Македонија
ВРМО-ДПМНЕ: Не видовме план од Ковачевски, туку реакција на претходна понуда на Мицкоски
Добро е што Ковачевски се потрудил и ги изанализирал мерките кои Мицкоски утринава ги предложи за стопанството. И тоа го поздравуваме и веруваме дека причината за таканаречена вонредна прес конференција не се штурите и делумно ископирани мерки кои ги видовме вечерва, туку целосната понуда и прецизен план кој лидерот на ВМРО-ДПМНЕ го даде утринава. Но тоа не е доволно, зошто вечерва не видовме план, туку прес конференција која е реакција на претходна понуда, реагира ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на премиерот.
„Добро е што го прифати предлогот Здравствените установи и школите да влезат на регулираниот пазар на струја, но истото треба да се случи и со јавните претпријатија каде се вработени над десетина илјади граѓани и каде десеткратно повеќе луѓе од тоа користат услуги кои тие ги обезбедуваат.
Жалиме што не смогна сили Ковачевски да се надмине себе си и не ја прифати понуда на Мицкоски за поевтина струја за половина од актуелната цена и да го обезбеди бизнис секторот заштитувајќи го стандардот на граѓаните и зачувувањето ма работни места.
Она што загрижува е слабиот капацитет на реализација што го има владата како и нејаснотијата дали има или нема договор со Србија и решение за ТЕ-ТО. Како и фактот што пратеничките прашања ги условува со седница за договор за нов заем.
И на крајот, ги повикуваме институциите да утврдат дали дезертерот Ковачевски барем формално е деловно способен да ја води Македонија кога е повеќе од очигледно дека фактички ја урнисува државата“, се наведува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски-Куртулмуш: Интензивирање на односите во областите кои се од заедничко значење и важност
Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Владата оствари средба со Нуман Куртулмуш, претседател на Големото национално собрание на Република Турција, кој денеска престојува во официјална посета на земјава.
– Ги потврдивме одличните и пријателски односи со Турција. Ја истакнав заложбата да се интензивира економската и културна соработка, како и интензивирање на односите во областите кои се од заедничко значење и важност, објави Мицкоски на Фејсбук.
Македонија
Тошковски за Денот на настава на турски јазик: Македонскиот и турскиот народ се два блиски народи кои соработуваат и се почитуваат на сите полиња
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денес се обрати на свечената манифестација по повод 21 Декември – Ден на наставата на турски јазик во организација на Сојузот на турски невладини организации во Македонија. На настанот присуствуваше и претседателот на Големото народно собрание на Република Турција Нуман Куртулмуш.
Министерот Тошковски во своето обраќање истакна дека во богатиот спектар на ова наше македонско тло, на нашата убава Македонија, турската етничка заедница претставува врзовно ткиво, длабоко фундирано во културниот, историскиот и општествен развој на нашата држава.
„Таа позиција изградена со силната лојалност и добронамерност, со солидарност и уважување на сограѓаните, заслужува највисок можен респект. Македонскиот и турскиот народ се два блиски народи кои соработуваат и се почитуваат на сите полиња, од културно до технолошко.
Оттаму, денешното наше заедничко чествување на Денот на настава на турски јазик, треба да се сфати како одбележување на датум што ја надминува сопствената симболика, како празник кој што безрезервно го заслужува пиететот, почитта и искреното уважување од сите наши граѓани.“, подвлече министерот Тоошковски.
Тошковски го честиташе денешниот празник, Денот на настава на турски јазик, со уверување дека исто како и нашите претходници и ние сегашните генерации ќе им оставиме на оние што ќе дојдат по нас наследство изградено од цврсто заедништво, меѓусебно почитување и партнерство, како темелни вредности на заедничкиот натамошен опстој.
Македонија
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го прими претседателот на Големото национално собрание на Турција, Нуман Куртулмуш
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го прими претседателот на Големото национално собрание на Турција, Нуман Куртулмуш кој престојува во официјална посета на нашата држава.
На средбата се разговараше за зајакнување на повеќедецениските билатерални односи, интензивирање на економската соработка и продлабочување на соработката меѓу парламентите.
Претседателката изрази благодарност за постојаната поддршка на Турција, нагласувајќи ги пријателските односи и споделувајќи лични и професионални искуства со турски колешки и колеги. Таа се заблагодари за бројните турски проекти и донации во земјава.
Залагајќи се за уште поинтензивни економски односи, претседателката се заложи за иницирање нови инвестиции и зголемување на обемот на трговската размена, стимулирањето на туризмот, како и интензивирањето на образовната и истражувачката академска соработка и размена.
Претседателката посочи дека Турција е и наш докажан сојузник во НАТО, изразувајќи благодарност за сите форми на поддршка, со особен акцент на редовните донации во областа на одбраната, коишто придонесуваат за зајакнување на нашата одбранбена способност.
Претседателката, уште еднаш го честиташе 21 Декември, Денот на наставата на турски јазик, истакнувајќи го значењето на турскиот јазик и култура како дел од македонската мултикултурна ризница и симбол на соживотот меѓу Македонците и Турците.
Претседателот Куртулмуш истакна дека Турција ја препознава нашата држава како искрен и докажан пријател, нагласувајќи го значајниот статус и улогата на турската заедница во неа, што претставува силен доказ за меѓусебната почит и разбирање.
Средбата заврши со обострани заложби за продлабочување на блиските пријателски односи и унапредување на плодната соработка, при што претседателот Куртулмуш со особена чест ја покани Претседателката на официјална посета на Република Турција.