Македонија
„Бистро – Матно“ за декември: 50.000 евра за влијание врз судија, ревизии, судир на интереси
Транспаренси Интернешнл-Македонија продолжува да ја спроведува редовната месечна активност за следење на случаи и дејствија поврзани со коруптивни однесувања и борбата против корупцијата, наречена „Бистро-Матно“.
Од тука велат дека следењето на овие случаи има голем одзив, како во јавноста, така и меѓу домашните и странските чинители и со текот на времето прерасна во релевантен показател на корупцијата и на волјата на државата да се справува со овој проблем.
“МАТНИ” НАСТАНИ ЗА МЕСЕЦ ДЕКЕМВРИ 2025 ГОДИНА
Поранешниот државен правобранител, примил 50.000 евра за да влијае врз судија во Апелациониот суд – Полициски службеници по наредба на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција го лишија од слобода Ф.С. поради сторено кривично дело – Примање награда за противзаконито влијание. Во периодот од октомври до 13.12.2025 година осомничениот примил вкупен износ од 50.000 евра за да посредува и да го искористи своето реално влијание за да интервенира кај судија во Апелациониот суд Скопје и за со поткуп кон судијата да влијае за да се изврши службено дејствие што не би смеело да се изврши.
Реакции за Кривичниот законик – законски измени за уште поголема неказнивост на функционерите – Измените ги намалуваат максималните казни во споредба со стариот Кривичен законик од пред 2023 година, што ги скратува роковите за застарување и го стеснува просторот за ефективно гонење сложени корупциски предмети, особено оние што се откриваат по подолг временски период, а не го штитат ниту буџетот од злоупотреби, велат од Платформата на граѓански организации и од Блупринт групата. Предлог-измените на Кривичниот законик се еднакво лоши, ако не и полоши од претходните, создаваат правна несигурност и ризик од институционална конфузија во преоден период и од амнестија во иднина, реагира правната фела, откако по многу месеци чекање и мислење, деветмина пратеници од владејачката партија, која остро ги критикуваше скандалозните измени од 2023 година, до Собранието достави свои предлози.
Различни аршини во интервјуата на кандидатите за судија во Стразбур – Невладините кои ја следеа фазата на интервјуа на кандидатите за македонски судија во судот во Стразбур нотираат слабости во методологијата и транспарентноста на процесот, конфликт на интереси и силни сомнежи за усогласеноста со стандардите на
Советот на Европа за транспарентен и непристрасен избор. Претседателот на Комисијата, Дарко Костадиновски само делумно се согласува со извештајот. Кандидат за судија на Северна Македонија во Европскиот суд за човекови права на интервјуто пред Комисијата за избор ги читал повеќето од одговорите од тефтер, сведочат претставници на мрежата невладини оргaнизации, Блупринт група за реформи во правосудството, кои добија можност да ја следат единствената фаза во процесот за избор, а тоа се интервјуата со кандидатите. Ваквиот потег за нив остава сомнеж дека кандидатот имал спремни одговори, бидејќи тој бил дел и во претходната, поништена постапка од Владата.
Ревизија откри сериозни неправилности во работењето на Фонд за иновации и технолошки развој (ФИТР) – судир на интереси и неподмирени 13,9 милиони евра – Државниот завод за ревизија утврди сериозни слабости во финансиското работење на Фондот за иновации и технолошки развој за 2024 година. Ревизијата покажува дека ФИТР нема воспоставено централизирана база за следење на доделената финансиска поддршка, ниту систем за евалуација на резултатите од завршените проекти. На крајот на годината, фондот пријави и неподмирени обврски од речиси 13,9 милиони евра, а дел од обврските не биле навремено евидентирани. Освен финансиските неправилности, ревизијата укажа и на слабости во управувањето со јавните повици и распределбата на стручни лица за евалуација на проекти. Без каса-прими и без благајничка евиденција – Финансиска полиција истражува во Државна лотарија според дел од ревизорскиот извештај – Се истражува дел од ревизорскиот извештај што укажува на сериозни нерегуларности со готовина – стотици илјади евра дневен промет без уплати на сметки, без каса-прими и без благајничка евиденција. Во 2024 година според ревизорите имало околу 750 илјади евра остварен дневен пазар. Тие утврдиле дека не е извршена уплата на овие пари кои Лотарија ги зема во кеш на ниту една сметка во банките кои ги има, иако по закон тоа требало да го прави најдоцна после еден ден од земањето на уплатите. Ревизорите утврдиле дека нема ниту каса прими за готовината која се зема од играчите на игрите на среќа, ниту пак пракса да се води посебна книга на благајна за секој ден во кој е остварен промет. ДЗР утврди неправилности во работење на Министерството за економија и труд – за прекршочни предмети и неуплатени над 2 милиони евра во Буџетот – Државниот завод за ревизија утврди сериозни неправилности во работењето на Министерството за економија и труд за 2024 година, вклучувајќи застарени прекршочни предмети и неуплатени средства во државниот буџет од над 2 милиони евра. Поради застареност, донесени се над 1.500 решенија за запирање на постапки, што директно влијаело на намалени буџетски приходи. Дополнително, во извештајот на ревизорите утврдени се пропусти во јавните набавки и во процесот на издавање лиценци и категоризација на угостителските објекти, без целосни контроли и навремен инспекциски надзор.
Институцијата за контрола на исполнувањето на законските права на граѓаните, во колапс! – Една од клучните институции, Народен правобранител, која треба да се грижи за уставните и законските права на граѓаните пред колапс и дисфункционалност. Вработените во оваа институција наместо да се грижат и да алармираат за заштита на човековите слободи и права доведени се во позиција да алармираат дека најповикано е Собранието, кое подолго време не е во состојба да избере нов Народен правобранител. Заменик народниот правобранител, Илбер Руфати, вели дека за состојбата информирани се сите страни, од претседател на држава до дипломатските претставништва во државата и странските мисии. Немањето консензус за гласање по принципот на Бадентер, што е неопходно за избор на функцијата е меѓу клучните проблеми поради која вработените од во Народниот правобранител прашуваат дали државата има потреба од ваква институција или не?
Над 90 милиони евра за боледувања, ФЗО откриле злоупотреби, во јавниот сектор најмногу сомнителни – Досега исплатени над 90 милиони евра од Фондот за здравство за боледувања подолги од 30 дена. Од Фондот за здравство констатирале и злоупотреби. Дел од оваа сума се за оние кои заминале на трудничко, другите пари за оние кои отвориле боледување поради други болести. Од ФЗО тврдат дека до нив пристигнале и барања од институции за да направат контроли, поради тоа што имало лица кои со месеци се на боледување и не одат на работа. Рекорден број на барања за контрола пристигнале од МВР.
Штип, Кичево, Струга и половина скопски градоначалници не поднеле имотен лист – Триесет и пет поранешни и 19 нови градоначалници не поднеле изјава за имотната состојба и интереси по локалните избори одржани на крајот на октомври и почетокот на ноември, констатирала Државната комисија за спречување на корупцијата. Сепак, дел од имињата од двата списока се преклопуваат, зашто се работи за старо-нови градоначалници. Некои, пак, поднеле како нови функционери, но не го поднеле истиот како поранешни. Меѓу најзвучните имиња кои не поднеле анкетен лист се поранешната градоначалничка на Скопје Данела Арсовска, но и новиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски. Тој има обврска да пријави и како поранешен градоначалник на Кисела Вода и како нов градоначалник на Скопје.
Две фирми цела деценија се главни на тендерите во здравството, покажува истражување на ЦГК – Овие компании, според анализата, имаат значително влијание врз пазарот, што го отежнува влезот на нови понудувачи. Според анализата, вкупната вредност на јавните набавки во здравството се зголемила повеќе од двојно – од околу 135 милиони евра во 2015 година на речиси 293 милиони евра во 2024 година. За разлика од тоа, бројот на компании што добиле договори се зголемил само за 12 проценти, што укажува дека растот на средствата не донел и поголема конкуренција. Истражувањето покажува дека сè поголем дел од јавните пари се концентрираат кај мал број добавувачи. Во 2024 година, десетте најголеми компании добиле околу 49 проценти од вкупната вредност на договорите во здравството. Овој степен на концентрација, според авторите на анализата, е индикатор за ограничена конкуренција и зголемен корупциски ризик.
“БИСТРИ” НАСТАНИ ЗА МЕСЕЦ ДЕКЕМВРИ 2025 ГОДИНА
Управниот суд со дигитална врска до сите институции за поефикасно судство – Управниот суд на Република Македонија го означи значајниот пресврт во дигиталната трансформација на правосудството со промоцијата на нов, иновативен софтверски систем. Ова технолошко решение е дизајнирано да воспостави дигитална врска со сите јавни институции, како и со Вишиот управен суд, со што директно се влијае на поефикасното и побрзо функционирање на судскиот систем.
Иновацијата претставува значаен чекор кон модернизација на административното правосудство, обезбедувајќи потранспарентна и побрза размена на документи и податоци меѓу институциите, што директно ќе ја унапреди услугата за граѓаните и за правните лица.
ОЈО Скопје поднесе обвинение против ексдиректорот на „Комунална хигиена“ и управителот за отпад за загрозување на животната средина – Јавен обвинител предложи мерката притвор за двајцата обвинети да им биде заменета со мерки на претпазливост, бидејќи прибирањето докази е завршено, а тие немаат можност да влијаат на постапката. За обвинетиот управител со отпад, кој се уште е вработен во претпријатието, предложена е дополнителна мерка, односно привремено отстранување од работното место. Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен акт против ексдиректорот на Јавното претпријатие „Комунална хигиена“, и за управителот на секторот за управување со отпад во скопското комунално претпријатие, дека како созивршители сториле кривично дело – загрозување на животната средина и природата со смет.
Жител на Албанија приведен откога оставил пари на биро на Ќафасан, поткуп на граница – На 27.12.2025 околу 14:30 часот на граничен премин Ќафасан, полициски службеници го лишија од слобода В.К.(41) од Република Албанија. При гранични проверки и пасошка контрола, тој на полициската службениничка и понудил поткуп, односно преку прозорот од кабината на бирото оставил пари. Тој е приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава. Приведен 53-годишен маж на Ќафасан поради давање поткуп – На 21.12.2025 околу 09:10 часот на Граничен премин Ќафасан, полициски службеници го лишија од слобода Е.К.(53) од Република Албанија. При пасошка и гранична контрола, тој на полицискиот службеник му дал поткуп, односно на бирото оставил пари, по што е лишен од слобода.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Минималната плата под прагот на сиромаштија, секое трето дете живее во беда, велат од Левица
Податоците на Државниот завод за статистика за сиромаштијата во Македонија за 2024 година не се изненадување туку потврда на длабоката структурна криза на македонскиот економски модел. Стапка на сиромаштија од 21,9 проценти, со речиси 30 проценти сиромашни деца и алармантни 45,8 проценти сиромашни самохрани родители не е резултат на „надворешни шокови“ туку на долгогодишна политика што систематски го потценува трудот и ја префрла цената на економските „реформи“ врз најранливите, велат од партијата Левица.
„Фактот дека 7,9 проценти од вработените живеат под прагот на сиромаштија е директен доказ за неуспехот на неолибералната догма дека пазарот сам ќе обезбеди достоинствен живот. Ова е класичен пример на експлоатација на трудот, економија во која се работи а не се живее. Минималната плата одамна престана да биде алатка за социјална заштита и се претвори во инструмент за одржување на евтина работна сила во корист на крупниот капитал.
Особено загрижувачка е состојбата кај семејствата со повеќе деца каде што повеќе од половина живеат во сиромаштија (54,8%). Тоа говори дека државата практично ги казнува домаќинствата што репродуцираат работна сила додека истовремено субвенционира профити и даночни олеснувања. Социјалната држава е сведена на статистичка категорија а не на реална економска политика.
Дебатата за минимална плата од 500 евра навистина е надмината. Ако прагот на сиромаштија за четиричлено семејство е над 31.000 денари месечно, тогаш е економски и морално неодбранливо минималецот да биде под ниво што овозможува елементарна репродукција на работната сила и достоинствен живот. Аргументот дека „економијата не може да издржи“ повисока минимална плата е политички избор а не економски факт. Истата таа економија без проблем издржува масовни субвенции за странски инвеститори, даночна регресија и толеранција кон сивата економија.
Левица предупредува дека решението не е козметичко покачување на платите, туку системска промена: силна прогресивна даночна политика, јакнење на колективното договарање и активна социјална држава што ќе ги штити децата, самохраните родители и пензионерите. Без таков пресврт, Македонија ќе продолжи да биде земја на евтин труд, сиромашни работници и изгубена иднина“, се наведува во соопштението на партијата Левица.
Македонија
(Фото) Викенд исполнет со празнична магија на „Патека на радоста“ во општина Илинден
Плоштадот во населеното место Марино за време на викендот беше центар на празнична магија, радост и заедништво, каде голем број граѓани од сите возрасти уживаа во новогодишната магија на „Патека на радоста“, во организација на општествено одговорни компании и под покровителство на Илинден, извести Општината.

„Настанот изобилуваше со богата и разновидна програма, наменета за сите возрасти, но со посебен акцент на најмладите жители: детски анимации, музички и сценски настапи, театарски претстави, како и кловновски и магионичарски изведби, кои создадоа ведра атмосфера и донесоа бројни насмевки кај посетители. Голем интерес и радост кај децата предизвика и пристигнувањето на Дедо Мраз, кое дополнително придонесе во будење на празничниот дух“, велат од општина Илинден.

„Вечерните часови беа исполнети со музички настапи на познати и млади македонски изведувачи и ди-џеи, како Јанг Дади, Таско и Пајак, кои создадоа одлична атмосфера. Празничната декорација, внимателно осмислената програма и позитивната енергија ја направија „Патека на радоста“ место за веселба, дружба и празнично сплотување.

Преку ваквите настани, Општина Илинден ја демонстрира својата континуирана посветеност на иницијативи што ја зближуваат заедницата и го збогатуваат културно-забавниот живот, притоа давајќи поддршка на општествено одговорни компании кои со своето ангажирање значајно придонесуваат за развојот на локалната заедница“, соопшти општина Илинден.

Македонија
Усвоени измените и дополнувањата на Законот за електронски комуникации, Андоновски: Обезбедуваме јасни правила, поголема правна сигурност и целосно усогласување со европското право
Собранието на Република Македонија ги усвои измените и дополнувањата на Законот за електронски комуникации, со што се прави дополнителен исчекор во спроведувањето на Реформската агенда и во целосното усогласување на националната регулаторна рамка со правото на Европската Унија во областа на електронските комуникации.
Европската Унија, преку визијата за „Дигиталната декада 2030“, постави цели за целосно дигитално поврзано општество, вклучително гигабитна инфраструктура и 5G покриеност за сите населени места. За земјите во процес на пристапување, меѓу кои и Македонија, ова бара континуирано регулаторно усогласување и создавање услови за значајни инвестиции во мрежи со многу висок капацитет.
Со овие измени се врши допрецизирање на одредби од Законот, согласно укажувањата и коментарите добиени во процесот на усогласување, со цел да се надминат идентификуваните „хармонизациски празнини“ и да се обезбеди постабилна, попредвидлива и европски компатибилна рамка за развој на секторот, извести Министерството за дигитална трансформација.
Измените и дополнувањата овозможуваат: побрза и поефикасна изградба на дигитална инфраструктура, преку рационализирање и дигитализација на административните постапки поврзани со распоредување мрежи; услови за поголеми инвестиции во широкопојасни мрежи, оптичка инфраструктура, 5G и нови технологии; поголема конкуренција на пазарот и поквалитетни услуги за граѓаните и компаниите; мерки што го поттикнуваат споделувањето на постојната физичка инфраструктура, координацијата на градежни работи и намалување на трошоците при изградба на мрежи;
подобрување на заштитата на корисниците и современи регулаторни практики во согласност со европските директиви и регулативи.
Ова е предуслов за понатамошен развој на е-услуги, зајакнување на дигиталната економија и рамномерен регионален развој, преку еднакви можности за квалитетна поврзаност во сите региони.
„Електронските комуникации се темелот на современата дигитална држава. Со овие измени обезбедуваме јасни правила, поголема правна сигурност и целосно усогласување со европското право. Тоа значи побрза изградба на инфраструктура, поголеми инвестиции во широкопојасни мрежи и 5G, повеќе конкуренција и подобри услуги за граѓаните и стопанството. Дигиталната инфраструктура не треба да биде предмет на дневна политика, туку заедничка обврска кон иднината на Македонија“, порача министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.
Министерството за дигитална трансформација ќе продолжи со реформите во секторот, во тесна координација со надлежните институции и засегнатите страни, со цел Македонија да гради стабилен, конкурентен и современ дигитален екосистем согласно европските стандарди, се додава во соопштението.

