Македонија
Tуристичките агенции најавија протест: „Ако државата не ни помогне, ќе мораме да ставиме катанци“

Туристичките агенции најавија протест што ќе се одржи во текот на утрешниот ден, поради, како што велат, молкот на институциите по нивните барања за спас на секторот.
Протестот ќе се одржи утре со почеток во 16 часот.
„Сведоци сте на нашата борба во изминатите пет месеци за опстојување на нашиот сектор, поради кризата со Ковид-19, како и барањата кои во повеќе наврати ги упативме кон сите надлежни институции, Министерство за економија, Министерство за финансии, со цел помош на туристичките агенции, водичи и превозници, но досега останаа неми за нашите апели и ниту еднаш не добивме никаква надеж дека истите воопшто ќе бидат разгледани“, велат организаторите од туристичкиот сектор.
Додаваат дека на протестот се пријавени повеќе од 700 учесници кои ќе се движат по одредена рута и автобуси што ќе ги следат. Почетокот на протестот ќе биде симболично пред Дрводекор, местото од каде што некогаш почнуваа реализациите на нивните тури, а ќе продолжи кон Кочо Рацин, 11 октомври, Димитрие Чуповски, Васил Главинов, булевар ВМРО, булевар Илинден, до Владата.
Планирано е повторно обраќање на дел од учесниците, со цел повторно да се напомене дека пет месеци немаат никакви примања, ниту можност за одржување на функционалноста на нивните сектори.
„Доколку државата не ни даде помош, ќе бидеме принудени веќе во наредните денови да ставиме катанци на нашите врати. Овој протест нема никаква политичка позадина и строго се оградуваме од каква било поврзаност. Бидејќи истиот се одржува во време на пандемија, уверуваме дека ќе се придржуваме до мерките за заштита, како носење маски и дистанцирање“, велат од туристичкиот сектор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.