Македонија
Сончево и топло време, попладне дожд и грмежи
Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност, а попладне на повеќе места се очекува нестабилност проследена со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Според Управата за хидрометеоролошки работи, ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. Утринските температури ќе се движат од 7 до 16 степени, додека дневните ќе достигнат од 24 до 33 степени.
Во Скопје ќе преовладува сончево време со мала до умерена облачност и слаб до умерен северозападен ветер. Во попладневните часови во делови од котлината ќе има услови за краткотраен пороен дожд и грмежи. Температурата ќе се движи од 12 до 30 степени.
Метеоролозите најавуваат релативно топло време и во текот на новата седмица. Претпладневните часови ќе бидат претежно сончеви со променлива облачност, додека попладне повторно ќе има услови за локална нестабилност со дожд, грмежи и засилен ветер.
Пообилни врнежи и поинтензивни временски процеси се очекуваат во четврток.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски ќе учествува на Парискиот сајбер самит
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, во следните два дена ќе престојува во официјална посета на Париз, Франција, каде што ќе учествува на Парискиот сајбер самит (Paris Cyber Summit 2026), еден од најзначајните меѓународни форуми посветени на сајбер безбедноста, вештачката интелигенција и дигиталната трансформација.
Програмата на самитот е фокусирана на стратешки дискусии за актуелните безбедносни предизвици во дигиталниот простор, развојот на вештачката интелигенција и зајакнувањето на дигиталните капацитети на државите.
Во рамки на посетата, министерот Андоновски ќе учествува на министерска тркалезна маса во Францускиот Сенат на тема „Градење на сајбер капацитети во Западен Балкан под постојана закана“, заедно со министрите и високите претставници од земјите од Западен Балкан. Дискусијата ќе биде посветена на зајакнувањето на националните и регионалните сајбер капацитети, соработката меѓу институциите, заштитата на критичната инфраструктура, справувањето со хибридни закани и усогласувањето со европските стандарди во областа на сајбер безбедноста.
На тркалезната маса министерот Андоновски ќе ги претстави македонските искуства, постигнатиот напредок и тековните приоритети во областа на сајбер безбедноста, со посебен акцент на имплементацијата на стратешките и законските рамки, јакнењето на институционалните капацитети и унапредувањето на регионалната соработка како клучен предуслов за поголема отпорност и ефикасен одговор на современите сајбер и хибридни закани.
Во рамки на официјалната посета на Париз предвидена е и средба со француската министерка за вештачка интелигенција и дигитализација, Anne Le Hénanff, на која делегациите од земјите учеснички ќе имаат можност да ги претстават своите главни достигнувања како и можностите за продлабочување на соработката со француските институции, размена на добри практики и развој на заеднички иницијативи во областа на дигитализацијата, сајбер безбедноста и примената на вештачката интелигенција.
Учеството на Република Македонија на Парискиот сајбер самит претставува уште една потврда за посветеноста на државата кон унапредување на дигиталната трансформација, зајакнување на сајбер отпорноста и продлабочување на меѓународната соработка во областите кои се од клучно значење за безбедниот и одржлив дигитален развој.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Дали Деаноски го претвора УПОЗ во клуб за лица блиски до СДС?
Се поочигледно е политичкото влијание на СДС во синдикалните структури на ССМ. Последен пример за тоа е организацијата на четиридневни спортски игри во Чањ, Црна Гора, зад кои стои членот на претседателството на ССМ и претседател на УПОЗ, Трпе Деаноски, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„За организација на настанот биле потрошени 60.000 евра.
Разочарани членови тврдат дека предност при изборот имале лица блиски до СДС. Наместо еднакви можности за сите привилегиите биле резервирани за однапред избрани луѓе.
Дали ваквите скапи патувања се приоритет на раководството на ССМ?
Раководството на ССМ се оддалечува од реалните проблеми на работниците и се претвора во групација која функционира по политички и партиски линии.
Синдикатите треба да ги застапуваат интересите на сите работници, а не да бидат место каде привилегиите и бенефитите зависат од политичка блискост.
ССМ постојано губи членови, а членовите на претседателството ќе го претворат ССМ во политичка каста блиска до СДС“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Вчера на социјалните мрежи реагираше претседателот на УПОЗ, Трпе Деаноски.
„На настанот во Црна Гора се одржаа синдикални спортски игри, 31-ви по ред што ги организира Синдикатот на УПОЗ, кои од сопствен џеб ги плаќаат учесниците. Игри на работниците, платени од работниците, за работниците. Ништо тајно, ништо луксузно, ништо скриено. Ама ете, кога синдикатот ќе стане премногу гласен за правата на работниците, за минимална плата, за живот што станува сè поскап, е тогаш одеднаш „луксуз“ стануваат дури и спортските игри. Интересно? Кога работниците плаќаат за своите игри одеднаш проблем. Кога работниците плаќаат за политичарите тогаш е добро. Тоа е разликата. И уште еднаш, народски кажано. Кога некој зборува од позиција на имунитет, лесно е да се лаже и измислува. Синдикатот на УПОЗ ќе продолжи да се бори за достоинствени плати, за чесни услови, за работникот да не биде последен во сопствената држава. А кој се плаши од таа борба, нека објаснува што сака. Работниците многу добро знаат кој е со нив“, напиша тој на ФБ.
Македонија
СДСМ: Денес истекува рокот за исполнување на Реформската агенда – уште една лага на Мицкоски
Денес истекува рокот што самиот Христијан Мицкоски го постави пред граѓаните, до 1 јуни да ги исполни сите 10 точки од Реформската агенда, велат од СДСМ.
„Сведоци сме на уште едно неисполнето ветување и уште една голема лага на Мицкоски.
Тој дојде на власт со лаги. Вети дека ќе го врати името, дека ќе го укине Преспанскиот договор, дека ќе обезбеди подобри преговарачки услови, поголеми странски инвестиции и подобар животен стандард.
Најмногу лажеше дека јазикот, културата и македонскиот национален идентитет се загрозени.
Што добивме?
• Признаа дека нема да го вратат името, во „БЈРМ“ или „ФИРОМ“.
• Мицкоски го нарече Преспанскиот договор ремек-дело на дипломатијата.
• Гордана Сиљановска призна дека јазикот, културата и македонскиот национален идентитет се заштитени и апсолвирани.
• Тимчо Муцунски призна дека НАТО е „феноменална работа“ и дека создава поволна клима за инвестиции.
Странсккте инвестициите паднаа за 60%.
Економијата е полоша, нема зголемување на минималната плата, инфлацијата е многу повисока отколку во ЕУ. Граѓаните едвај врзвуваат крај со крај.
Не го вратија името, не го укинаа Преспанскиот договор, создадоа конфликти со соседите, не исполнија ниту еден услов.
Доста е со лагите!
Граѓаните на Македонија повеќе не сакаат да ја плаќаат цената за Мицкоски и неговата криминална група.
Не сакаат тие, нивните семејства и нивните деца да ја плаќаат цената на изолацијата и грабежот.
Распишете референдум!
Граѓаните сами нека одлучат за својата иднина.
Реформи сега.
Малцинства во Уставот сега.
Европа сега“, стои во соопштението на СДСМ.
