Македонија
Се реконструира улицата Ѓорче Петров

Екипите на Град Скопје ја почнаа реконструкцијата на улицата Ѓорче Петров на потегот од општинската зграда до бензинска пумпа на „Макпетрол“. Увид во градежните работи на оваа делница денеска изврши градоначалникот Петре Шилегов.
„Денеска ja почнуваме реконструкцијата на коловозот на дел од улицата Ѓорче Петров во должина од 1. 500 метри. Градежните работи очекуваме целосно да ги завршиме пред крајот на летото со цел овој сериозно оштетен коловоз да го ставиме во функција на граѓаните пред почетокот на новата учебна година, а тоа значи и да ја зголемиме безбедноста во сообраќајот. За реализација на оваа реконструкција од буџетот на Градот се издвоени околу 50 милиони денари“, изјави Шилегов.
Тој додаде дека реконструкциите на сите улици оваа градежна сезона Град Скопје ги завршува со рекордно куси рокови со цел да се обезбедат услови за одвивање на сообраќајот без создавање сообраќаен метеж.
При реконструкцијата на улицата Ѓорче Петров, која е една од најфреквентните улици во овој дел на градот, ќе се изврши целосно стружење на горниот оштетен слој на коловозот до 20 сантиметри на површина од 21.240 квадратни метри и ќе се нанесе нов асфалтен слој.
Во текот на летото ќе продолжат реконструкциите на повеќе булевари и улици во надлежност на Град Скопје. Поради тоа, Шилегов уште еднаш ги замоли граѓаните за разбирање додека траат градежните активности. Исто така, тој упати апел до сите учесници во сообраќајот да ја почитуваат поставената патна сигнализација и на дневна основа да ги следат информациите за привремен сообраќаен режим што ги објавува Град Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Повеќето пожари изгаснати, под контрола еден – ‘Јасен’ сè уште гори

До 8 часот утринава регистрирани се вкупно 27 пожари на отворен простор, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Од нив, активни се два пожари – во ПП „Јасен“ на подрачјето на општина Македонски Брод и во атарот на селата Лојане и Табановце во општините Куманово и Липково. Под контрола е еден пожар на територија на општина Јегуновце, меѓу селата Рогачево, Јажинце и Долно Орешје.
Во текот на изминатите часови изгаснати се 24 пожари на повеќе локации низ државата, меѓу кои во Долнени, Тетово, Врапчиште, Гостивар, Куманово, Штип, Струга, Кичево, Крушево, Кисела Вода, Шуто Оризари, Илинден, Боговиње, Охрид, Старо Нагоричане, Крива Паланка, Бутел и Карпош.
Македонија
Попладне пороен дожд и грмежи во западните делови, најавија метеоролозите

Времето денес ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Попладне, претежно во западните региони ќе има локална појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, јавува УХМР.
Максималната температура ќе биде во интервал од 28 до 35 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Максималната температура ќе достигне до 33 степени.
Македонија
Марш на ангелите во Кочани: Ако нема правда за ангелите, за нивните родители и семејства, нема да има за никој

Правда мора да има, ако не ќе поставиме шатори пред судот и полицијата и нема да дозволиме никој да влегува. Ако нема правда за ангелите, за нивните родители и семејства, нема да има за никој. Ова го порача поддржувач на родителите чии деца загинаа на 16 март во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Тој од својата инвалидска количка го предводеше осумнаесетиот марш на ангелите. Зборувајќи пред Основниот суд во Кочани, ја обвини полицијата дека дваесет минути на влезот во градот, кај ресторанот „Национал“, држела луѓе од други општини затоа што доаѓале да ги подржат кочанчани.
– Без никакво образложение легитимирале, претресувале. И порачувам на цела Влада – помеѓу тие луѓе нема ниту еден терорист, ниту еден нарко дилер, ниту еден криминалец. Тоа се луѓе со душа и срце. Зошто се прави таков притисок, се обидувате ли нешто да скриете. Истрагата „терајте“ ја како што треба. Родителите на починатите веќе немат солзи во очите, изјави поддржувачот на родителите.
Осумнаесетиот марш на ангелите вечерва се одвиваше по истата маршрута како и претходно: Парк на Револуцијата, кафуле „Класик“, Општина, УЈП, полиција, суд, со тоа што вечерва немаше свирежи пред споменатите институции.
Родителите беа доста тивки. Сестра на починато момче во пожарот во „Пулс“ само потсети дека денеска, 16 август, навршија пет месеци откако на 16 март 62 лица ги загубија своите животи.