целта Скопје конечно да стане зелена престолнина со која сите ќе се гордееме“, нагласи Шилегов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март не доби поддршка од пратениците од власта. Предлогот денеска беше на дневен ред на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта го одбила и предлогот за јавна расправа и разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

