Македонија
Winter Bike to Worк Day – кафулиња ќе нудат бесплатни пијалаци за велосипедистите
Во светот денеска се бележи интернационалниот Winter Bike to Worк Day. Овој ден има цел да повика и мотивира што повеќе луѓе во ист ден да го изберат велосипедот како начин на транспорт до работа или училиште. Оваа иницијатива треба да важи за поттик што повеќе луѓе да созададат навика да го користат точакот како превозно средство, не само на овој ден, туку секојдневно, до работното место или училиштата.
Иницијативата која се организира секоја година на почетокот на февруари, годинава се случува по седми пат, а Скопје како град се придружува на истата по петти пат. На овој ден многу продавници, локали, институции, ресторани и сл., нудат попусти и поволности за сите кои ќе ги посетат на велосипед, а многу фирми доделуваат подароци за своите вработени кои тој ден пристигнале на работа со велосипед, во знак на поддршка.
Минатата година Скопје беше истакнат од страна на организаторите поради големиот број луѓе кои се обврзаа да го одбележат денот, со преку 1000 поддржувачи и покрај магливото и студено време, што го стави на листата на топ 10 градови по масовност во однос на бројот на жители. Регистрацијата на учесници се одвива преку интернационалниот вебсајт https://winterbiketoworkday.org/ преку кој поддржувачите „ветуваат“ дека навистина ќе возат на овој ден, а на самиот ден на социјалните мрежи постираат фотографии и постови со #winterbiketoworkday #WBTWD.
И оваа година, на овој ден, ресторани, продавници и кафулиња во главниот град ќе понудат поволности за велосипедистите: бесплатни пијалаци или на попуст, подароци, основен сервис на велосипедот и слично. Повеќе информации за одбележувањето на денот во Скопје можат да најдат на линкот од настанот:
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Сега кога не се купува нов авион има пари за минимална плата од 600 евра“, велат од СДСМ
„Законот за минимална плата поднесен од пратеничката група на СДСМ и коалицијата е на дневен ред во Собранието. Овој закон е реален и конкретен одговор на барањата на синдикатите и на работниците – 600 евра минимална плата за достоинствен живот. Сега кога не се купува нов авион има пари за минимална плата од 600 евра“, велат од СДСМ.
„Дополнително, пратеничката група на СДСМ веќе предложи конкретни буџетски ставки од кои може да се обезбедат средства за зголемување на минималната плата.
Тоа значи – пари има, потребна е само политичка волја.
Нема повеќе оправдување дека нема пари.
Сите пратеници да дадат поддршка на Законот и да гласаат за 600 евра минимална плата.
Без изговори. Без калкулации.
Време е да се укине луксузот на власта, а работниците да добијат плати какви што заслужуваат“, соопштуваат од СДСМ.
Македонија
Утрово најстудено во Берово и Крива Паланка
Утрово најстудено било во Берово каде што се измерени -7 степени, -5 било во Крива Паланка, -4 во Скопје – Петровец и Демир Капија, -3 во Гевгелија, Прилеп и Тетово, -2 во Охрид, Виница и Крушево.
Времето денеска
Променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен, а наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Во текот на ноќта почнувајќи од западните делови ќе има врнежи од дожд, на повисоките места од дожд и снег, а на планините од снег. Пообилни врнежи ќе има во западните делови, особено на планините каде што ќе се зголеми снежната покривка.
Максималната температура ќе биде во интервал од 8 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе достигне до 11 степени.
Македонија
„Мицкоски со авионот се плаши за својот живот, а не за животите на своето семејство?!“, прашува СДСМ
„Мицкоски вчера јавно изјави дека кога лета со владиниот авион, наводно се плаши за својот живот и дека „се моли на Бога да останат живи“ кога лета. Ако тоа е вистина, тогаш се поставува суштинско прашање: Како можел тогаш во таков авион да го стави своето семејство и да ги ризикува нивните животи заради приватен одмор?“, прашува СДСМ
„Освен што злоупотребил државни ресурси за приватни потреби, го ставил ли и семејството во ризик?
Ако навистина смета дека авионот е ризичен, тогаш постојат редовни комерцијални линии со економска класа. Не бизнис класа со карти од 4.000 евра, може да патува со економска класа, затоа што нашата економија не е за бизнис класа.
Наместо утре граѓаните да му бидат криви, бидејќи тие го плаќаат овој авион. Прво Мицкоски нѐ расплака со тажната приказна, сега нѐ загрижи. Се плаши за својот живот, а не за животите на своето семејство?!
Ако толку неодговорно се однесува кон сопственото семејство, како ли се однесува кога е во прашање државата?“, се додава во соопштението на СДСМ.

