Македонија
Герасимовски: „Горан е тука“ – в недела заеднички го одбележуваме роденденот на Горан Стефановски

Општина Центар информира дека во недела, 27 април во 12.00 часот, во Дебар маало, кај спомен-клупата посветена на големиот драмски автор Горан Стефановски ќе се одржи настанот „Горан е тука“, по повод неговиот 73-ти роденден. На местото каде во 2019 година беше засаден чинар во негова чест – во триаголниот парк спроти кафеаните „Наџак“ и „Идадија“ – љубителите на театарот, пријателите, семејството и почитувачите на делото на Стефановски ќе се соберат да му оддадат почит.
Градоначалникот Горан Герасимовски, истакнува дека на одбележувањето на роденденот на Горан Стефановски ќе настапи музичката група „Аудио Скопје“, ќе се читаат одбрани текстови од и за Горан, во изведба на Саша Димитриевска, Мирјана Трпковска-Костовска и Трајанка Илиева-Вељиќ. Со свои настапи ќе се приклучат и пријатели од младоста, актери и уметници, Дарко Вељиќ ќе изведе пантомима, а Игор Стефановски ќе приреди музички сет како симболичен поздрав до ликот и духот на својот татко.
„Горан Стефановски не беше само писател – тој беше совеста на едно време, гласот што не потсетува кои сме и каде одиме. Неговите зборови сè уште одекнуваат во културниот простор на Македонија, во нашите мисли, во улиците на Дебар Маало. Со секој збор што го напишал, тој создал светови во кои се огледува нашето минато и иднина. За нас е чест што преку овој настан, дел од Програмата за култура за 2025, му оддаваме почит на еден од најголемите умови што ги имала оваа земја. Придружете ни се во овој свечен и искрен омаж на човекот чиј дух продолжува да живее преку неговите реченици и идеи. Горан не е само спомен – тој е присуство. Горан е тука“, вели Герасимовски.
Организатор на настанот е Здружението на граѓани Тим Театрос К од Скопје, кое со години го негува сеќавањето на Стефановски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Злоупотребиле податоци од изгубена лична карта за да си исплатат добивка, а на сопственикот на личната карта му била укината социјалната помош

Тетовската полиција поднесе кривична пријава против Д.И.(22) од Тетово и К.К.(38) од Скопје поради постоење основи на сомнение за злоупотреба на лични податоци и несовесно работење во службата.
„На 15.03.2024, првопријавениот Д.И. – вработен во правен субјект од Скопје и второпријавениот К.К. – управител на правниот субјект, злоупотребувајќи ги личните податоци на лице од Тетово, кој ја изгубил личната карта, извршиле исплата на остварена добивка од 4.800 денари во правното лице, по што во август лицето примило решение од Јавната установа Меѓуопштински центар за социјална работа Тетово за престанок на правото на социјалната сигурност за стари лица“, соопшти МВР.
Македонија
Со фалсификати две лица пререгистрирале ловечко друштво, па издавале дозволи за лов без печат и потпис

Полицијата поднесе кривична пријава против И. А. (52) од струшкото село Лабуништа и против А. Џ. (35) од селото Подгорци поради фалсификување исправа и измама.
Од МВР велат дека во текот на 2024 година, со намера да пререгистрираат и присвојат ловечко друштво од Вевчани, пријавените почнале да собираат потписи и изготвиле лажни изјави од лица од околните села, набавиле фалсификувана исправа и печат на непостојно здружение и фалсификувале потписи на негови членови.
Истите документи, како што информираа од полицијата, без да бидат заведени на нотар, ги приложиле во Централниот регистар во Тетово, каде што без да се изврши преглед на доставената документација и спротивно на законот било издадено решение за промена на статутот по што го пререгистрирале ловечкото друштво.
Потоа пријавените почнале да управуваат и да издаваат дозволи за лов, без печат и потпис.
Македонија
(Видео) Крадец снимен како го ограбува манастирот „Успение на Пресвета Богородица”

Непознато лице го ограбило манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ во село Обрштани, Кривогашатани. На снимката од безбедносните камери се гледа машко лице со маска на главата како краде пари од манастирот.
„Во текот на ноќта манастирот ‘Успение на Пресвета Богородица’ е ограбен. Секој што ќе го препознае сторителот да ги извести членовите на манастирскиот одбор“, повикаа од манастирот.