Македонија
ВМРО-ДПМНЕ го повика Обвинителството да оформи предмет против градоначалникот на Крива Паланка

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ го повика Обвинителството да оформи предмет против градоначалникот на Крива Паланка од редовите на СДСМ, Сашко Митовски, за кој велат дека свесно ширел паника за наводно загадената вода во Крива река, по хаваријата во „Тораница“,
„Градоначалникот на Крива Паланка свесно ја лажеше македонската јавност дека во водите на Крива река имало присуство на цијанид за 100 пати над дозволеното. Сашко Митовски не штедеше зборови и секојдневно изминатата недела ширеше паника меѓу жителите, за да дојде до ситни политички поени во пресрет на локалните избори“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Градоначалникот претходно повикувајќи се на извештаи на акредитирани лаборатории, на прес-конференција, изјави дека е водата во Крива Река, по земените примероци, еден ден по хаваријата во рудникот „Тораница“, е сериозно загадена и претставува опасност за животот и здравјето на луѓето по должината на течението на реката, но и за флората и фауната.
„Извештајот покажува неверојатно зголемени концентрации на штетни материи, а она што најмногу загрижува е десеткратното зголемено присуство и концентрација на тешки метали, поточно количината олово во водата. Дополнително, за неколку стотици пати е зголемена концентрацијата на цијанид, фосфор и азот во Крива Река“, рече градоначалникот.
Одговорноста за токсичната вода во и во Крива Река и во Тораничка, локалната власт ја гледа кај фирмата БУЛМАК 2016 ДООЕЛ, која стопанисува со рудникот Тораница.
Директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ивана Гиновска, ги отфрли тврдењата. Рече дека нема цијанид неколку стотици пати над дозволеното во Крива Река, туку се работи за двапати над дозволеното. Сепак, директорката потврди дека инспекторите дента кога се случила хаваријата не зеле мостри.
„Инспекторите се самостојни во своите одлучувања, самите прават проценка“, рече таа одговарајќи на новинарско прашање. На нејзино барање, потоа биле земени примероци од шест точки, меѓу кои и онаа на која градоначалникот утредента зел мостра. Резултатите, вели, не се такви какви што ги презентирал градоначалникот.
Прашана дали тоа значи дека се спорни резултатите на акредитираните лаборатории, Гиновска рече: „Не тврдам и не навлегувам во тоа дали се спорни, но резултатите кои беа прочитани од страна на градоначалникот не беа веројатно точно прочитани. Тој направи паника и рече дека неколку стотици пати над дозволеното има цијанид“.
Oд СДСМ потоа изјавија Гиновска ги штити загадувачите, наместо граѓаните. Застрашувачка е леснотијата, велат о СДСМ, со која Гиновска признава дека двајцата инспектори кои биле на должност по преливањето на јаловиштето во Тораничка река се во тесни релации со рудникот Булмак, односно едниот инспектор е поранешен вработен во рудникот додека сопругата на другиот работела во споменатата компанија. Дополнително, како што се додава, загрижува и леснотијата со која Гиновска констатира дека инспекторите кои требало да го контролираат рудникот се бивши раководители и вработени во „Булмак 2016”.
Во извештајот на Државниот инспекторат се вели дека инцидентот се случил поради пукање на цевка која доведува технолошка вода.
На компанијата „Булмак“ 2016 изречена и е казна од 180.000-200.000 евра за правниот субјект и 10.000 евра за одговорното лице, која е најголема казна во законот за животна средина. Компанијата потпиша спогодба и предметот е предаден на Комисијата за спогодување, при Министерството за животна средина и просторно планирање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Дволичниот Апасиев беше против извршителите, но кога станува збор за негова корист, не му пречат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ

„Апасиев кој е против извршителите, повторно докажува во јавноста дека е дволичен и дека нема став за ниту една работа во државата. Апасиев падна толку ниско, што си го скрши дадениот професорски збор само за да добие нешто во негова корист од извршителите“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Апасиев и Левица, заедно со извршителот кој работи и со Дрин Ахмети, внукот на нивниот коалиционен партнер, Али Ахмети, купиле деловен простор во центарот на Скопје за 3 пати пониска цена од пазарната.
Апасиев, најверојатно, по препорака на Ахмети, добил контакт од извршителот Андреја Буневски, за да се договорат да си купи Апасиев деловен простор од 409 м2, преку одземен имот од граѓани или од фирма, која паднала финансиски и не можела да го исплаќа кредитот.
Институциите треба да се позанимаваат со тоа како Апасиев купил простор за 3 пати пониска цена од пазарната и дали постои некаков скриен договор меѓу Апасиев, извршителот и банката?
Апасиев и Левица со ова само ја потврдуваат тајната коалиција на Левица, СДС и ДУИ, која очигледно продолжува да работи во рамки кои се надвор од законските норми.
Со ова се покажа правото лице на Апасиев и Левица. Нив не ги интересира подобар живот за граѓаните, проекти, инвестиции и слично, нив ги интересираат само канцеларии за ич пари, скапи коли и скапи станови“, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Најстудено утрово на Попова Шапка, најмногу снег во Крушево

Утрово најстудено било на Попова Шапка каде што се измерени -12 степени, -7 било во Маврови Анови и Крушево, -6 во Охрид, -5 во Тетово и Претор, -4 во Битола и Берово, -3 во Крива Паланка, -2 во Прилеп и Виница, -1 во Куманово и Штип, 0 во Скопје-Петровец, Скопје-Зајчев Рид и Струмица, 1 во Велес и Демир Капија, 2 во Кавадарци, 4 во Гевгелија.
Наврнат воден талог во изминатите 24 часа до 8 часот (во l/m2)
22 Пожаране, 21 Крушево, 19 Охрид, Маврови Анови, 15 Тетово, 14 Битола, 13 Претор, 10 Попова Шапка, 6 Виница, 5 Прилеп, 4 Берово, 3 Крива Паланка, 2 Скопје-Петровец, Скопје-Зајчев Рид, 1 Штип, Демир Капија, Струмица.
Висина на снежна покривка во 08 часот (во сm)
24 Крушево, 22 Битола, 18 Охрид, 14 Маврови Анови, 12 Попова Шапка, 7 Претор, 5 Тетово, 4 Берово, 1 Прилеп.
Времето денеска
Променливо облачно, ветровито и студено, претпладне наместа ќе има услови за провејување на слаб снег. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец (над 70 km/h), особено долж Повардарието.
Дневната температура ќе биде во интервал од 3 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно, ветровито и студено. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец.
Дневната температура ќе достигне до 8 степени.
Македонија
„Значително се зголемија платите на вработените во здравството, 4.815 денари за сите здравствени работници, за медицинските сестри 6.200 денари“, велат од Владата

Владата известува дека „значително се зголемени платите на здравствените работници, медицински сестри, техничари и административен персонал“.
„Првото покачување беше со октомвриската плата во 2024 година, а со мартовската плата исплатена на април за сите вработени во јавниот здравствен сектор се зголеми за 2.500 денари.
За само шест месеци од Владата платите во здравството достигна зголемување од 4.815 денари нето за сите здравствени работници, додека за медицинските сестри изнесува дури 6.200 денари.
Со ова покажавме дека се враќа достоинството на докторите и медицинските сестри кои се чувари на здравјето на граѓаните“, велат од Владата.
„Наша цел е подобрување на здравствените услуги и здравствената заштита на пациентите.
Преку дијалог со здравствените синдикати постигнавме историски договор за покачување на платите во здравството во следните четири години да достигне дури 50 проценти.
Со работа, труд и реформи носиме резултати кои значат поголема мотивација, посветеност, стабилност и квалитет во здравството.
Владата продолжува да работи во интерес на сите граѓани и конечно враќање на довербата на граѓаните во јавните здравствени услуги“, се наведува во соопштението на Владата.