Македонија
Алиу: Специјализираната болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ е врвна установа
„Специјализираната болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ е врвна установа во нашата држава во оваа област. Со заеднички заложби со раководството во континуитет работиме на унапредување на условите за оваа специфична категорија пациенти“, порача министерот за здравство Азир Алиу на отворањето на првата меѓународна конференција за геријатриска и палијативна медицина со меѓународно учество, која се вчера се одржа во Скопје.
Министерот Алиу потсети дека во изминативе неколку месеци оваа установа е зајакната со стручен кадар, односно дека се вработени вкупно 48 лица, од кои 23 негуватели, 22 хигиеничари, двајца возачи и еден лаборант.
„Во моментов, еден доктор е упатен на специјализација по интерна медицина и двајца доктори специјалисти на супспецијализација по геријатриска медицина. За следната година се планирани уште две супспецијализации по геријатриска медицина“, рече министерот Азир Алиу.
Тој истакна дека за оваа специјализирана болница е обезбедена нова медицинска и немедицинска опрема, како што се eлектрохируршка единица на радиобранови, крио-спреј, парен автоклав – воден стерилизатор, болнички наткасни со масички за хранење и справи за физикална терапија.
„Како министер за здравство сакам да креирам политики базирани на податоци и на потреби. Како што популацијата и демографијата се менуваат, така со менувањето на граѓанинот треба да се менува и инфраструктурата на здравството. Така што ќе креирам и понатаму политики кои се потребни за оваа популација и развој на инфраструктура која е потребна“, рече министерот Азир Алиу.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Наместо свеж кадар и реформи, Филипче прибира негови лојални луѓе по насока на Заев
„Наместо свеж кадар, реформи и фокус на напредок, Филипче по насока на неговиот ментор Заев, го постави Александар Трајановски за потпретседател на партијата. Ова именување е уште една потврда дека Заев и натаму ги држи конците во СДС и ја води партијата од сенка“, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Филипче со ова покажува дека не му е важен напредокот на СДС. Тој избира кандидат кој ги загуби локалните избори, но истовремено е близок до него и до неговиот ментор Заев. Јавноста добро ги памети нивните летувања на скапите грчки плажи, уживајќи во ултра луксузната јахта на Заев. Со ова, се докажува дека ова трио не го интересира народот, туку луксузот. СДС со истите луѓе како Заев, Ковачевски и Филипче, продолжува да тоне во бездната. И наместо да се реформира и да се освежи, тие ставаат повторно кадри кои се продолжеток на Зоран Заев“, истакна Манасиевски.
Тој порача дека „реформите во СДС ќе дојдат само доколку Филипче си замине од партијата“.
Македонија
(Видео) Цветановски: Зошто за шокантниот скандал со операциите веднаш не се поднесени кривични пријави, кој дал индикација?
„Се случи еден од најголемите и најшокантни скандали во здравството, откриени се најмалку 10 непотребни операции на срце. Но се уште нема кривични пријави и нема целосни информации во јавноста. Како е можно за ваков скандал без преседан, министерот да го презентира случајот на ваков начин, без целосни информации и без никакви пријави?“, праша денеска на прес-конференција, Симона Цветановски, членка на Извршниот одбор на СДСМ.
„Министерот Алиу тврди дека комисија „утврдила“ непотребни операции, но во истата реченица вели дека извештајот не бил финален. Ако извештајот не е финален, како се утврдени шокантните факти? Ако е утврдено – зошто документот се крие? Зошто не се објавуваат имињата на клиниките и лекарите кои стојат зад тие интервенции? Зошто по ваков огромен скандал не се поднесени веднаш кривични пријави и тие да бидат процесирани на останатите органи да постапуваат? Што се чека? Дали некој треба да биде заштитен? Дали некој да добие време да се извлече, да избега, да се сокријат трагите? За ваков скандал никој нема право да молчи и да калкулира“, рече Цветановски.
Таа побара итно јавно објавување на целосниот извештај, во фазата во која се наоѓа, без преправки, без селекција и без дополнително „пеглање“.
„Објавување на сите приватни клиники и субјекти кои биле дел од процесот. Објавување на сите имиња на комисии, консилиуми, лекари и управители кои носеле одлуки. Инсистираме јавно да се соопшти, кој дал индикација, кој од докторите дал индикација дека треба да се направат, и тоа за сите интервенции. Веднаш поднесување кривични пријави – без чекање, без прикривање и без одлагање. Активирање на ЈО, ДКСК и Финансиска полиција, поради сериозните индиции за корупција, недозволено упатување пациенти и профитирање врз туѓа мака. Правна и психолошка поддршка за пациентите и семејствата кои се соочиле со траума и ризик по сопствениот живот“, истакна Цветановски.
Македонија
Сиљановска-Давкова прими претставници на Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија
На Светскиот ден на дијабетесот, 14 Ноември, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова прими претставници на Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија – СЗДМ со кои разговараше за главните проблеми и предизвици со коишто се соочуваат.
Тие ја запознаа со личната карта на организацијата, којашто застапува 23 здруженија од земјава посветени на превенцијата од дијабетес, како и грижата и заложбите за унапредување на квалитетот на животот на дијабетичарите.
Имајќи предвид дека во државава се регистрирани 142 илјади пациенти, од кои 42 илјади се на инсулинска терапија, соговорниците се согласија дека е неопходно итно спроведување на современи превентивни, континуирани и квалитетни програми, со коишто не само што се штитат нивното здравје и живот, туку рапидно се намалуваат трошоците.
Претставниците на Сојузот ја запознаа претседателката со приоритетите во борбата со оваа опака болест како што се: потребата за добивање на сензори, oдносно CGM системи за секое лице со Тип1 дијабет. Тие ја посочија и нужноста од достапност на современата инсулинска и анти-дијабетна терапија, од превентивни прегледи низ државата, како и од создавање отворен пазар за медицинските помагала – ленти и гликомери, како предуслов за конкуренција и подобар квалитет, со оглед на досегашните тешки, а напати и ризични искуства.
Претседателката беше информирана и за соработката на СЗДМ со надлежните институции, како и за активностите во рамки на Меѓународната дијабетес федерација во којашто членуваат 251 национални организации од 158 земји во светот каде што се бележи растечки тренд на новодијагностицирани.
Укажувајќи на важноста од подигнување на свеста за здравствената закана што ја носи дијабетесот, Сиљановска-Давкова изрази целосна поддршка за напорите на Сојузот и ја истакна важноста да се изнајдат системски решенија што конкретно ќе придонесат во обезбедувањето на поквалитетен живот за лицата со дијабетес во државава.

