Македонија
Гаши го честита Курбан Бајрам

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, го честита празникот Курбан Бајрам на граѓаните од исламска вероисповед.
„Во мое лично име и во името на Собранието на Република Северна Македонија, Ви упатувам искрени честитки по повод големиот празник Курбан Бајрам.
Овој светол ден на жртвувањето нè потсетува на важноста на верата, добрината и грижата за ближниот. Нека празничните денови внесат духовен мир, здравје и изобилство во Вашите домови, а солидарноста и милосрдието што ја одликуваат бајрамската традиција послужат како поттик за уште поголема меѓусебна почит и заедништво во нашето мултикултурно општество.
Убеден сум дека, со заедничка посветеност, сите ќе продолжиме да го јакнеме соживотот, толеранцијата и хуманоста во нашата држава. Собранието останува цврсто посветен партнер во унапредувањето на слободата на вероисповед и во градењето општество на еднакви можности за сите.
Нека Курбан Бајрам Ви донесе радост, благосостојба и благослов во секое семејство“, пишува во честитката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Фото) Сиљановска-Давкова во Ница оствари средба со Макрон

Претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, од денеска престојува во работна посета на Ница, Франција, каде ќе учествува на третата Конференција на Обединетите Нации за океанот.
„Задоволство беше, во присуство на францускиот претседател Емануел Макрон да бидам дел од церемонијата за отворање на Декадата за криосферските науки кои ги проучуваат глечерите и сите површини каде водата е во тврда состојба, како и да присуствувам на презентацијата на препораките од специјалните настани на третата Конференција на ОН за океанот.
Целта е да се нагласи важноста на меѓународната научна соработка, како и да се поттикнат напорите за одржлив развој како одговор на алармантното влијание на климатските промени врз глечерите, ледените плочи и вечниот мраз, односно негативните ефекти кои со тоа се предизвикуваат.
Драго ми е што можев кратко да поразговарам со претседателот Макрон, кој е домаќин на конференцијата“, објави на Фејсбук претседателката Сиљановска-Давкова.
Претседателката ќе се обрати во рамките на третата Конференција на Обединетите Нации за океанот (UNOC3), за поддршка на спроведувањето на целта 14 за: Зачувување и одржливо користење на океаните, морињата и морските ресурси за одржлив развој.
На посебна церемонија, Сиљановска-Давкова ќе го потпише Договорот во рамки на Конвенцијата на ОН за правото на морето за зачувување и одржливо користење на морската биолошка разновидност на области надвор од националната јурисдикција (BBNJ), усвоен во Њујорк на 19 јуни 2023 година.
Македонија
(Фото) Успешна спасувачка акција во близина на Ливадичко Езеро

Директорот на Центарот за управување со кризи, Мухамет Али, заедно со раководителката на Подрачното одделение на ЦУК – Тетово, Арлинда Муареми, од лице место ја следеше спасувачката акција за извлекување на повредено лице кое паднало во бездна во близина на Ливадичко Езеро, општина Теарце.
„Информацијата за инцидентот првично беше добиена преку Секторот за итни повици – 112 и Секторот за операции и координација при ЦУК. По извршената проценка беше утврдено дека извлекувањето без специјализирана техничка и логистичка поддршка не е изводливо, по што ЦУК веднаш стапи во контакт со Министерството за одбрана и со началникот на Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија, г. Сашко Лафчински.
Од страна на Армијата беше испратена хеликоптерска единица, која го извлече повреденото лице и обезбеди понатамошен медицински транспорт и нега.
Бидејќи лицето се наоѓаше во провалина на територијата на Република Косово – под Ливадичко Езеро, директорот Али веднаш воспостави директна комуникација со Амбасадата на Косово, како и со директорот на Агенцијата за управување со вонредни ситуации на Косово, г. Генц Метaj. Косовските служби исто така испратија специјализиран спасувачки тим за дополнителна поддршка.
Овој случај уште еднаш ја потврдува клучната важност на ефикасната меѓуинституционална и регионална соработка при справување со итни и комплексни ситуации“, информираат од ЦУК.
Македонија
Муцунски во работна посета на Казaхстан

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, утре ќе престојува во работна посета на Астана. Посетата се реализира на покана на заменик-премиерот и министер за надворешни работи на Република Казахстан, Мурат Нуртлеу.
Во рамки на посетата, министерот Муцунски ќе оствари средби со министерот за надворешни работи Нуртлеу, со министерот за трговија и интеграција на Казахстан, Арман Шакалиев, како и со гувернерот на Меѓународниот финансиски центар на Астана, Ренат Бектуров.
На средбата со министерот Нуртлеу ќе се разговара за унапредување на билатералната соработка во политичката и економската сфера. Притоа, ќе биде потпишана и Програма за соработка меѓу Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија и Министерството за надворешни работи на Казахстан за периодот 2025–2027.
Во економскиот сегмент, фокусот ќе биде ставен на можностите за продлабочување на економската соработка, зголемување на трговската размена, условите за инвестирање во Република Северна Македонија и потенцијалите за соработка во областа на туризмот.