Македонија
Воздухопловната бригада на AРМ го одбележува Денот на единицата
Припадниците на воздухопловната бригада (ВБР) од составот на Здружената оперативна команда (ЗОК), со воена свеченост што се реализира во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец го одбележаа 10 јуни – Денот на единицата.

Заменикот на началникот на ГШ на АРМ, генерал-мајор Азим Нуредин, честитајќи им го денот, истакна дека сите нејзини припадници се оспособени и обучени за извршување на задачите што произлегуваат од специфичната мисија на оваа единица, вежби и мисии во рамките на НАТО-структурите, како и при справувањето со разни елементарни непогоди што ја погодија Република Македонија во минатото.

По краткиот историски осврт за бригадата, командантот на ВБР, полковник Роберт Малезански, во своето излагање пред присутните посочи дека напорите ќе се насочат кон извршување на службата на највисоко можно ниво и со најдобар квалитет, како и кон обновување и квалитетно одржување на техниката, која е од витално значење за извршување на мисијата на единицата и за обука на персоналот со цел одржување на постојано висока борбена готовност на оваа единица.

По повод денот на единицата беа соопштени наредби за унапредување, а пехар и преодно знаме за постигнување резултати во извршувањето на мисијата на единицата доби сквадронот за транспортни хеликоптери.

Во рамките на свеченоста се реализираа прелет на воздухопловите од ВБР и Центарот за обука на пилоти и изложба на материјално технички средства со кои располага единицата.
На одбележувањето на Денот на ВБР, покрај заменикот на началникот на ГШ на АРМ, генерал-мајор Азим Нуредин, присуствуваа генерали од АРМ, претставници од МО и ГШ на АРМ, команданти на команди и единици на АРМ, поранешни команданти и припадници на единицата и други гости од институциите со кои соработува бригадата.
Со одлука на претседателот на Република Македонија за определување денови на единиците на АРМ, за ден на ВБР е одреден 10 јуни со традиции на денот на првиот лет на македонски воен екипаж на Военото воздухопловство на АРМ во 1992 година.
Од почетокот оваа единица беше составена од авијациска бригада со авијациски, транспортен и борбен хеликоптерски сквадрон по што во 2005 година се трансформира во помала, покомпактна единица наречена воздухопловен ВИНГ (воздухопловна извидувачка напаѓачка група), која фигурира до 2012 година кога повторно се формира воздухопловна бригада во составот на Здружената оперативна команда.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кисела Вода, Сопиште и Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:00-13:00 часот дел од улицата Архитект Сотир Томовски, општина Кисела Вода;
· од 09:00-11:00 часот корисниците од село Гврлево, општина Сопиште;
· од 09:00-15:00 часот корисниците на ул. 101 во населба Волково, општина Ѓорче Петров.
Македонија
Без вода денеска дел од Бутел
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-225мм на Радишанска Лево бб (Бел Камен), општина Бутел, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно, во утринските часови повремен локален дожд, а во текот на денот кратки сончеви периоди
Времето денеска ќе биде променливо облачно, во утринските часови со повремен локален дожд, а во текот на денот со кратки сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на повисоките планини од дожд и снег. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено во утринските часови и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во почетокот на новата седмица врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и на некои од повисоките места.

