Македонија
(Видео) „Корупцијата на власта оди до Брисел“, Филипче ја повика Ковеши да дојде во Македонија
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција упати повик до главната европска обвинителка, Лаура Ковеши, да ја посети Македонија, лично да се запознае со малверзациите што ВМОР-ДПМНЕ ги прави со европските фондови, меѓу кои и ИПАРД програмата, со која се загрозени 130 милиони евра.
„СДСМ ја повикува европската обвинителка Лаура Ковеши да ја посети Македонија, лично да се запознае со малверзациите кои ВМРО-ДПМНЕ ги прави со европските фондови, меѓу кои и тоа што е веќе јасно ИПАРД програмата во која се загрозени 130 милиони евра. Не може да имаме доверба во институциите на власта со притисокот на власта кои што со своето однесување се заштитници на криминалот, и тоа да биде над правото и над јавниот интерес“, рече Филипче.
Тој додаде дека власта единствено нешто што прави во однос на сите скандали а посебно со скандалот со ИПАРД е да ја дефокусира јавноста.
„Наместо одговорност после апсењето на нивниот директно, член на ВМРО-ДПМНЕ, директор во Агенцијата за финансиска поддршка, гледаме само спинови и обвинувања кон опозицијата. Но фактите се јасни – се случи најголемата проневера на европски пари во Македонија, ИПАРД фондовите и тоа луѓе, членови на ВМРО-ДПМНЕ, луѓе блиски до премиерот Хријан Мицкоски“, рече Филипче.
На прес-конференцијата тој појасни дека со вклучување на Лаура Ковеши, овој скандал целосно ќе се расчисти и ќе се осигура дека нема повторно да се случи.
„Не е ова темен вилает на ВМРО-ДПМНЕ да си играат со судбината на Македонија и да си играат со европската иднина на граѓаните, и да си играат со европските фондови коишто се наменети за подобар живот на граѓаните и за подобар систем тука во државата“, нагласи претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Герасимовски: Работнички добива модерна ФИБА сала, паркетот се поставува, се монтираат семафорите
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, денеска изврши увид во завршните градежни активности во салата „Работнички“, која добива современ изглед и целосно ги исполнува ФИБА стандардите за одржување натпревари од највисоко ниво.
Во моментов се поставува нов паркет на теренот со површина од 700 квадратни метри, кој одговара на ФИБА стандардите за натпревари од ниво 1, а неговото целосно завршување се очекува во текот на следната недела.

„Пред самиот крај сме – завршуваме еден голем процес и во исто време отвораме ново поглавје за нашиот „Работнички“. Го остваривме тоа што го замисливме, па дури и повеќе , добивме сала по ФИБА стандарди“, изјави Герасимовски.
Објектот е целосно енергетски ефикасен. Поставено е подно греење, со што се овозможуваат значителни заштеди на енергија, а инсталиран е и современ климатизациски систем за ладење, греење и проветрување. Фасадата е исто така енергетски ефикасна, со што се обезбедува долготрајност и економичност во користењето.

Трибините се целосно завршени, а во тек е поставување на заштитни огради согласно противпожарните стандарди. Амбиентот во салата е во боите на КК „Работнички“, со црвени столчиња и бело-црвени ѕидови.
Дополнително, во наредната фаза ќе се доинсталираат семафорите, додека озвучувањето и осветлувањето веќе се целосно финализирани.

На приземјето се обезбедени вкупно шест соблекувални за екипите и судиите, како и простории за медицинска интервенција и за допинг-контрола. Поставени се тоалети за посетители, вклучително и инклузивни, со пристапна рампа, а во административниот дел се предвидени простории за конференции и состаноци.
Бројот, големината и намената на дополнителните простории се реализирани во координација со Македонскиот олимписки комитет, Кошаркарската федерација на Македонија и другите спортски федерации, со цел салата да ги задоволува сите стандарди за меѓународни натпревари и да придонесе за унапредување на спортот во Центар и Скопје.

На обиколката присуствуваа и ветераните на „Работнички“, Митко Луковски и Огњан Герасимовски, кои го поздравија напредокот и изразија поддршка за овој значаен проект.
Македонија
Алиу: Со синдикатите сме на иста страна, заеднички работиме на унапредување на статусот на здравствените работници
Министерот за здравство, Азир Алиу денеска одржа работен состанок со претставниците на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита и со Синдикатот на Клинички центар.

„Со синдикатите сме на иста страна, во постојана комуникација сме, одржуваме редовни работни средби и заеднички се залагаме за унапредување на статусот на здравствените работници. Во духот на социјалниот дијалог, разговаравме и ги разгледувавме можните аспекти за доработка на колективниот договор“, кажа министерот.

„Воедно, ги информирав претставниците на синдикалните организации за динамиката со која се одвива реализацијата на новите вработувања во здравството, кои беа привремено пролонгирани поради локалните избори, како и за трајното вработување на приватните специјализанти“, додаде министерот Алиу.
Македонија
(Видео) Филипче: Нов фронт на СДСМ против корупцијата на власта
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција најави нов фронт на СДСМ за борба против корупцијата.Овој фронт како што кажа Филипче, подразбира две крупни иницијативи, кои означуваат нова етапа со борбата со криминалот, корупцијата, криминалните шеми на ВМРО-ДПМНЕ.
Првата иницијатива се однесува на повикот до европската обвинителка Лаура Ковеши да ја посети Македонија, бидејќи како што кажа Филипче, не може да се има доверба во институциите на власта коишто се се заштитници на криминалот.
„СДСМ ја повикува европската обвинителка Лаура Ковеши да ја посети Македонија, лично да се запознае со малверзациите кои ВМРО-ДПМНЕ ги прави со европските фондови, меѓу кои и тоа што е веќе јасно ИПАРД програмата во која се загрозени 130 милиони евра“, рече Филипче.
Втората иницијатива се однесува на формираниот т.н антикорупциски тим на СДСМ кој е во рамките на програмата „Нова сила, а составен од советници, експерти во областа на правото и на финансиите.
„Антикорупцискиот тим е еден од столбовите на оваа нова програма. Ќе истражуваат скандали, ќе анализираат документи, ќе ги презентира во јавноста, ќе ги разоткриваат сите корупциски шеми на оваа криминална власт. Ќе поднесуваме соодветни пријави до национални и меѓународни институции“, рече Филипче.
Тој додаде дека ова е новата сила на СДСМ што ќе гради европски вредности во Европска Македонија.
„Во скоро време ќе објавиме и платформа на која што било кој граѓанин од било каде во државата, од било кое село, град, општина, регион, ќе може да пријавува вакви скандали. Да прикачува документи, да пријави корупција, да достави докази и материјали. И ова е нов фронт, фронт заедно со граѓаните во борба против корупцијата на оваа криминална и ненародна власт“, нагласи претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

