Македонија
Герасимовски: Зелениот регистар е гаранција за зачувување на урбаното зеленило

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, информира дека секој граѓанин, јавно и без никакво најавување, може да има целосен увид во Зелениот регистар преку ГИС платформата на Општината.
„Секое дрво е важно. Создаваме општина во која секој граѓанин има пристап до податоци за состојбата на зеленилото. Воведуваме поголема контрола и транспарентност во урбаното планирање“, изјави Герасимовски.
Досега се регистрирани над 10.000 дрвја, од кои 8.000 се листопадни и 2.000 зимзелени. Секое е мапирано со фотографија, состојба и латинско име. Најзастапени видови се липа, јавор, костен и јасен.
„Зелениот катастар ни овозможува реална слика за тоа што го имаме и што ни недостига. Тоа е суштинска алатка за долгорочна заштита на зеленилото“, додаде градоначалникот.
Покрај Зелениот регистар, преку ГИС платформата се достапни и други услуги – електронски упис на првачиња, увид во урбанистички планови и јавни површини. Општина Центар е првата општина која го воведе ГИС системот и од тогаш континуирано работи за надградба и усовршување на оваа дигитална технологија, се со цел поголема транспарентност пред граѓаните, побрз пристап до информации, подобро управување со истите и поголема ефикасност во оперативното работење на секторите, велат од Општината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Алиу најави реформа на Мој Термин – побрз, поедноставен и подостапен систем

Министерот за здравство, Азир Алиу денес имаше работна средба со директорот на Управата за електронско здравство, Фикрет Шабани, на која се разговараше за предизвиците во функционирањето на системот Мој Термин и новините кои се планирани во оваа област.
-Системот Мој Термин е едно од местата каде што нашите граѓани најмногу ја чувствуваат потребата од брза, достапна, правична и транспарентна услуга. Еден од нашите приоритети е реформа на Мој Термин, со цел креирање поедноставен, побрз и подостапен систем. Правиме платформа што не создава бариери, туку отвора врати, што функционира во реално време и им дава на граѓаните сигурност дека се приоритет, изјави министерот Алиу.
Тој посочи дека многу скоро оваа промена граѓаните ќе ја почувствуваат не само на екраните, туку и во нивното секојдневие.
Македонија
Голем пожар во Желино, од ЦУК велат поради ветерот и тешкиот терен има ризик да се прошири

Во општина Желино избувна пожар кој се движи во правец на Еребино, зафаќајќи сува вегетација и нискостеблеста шума, информираат од Центарот за управување со кризи.
Како што кажаа од ЦУК, пожарот поради ветерот и тежок терен има ризик да се прошири, но на терен веднаш се ангажирани сите расположливи сили и средства.
На терен активно дејствуваат:
– 1 армиски хеликоптер
– 1 полициски камион МАН со цистерна од 8 тони и воден топ
– 2 теренски возила пинцгауер
– 1 хермелин
– 30 припадници на Армијата
– екипи од Скопската бригада за противпожарна заштита
– пожарникари од ТППЕ Тетово.
Во 16:00 часот ќе полетаат и два ер трактори на ДЗС за воздушна поддршка, велат од ЦУК.
Оттаму додаваат дека постои основано сомнение дека пожарот е предизвикан од човечки фактор, односно подметнат.
Од АМСМ соопштија дека регионалниот пат Тетово – Скопје на потег од Добарски надвозник до бенз. пумпа Џезо Петрол е затворен за сообраќај, а сообраќајот се пренасочува по Автопат ТЕ-СК-ТЕ кај с Групчин и с. Желино
Македонија
ЦУК: До 14 часот се евидентирани вкупно 11 пожари на отворен простор, 6 се активни

Центарот за управување со кризи информира дека во текот на денешниот ден, заклучно со 14 часот, на територијата на државата се евидентирани вкупно 11 пожари на отворен простор, од кои: 6 се активни, 3 се под контрола, а 3 се изгаснати.
Активни пожари:
Општина Василево – с. Нивичино (нискостеблеста шума)
Општина Македонски Брод – с. Грешница (мешана шума и ниска вегетација)
Општина Прилеп – помеѓу селата Царевиќ и Смолани (мешана шума и ниска вегетација)
Општина Велес – кај селата Џидимирци – Крушје – Иванковци (мешана нискостеблеста деградирана шума); поради силен ветер, пожарот повторно е активиран, со краци во неколку правци
Општина Сарај – до Обиколницата (сува трева)
Општина Желино – се шири кон Тетовско Еребино (сува вегетација и грмушки)
Пожари под контрола:
Општина Дојран – с. Николич (нискостеблеста шума)
Општина Демир Хисар – Градска депонија (депонија)
Општина Македонски Брод – помеѓу с. Црешнево, с. Локвица и с. Крапа (деградирана дабова шума, грмушки и ниска вегетација)
Изгаснати пожари:
Општина Охрид – с. Лескоец (запалена плевна)
Општина Штип – с. Аргулица (деградирана ниска вегетација)
Општина Липково – с. Виштица (деградирана шума)