Македонија
Владата размислува да ги даночи немажените и неженетите, рече Мицкоски

Владата размислува за дополнителни даноци за немажени и за неженети, соопшти премиерот Христијан Мицкоски говорејќи дека е време за држава во која ќе се раѓаат повеќе деца, младите ќе стапуваат во брак, а отселените ќе се вратат.
Неговото обраќање, посветено на прашањето за падот на наталитетот, стареењето на населението и иселувањето, ја стави во фокусот демографската рецесија, која ја нарече тивка, долготрајна, системска и глобална криза.
Тој нагласи дека ова не е проблем само на Македонија, туку предизвик со кој се соочуваат и држави како Германија, Италија, Бугарија, Јапонија и Јужна Кореја, каде што се раѓаат сѐ помалку деца, населението старее, а младите се сè почесто во потрага по подобар живот надвор од границите.
„И ние не сме исклучок. Но, нашата состојба е посебна. Затоа што додека некои држави ја забележуваат оваа појава како тренд, кај нас таа е аларм“, оцени Мицкоски.
Факти што, според Мицкоски, не смее да се игнорираат:
– Во 2024 година се родија 16.061 дете, а починаа 20.201 лице. Тоа е природен пад од 4.140 луѓе за само една година;
– Во последните 4 години изгубивме повеќе од 33.000 жители – како да исчезна еден град од големина на Кавадарци или Кичево;
– Стапката на наталитет падна од 12,5 проценти во 2010 година на само 8,8 отсто во 2024;
– Во многу општини и села веќе нема ниту прво одделение;
– Сè повеќе луѓе живеат сами. Сè помалку се женат, сè помалку деца се раѓаат.
„Ова не се само бројки. Ова е тишина што се шири“, додаде премиерот.
„Оваа Влада не го премолчува проблемот“
Мицкоски рече дека оваа Влада го именува проблемот, го признава и се бори со него.
„Тоа не е борба со едно министерство. Тоа е борба на сите нас. Борба што се води во градинките, во училиштата, во родилиштата, во домовите, во иселеничките клубови, на граничните премини, каде што се простуваат мајки и синови“.
Се размислува за дополнителни даноци за немажени и за неженети
Главните цели, според Мицкоски, се: да се направи животот овде вреден; мајчинството да биде благослов, а не товар; да им се даде причина на младите да останат; да се изградат институции што ќе ја негуваат младоста; да се изгради држава „во која надежта е поважна од пасошот.
„И тука сериозно размислуваме, рече премиерот, за дополнителни даноци за немажени и за неженети“, додаде тој.
Премиерот порача дека „нема ништо потажно од тоа што денес нашата држава тивко се празни. Но, исто така – нема ништо похрабро од народ што се буди“.
„Време е за држава во која ќе се раѓаат повеќе деца“
„Време е. Време е за држава – каде што ќе се раѓаат повеќе деца, тоа ни е главниот императив, повеќе млади да стапуваат во брак и да се раѓаат повеќе деца, а оние што се отселени да се вратат. Затоа што само така ќе се живее со повеќе срце“.
На крајот го цитира филозофот Едгар Морен: „Демографијата не е судбина – туку огледало. Прашањето е: што ќе видиме во него и дали ќе имаме храброст да дејствуваме“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Орце Ѓорѓиевски: Подготвен сум да го воскреснеме Скопје

Орце Ѓоргиевски изјави дека кандидатурата за градоначалник на Скопје е еден од најголемите предизвици досега, изразувајќи благодарност до премиерот Христијан Мицкоски за континуираната поддршка – и за време на мандатот во Кисела Вода, и сега.
„Свесен сум во каква состојба се наоѓа Градот – девастиран и сив. Но, подготвен сум по изборите да го воскреснеме Скопје и да го направиме град на достоинствен живот“, рече тој.
Ѓоргиевски најави дека ќе остане близок до граѓаните, како и досега, дека ќе ги слуша нивните барања и дека не се гледа како „салонски политичар“. Најави теренски посети и креирање на програма за решавање на најгорливите проблеми – сообраќајниот хаос, валканите улици и дивите депонии.
Ги повика сите граѓани да го поддржат, без оглед на партиската или верската определба, додавајќи дека за него постојат само скопјани кои го сакаат или не го сакаат својот град.
Македонија
Орце Ѓорѓиевски ќе има задача да го врати Скопје на скопјани, рече Мицкоски презентирајќи го кандидатот за градоначалник

Премиерот Христијан Мицкоски денес, во обраќање пред јавноста, го презентираше актуелниот прв човек на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, како иден градоначалник на Град Скопје – одлука што ја донесе Извршниот комитет на партијата.
Со тоа, Ѓорѓиевски на локалните избори ќе влезе во трката за прв човек на Градот, на местото на Данела Арсовска. Во 2021 година, Арсовска седна на градоначалничката фотелја поддржана од оваа партија, но кусо потоа се отвори фронт на несогласувања и почна вербална офанзива, па речиси и да немаше соработка помеѓу градската и извршната власт во изминатите години за клучните прашања. Оттука, Мицкоски денеска искоментира дека ги научиле сите лекции од минатото за повторно да не згрешат при изборот.
За Ѓорѓиевски, Мицкоски рече дека убедливо водел на сите партиски анкети и како градоначалник на Кисела Вода покажал и докажал дека умее и сака да работи за граѓаните.
„Исклучително е мотивиран да победи, а потоа и да победува секој ден за Градот Скопје и скопјани. Тој е отворен и достапен и посветен работник кој решава проблеми. Нова енергија каква што му е потребна на Скопје после едно четиригодишно девастирање и замреност на Градот“, рече премиерот.
Мицкоски изјави и дека Орце Ѓорѓиевски ќе има нова задача да го врати Скопје на скопјани и изрази уверување дека со заедничка работа доаѓаат добри денови за Скопје – решавање на превозот, хигиената, урбаниот хаос.
„Ќе понудиме програма, заедничка работа и визија за Скопје. Овие избори влегуваме како фаворити, а тоа значи уште поголема одговорност да направиме повеќе“, рече Мицкоски.
Македонија
Орце Ѓорѓиевски е кандидат за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ

Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ донесе одлука актуелниот градоначалник на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, да биде кандидат за градоначалник на Градот Скопје.
Премиерот Христијан Мицкоски, кој ја објави одлуката, изјави дека тој убедливо водел на партиските анкети, покажал дека знае и сака да работи за граѓаните, делата во Кисела Вода говорат за него, но и ќе има нова задача – да го врати Скопје на скопјани.
Мицкоски го опиша Ѓорѓиевски како нова енергија, каква што му е потребна на Скопје после едно четиригодишно девастирање и замреност на Градот. Најави програма и визија за градот, истакнувајќи дека овие избори влегуваат како фаворити, што носи и поголема одговорност.
Орце Ѓоргиевски изјави дека со кандидатурата за градоначалник на Скопје е исправен пред еден од најголемите предизвици во кариерата. Благодарен е за поддршката од премиерот Мицкоски, и најави теренска кампања и работа на програма што ќе понуди решенија за сообраќајниот хаос, хигиената и дивите депонии. Потенцираше дека ќе остане достапен за сите граѓани и ќе го воскресне Скопје кој сега се наоѓа во сивило, за да се издигне во град достоинствен живот.