Македонија
Во кривичниот и во Врховниот суд предметите се местеле рачно, покажа извештајот за АКМИС-системот
Предмети во кривичниот и во Врховниот суд се распределувале рачно, кај точно определени судии, покажува извештајот за функционирањето на АКМИС-системот што го подготви работна група на Министерството за правда, а кој до денеска беше класифициран документ.
Во извештајот се наведува дека во кривичниот суд грубо била повредена процедурата за донесување на годишниот распоред. „Од 25 декември 2015 до денот на надзорот, годишниот распоред на судот за 2016 и 2017 година е менуван често и не е запазена процедурата за неговото донесување“, стои во извшетајот.
Имено, продолжува извештајот, евидентно е распоредување на конкретни предмети кои од еден судија се даваат во работа на друг судија. „Поради честите промени на годишниот распоред за работа и формирање на повеќе посебни кривични совети бил лимитиран изборот на судија кој ќе биде вклучен во автоматската распределба на предмети“, стои во извештајот кој од денеска е достапен за јавноста.
Работната група утврдила дека предметите се распределувале рачно. „Од почетокот на функционирањето на АКМИС до моментот на надзор рачно се распоредуваат предмети во 14 уписници“, стои во извшетајот. Исто така се вршело исклучување на судии од автоматската распределба на предмети.
Во Врховниот суд од увидот на 17 ноември 2017 година е утврдено дека во судот не било формирано работно тело за управување со движење на предметите во судот. „Во судот повеќепати е донесен нов годишен распоред за работа. Се забележува дека во судот воопшто не се почитува начелото на специјализација на судиите кои постапуваат по области. Чести се прераспределувањата на судии без адекватно образложение, при што судии кои постапувале во предмети од граѓанска материја се распоредуваат во кривична материја. Во 2017 година распоредот бил сменет 9 пати“, пишува во извештајот.
Работната група утврдила дека и во Врховниот суд се вршела рачна прераспределба на предмети.
Во Апелациониот суд е утврдено дека Законот за управување со движењето на предметите во судот и Судскиот деловник се применуваат, а АКМИС е имплементиран и редовно се користи освен во делот за судска управа.
Од извршениот увид, работната група заклучила дека судовите не ги применуваат доследно одредбите од Законот за управување со движењето на предметите во судовите и Судскиот деловник, АКМИС не се користи целосно согласно со неговата намена, се злоупотребуваат одредбите од законските прописи за чести измени на годишните распореди во судовите и не се почитуваат одредбите за специјализација на судии по области.
Во извештајот, исто така, се наведува дека потребно е да се зајакнат контролите на повисоките врз пониските судови со конкретни забелешки и мерки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одлуки за учество на припадници на Армијата на вежби во Германија, Бугарија, Косово
Владата на денешната седница донесе и повеќе одлуки на предлог на Министерството за одбрана, меѓу кои и за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество на вежбата „BEYOND HORIZON 24“, во Република Бугарија, за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во НАТО операцијата „КФОР“ во Република Косово и за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество на вежбата „Combined Resolve 24-2“ во Сојузна Република Германија.
Македонија
Личните документи ќе можат да се подигнат и в среда, извести МВР
Во пресрет на претстојните Претседателски и Парламентарни избори што ќе се одржат утре, Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните дека Одделот за граѓански работи, односно сите отсеци за управни работи на оваа организациона единица при МВР на 08.05.2024 ќе работат за издавање на лични документи со работно време од 08.00 до 19.00 часот.
„Исто така ги известуваме граѓаните дека сите барања за лични карти кои се поднесени до 03.05.2024 година, се веќе изготвени и граѓаните можат да ги подигнат“, соопшти МВР.
Македонија
Пронајдени три полуавтоматски пиштоли и 139 куршуми, ОЈО Велес отвори истрага за недозволено држење оружје
Основното јавно обвинителство Велес донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи од член 396 став 5 во врска со став 3 на Кривичниот законик.
„При претрес во домот на осомничениот во селото Мелница, општина Чашка, полицијата пронашла поголемо количество оружје и муниција – три полуавтоматски пиштоли и 139 куршуми со различен калибар. За осомничениот поднесен е предлог за определување мерка притвор“, соопшти Обвинителството.
ОЈО Велес продолжува да постапува и да презема дејствија за проверка на сомненијата за изборен поткуп во однос на овој осомничен и на уште едно лице во велешко кај кое во текот на вчерашниот ден беа извршени претреси, се додава во соопштението.