Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Аферата „Провизиите што чинат животи“ го разобличи и го покажа вистинскиот Венко Филипче
Против законски, без одобрение, Филипче пушта во употреба модуларни болници од леснозапалив материјал, од кои, најверојатно, профитирал дополнителни 20% Аферата „Провизиите кои чинат животи“, го разобличи и го покажа вистинскиот Венко Филипче, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата велат дека јавноста можеше да види како на Филипче како министер за здравство, профитот и провизиите му биле на прво место, наместо безбедноста и здравјето на пациентите и на граѓаните, воопшто.
„Таквата негова лакомост за провизии доведе до пожар во модуларната во Тетово која целосно изгоре за само две минути, во која живи изгореа 14 македонски граѓани кои во болницата дојдоа по лек. Во корона периодот, само заради профит и провизии, Филипче дозволил изградба на модуларни болници низ државата, во која не смеело да се извршува здравствена дејност. За изградбата на овие болници со заем од Светска Банка, не се почитувале ни Законот за градење, ни Законот за здравствена дејност, а не се почитувале ни минималните технички стандарди за заштита од пожари и експлозии. Болниците биле набавени како стоки, која резултираа од леснозапалив материјал, а ваквата спорна тендерската спецификација ја подготвило лице во Министерството за здравство, поставено лично од Филипче.м Бидејќи болниците се набавени како стоки и нема извештај од надзор, согласно член 74 од Законот за градење, Катастар одвивал изврши упис, немаат добиено одлука од Влада за трајно користење и немаат ниту одобрение за употреба по правилник за простор, опрема и кадар. Токму поради ова, директорите на болниците низ државата одбивале да ги примат и да ги стават во употреба“, се вели во соопштението.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека таков е и примерот со Артан Етеми, поранешниот економски директор на Тетовската болница, кој е осуден на 1,5 година затвор за трагичниот настан, одбивал да ја прими и да ја пушти во употреба бидејќи и таа, како и останатите, немале приклучоци, немало надзор, немале средства за да платат приклучоци и да ангажираат фирми.
„Во моментот на трагичниот настан во модуларната во Тетово, каде загинаа 14 луѓе, нема одобрение ниту за поставување, ниту за употреба од Министерството за здравство, туку тие се пуштени во употреба со лична одлука на Венко Филипче. И ова не е се. За да се спаси од одговорност, но и дополнително да профитира, после трагедија во модуларната во Тетово, додека Македонија се уште беше во шок и во тага, Филипче склучува анекс на договор со фирмата која ги гради модуларните болници и ја зголемил цената за 20%, за да се променат материјалите во другите болници низ државата. Член 2 од Анексот бр. 23-1431/63 од 20.12.2021 е во целост спротивен на Основниот договор и истиот е ништовен согласно член 116, 117 и 119 во врска со член 39 и 41 од ЗОО. Филипче, со противзаконски и ништовен Анекс му овозможува на изведувачот на модуларните болници зголемување на цената за 20%, наместо да му наложи на сопствен трошок да ги направи модуларните огноотпорни. Дали причината за пожарот на модуларната во Тетово се 20% и каде завршиле тие? Јавноста мора да ја дознае вистината за Модуларната болница“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

