Македонија
„Вреди“ подготвува нов закон за правична застапеност, но не само за етничките заединици, туку и за маргинализираните групи
Коалицијата „Вреди“ подготвува закон за правична застапеност, кој ќе биде предмет на јавна дебата следната недела, најави министерот за здравство, Арбен Таравари.
Како што рече, од сите страни е констатирано дека алатката балансер не функционираше, па неопходен е закон во којшто ќе бидат вклучени сите маргинализирани категории во општеството, а не само етничките.
„Правичната застапеност е уставна категорија и секогаш кога нешто е уставна категорија, треба да постои и закон“, рече Таравари.
Уставниот суд, оваа недела, донесе одлука со која се укина балансерот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба Костадиновски-Чевик: Продолжија дискусиите за поддршка и дигитализација на Уставниот суд
Претседателот на Уставниот суд д-р Дарко Костадиновски се сретна со Махмут Чевик, заменик-претседател на Турската агенција за соработка и координација и Шејма Бабајигит, координаторка на „ТИКА”.
На оваа средба продолжија дискусиите за поддршка на процесот на дигитализација и зајакнувањето на капацитетите на Судот, како клучни елементи за поефикасно работење на Судот.
Заменик-претседателот на „ТИКА”, Чевик, изрази подготвеност Агенцијата да придонесе во процесот на дигитализација на Судот, преку кој ќе се подобри работењето од технички аспект,што директно ќе се рефлектира во подобрување на ефикасноста на постапките.
Претседателот Костадиновски изрази искрена благодарност за досегашната поддршка од страна на „ТИКА”, потенцирајќи ја подготвеноста за почнување на соработката и предвидените активности во наредниот период.
Во февруари Уставниот суд доби техничка опрема од компјутери и печатачи за вработените. Претходно, „ТИКА” учествуваше во опремување на салата за состаноци и прес конференции во 2020 година, како и обезбедување на техничка опрема во 2013 година.
Македонија
(Фото) Скопје дише: воздухот во главниот град не е загаден
За првпат по подолг период, Скопје не е меѓу најзагадените градови во светот. Според листата на IQ Air, Скопје е на дури 85-тото место по загаденост, во зелена зона. Квалитетот на воздухот е означен како „добар“.
Несомнено, во чистењето на воздухот помогна силниот ветер и дождот, но и снегот кој може да се заблежи на Водно преку камерите во живо.
Македонија
(Фото) Гаши на средба со претседателот на Големото национално собрание на Туркије Куртулмуш
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, денеска оствари средба со претседателот на Големото национално собрание на Туркије, Нуман Куртулмуш, кој претстојува во возвратна официјална посета на земјава со група пратеници. На средбата присуствуваа пратениците: Бејџан Иљас, претседател на Пратеничката група за соработка со Парламентот на Република Туркије, Никола Мицевски, Фатмир Битиќи, Мевмед Џафери и Мерита Колчи Коџаџику, членови на Групата и генералната секретарка, Марина Димовска.
Претседателот Африм Гаши изрази задоволство од реализирањето на возвратната посета на претседателот Нуман Куртулмуш, која се совпаѓа со одбележувањето на 21 Декември, Денот на наставата на турски јазик во земјава. Тој нагласи дека турската зедница е консткруктивен дел од општественото ткиво на Република Северна Македонија и клучен фактор за соживотот во земјата.
Претседателот на Собранието нагласи дека Република Северна Македонија и Република Туркије негуваат силно традиционално пријателство и партнерство, а меѓусебната соработка е динамична на сите нивоа и особено на парламентарно ниво. Тој изрази уверување дека средбите меѓу пратениците од двете собранија во голема мера може да придонесат за натамошно унапредување на одличните билатерални односи меѓу Република Северна Македонија и Република Туркије.
Гаши изрази благодарност за целокупната поддршка што Република Туркије ѝ ја пружа на Република Северна Македонија уште од независноста и нагласи дека Туркије меѓу првите држави ја призна нашата земја и прва отвори амбасада и назначи амбасадор во Скопје.
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија се осврна на и економската соработка меѓу двете земји, при што посочи дека Република Туркије е меѓу нашите најзначајни трговски партнери и континуирано инвестира во нашата економија.
Претседателот на Големото национално собрание на Туркије, Нуман Куртулмуш, изрази задоволство од развојот на билатералните односи меѓу Република Туркије и Република Северна Македонија и нагласи дека двете земји земји ги поврзува историско и длабоко вкоренето пријателство. Тој изрази задоволство што присуството на претседателите на Големото национално собрание на Туркије на одбележувањето на 21 Декември во земјава веќе прераснува во традиција.
Куртулмуш нагласи дека Република Туркије силно ја поддржува европската интеграција на Република Северна Македонија и изрази надеж дека двете земји заеднички ќе го заокружат овој процес.
Во врска со економската соработка меѓу двете земји, Куртулмуш изрази задоволство од зголемувањето на трговската размена и присуството на турските компании во земјата, особено во инфраструктурните проекти.
Гаши и Куртулмуш нагласија дека високо ја вреднуваат успешната соработка во рамките на НАТО и заедничкото учество во мировни операции, како и воената соработка меѓу двете земји, а пред сè во областа на воената обука и едукација и донациите на опрема за потребите на нашата Армија. Изразија задоволство и за активностите на Агенцијата за соработка и координација на Република Туркије – ТИКА, Фондацијата „Маариф“ и Инстититутот Јунус Емре во Република Северна Македонија.
Соговорниците се осврнаа на потребата за ревидирање и надградба на билатералниот „Договор за слободна трговија“ меѓу двете земји, во насока на поголема либерализација на трговските производи. Истовремено, нагласија дека постојат големи можности за натамошно унапредување на меѓусебната соработка во полето на културата, образованието, туризмот и други области од заеднички интерес.
Претседателите на две собранија разменија мислења и за актуелните случувања во регионот и во светот и ја нагласија потребата за мир, безбедност и стабилност.
На крајот од средбата, Гаши и Куртулмуш изразија уверување дека долгогодишното партнерство меѓу двете држави и позитивниот тренд во развојот на билатералните односи и соработката и натаму ќе се унапредуваат.