Македонија
(Видео) Герасимовски: Центар што го сакаме е победнички и во сигурни раце
Кандидатот за градоначалник на Општина Центар од редовите на СДСМ Горан Герасимовски, вечерва во изјава за медиумите потенцираше дека денеска победи Центар што го сакаме, победија граѓаните на фер и демократски избори.
Во продолжиме, Ви го пренесуваме неговото целосно обраќање:
„Денес е голем ден за сите нас. Денес победи Центар што го сакаме! Денес победија граѓаните домаќини, победи прогресивното, модерното, чесното, слободното и правичното! На слободни, на фер и демократски избори!
На почетокот сакам од срце, искрено да се заблагодарам на сите граѓани кои гласаа за мене и за нашата советничка листа. Бидете уверени, го направивте одличниот избор.
Се заблагодарувам на сите Вас, носители на победата, на нашиот Штаб, на сите членови и симпатизери на СДСМ, на сите волонтери, кои макотрпно и вредно, учествуваа во секоја минута од оваа кампања.
Направивме голема, направивме огромна работа! Да се биде градоначалник е врвна чест и признание. Да те изберат двапати, за мене значи најголемо признание и чест. Уште повеќе, тоа за мене е највисока одговорност и обврска, која целосно ја прифаќам и која целосно ќе ја исполнам, заедно со нашиот тим. Како победивме на овие тешки избори? Победивме, затоа што работевме четири години, а не 30 дена. Затоа што ветувавме тоа што е потребно и реално, а не измислени прииказни, филмови и лаги. Затоа што тоа што го ветивме го исполнивме.
Затоа што знаевме да слушаме, да комуницираме, да слушаме од паметните, затоа што обединувавме, а не делевме, затоа што говоревме со јазикот на народот, и не навредувавме и не се каравме. Најважно од се, имавме јасен пат. Знаевме каде, зошто и за кого работиме и се движиме.
Се водевме од принципи, а не од дневна политика. За нас слободата, еднаквоста, солидарноста, правичноста се највисоки вредности и принципи, како жива сила, а не зборови на хартија. Се водевме од чесност и праведност, и секогаш знаевме дека постоиме заради граѓаните, а никако обратно. Е ако така се работи, а ние така работевме, поддршката од граѓаните сигурно доаѓа. Тоа е потешкиот, но единствениот пат. Во оваа кампања се соочивме со нефер противници. Ако ние водевме фер и конструктивна кампања, тие правеа се спротивно.
Ме навредуваа, ме клеветеа, лажно ме обвинуваа и си ги припишуваа резултатите себе си. И тоа луѓе, наши довчерашни соборци и соборки, кои од нивни, целосно промашени и лични, евтини, мотиви, решија да бидат на страната на фотељашите, на кариеристите, на властољупците, на неработниците, на профитерите. И како што бива, изгубија. Исчезнаа, пропаднаа, останаа тивки вечерва. Граѓаните ги победија, им пратија трајна порака. Бидејќи Центар е паметен, мудар, искусен, ги препознава лажните ликови и нивните интереси, тие во Центар не поминуваат. Се покажа дека доброто со добро се враќа, работата со признание се враќа, а успехот од сето тоа е заеднички. Уште еднаш се покажа дека силата е во заедништвото, во вистината, во правдата…
Ние ќе продолжиме понатаму како и досега, со силен мотив, со моќна работа да ги спроведуваме ветените Проекти. Затоа што тие им помагаат на граѓаните.
Центар го подигаме на ново, повисоко ниво. Продолжуваме да ја пишуваме нашата заедничка нова приказна. Вечер ќе славиме, а од утре наутро, продолжуваме со силна работа. Сите Ве уверувам, се што кажавме, се ќе исполниме. Ќе бидеме вистинскиот пример и за Центар и за цела држава, за резултати, за чесност, за вредностите. Ќе бидеме оригинален позитивен пример, но и алтернатива на сите погрешни политики.
Сосема на крајот, уште еднаш Ви се заблагодарувам за се што направивте. И сакам емотивно, да се заблагодарам на моето семејство, на Елена, на Стефан и Борјан , на мајка ми Цана и татко ми Дончо, на брат ми Игор и Сандра и внуците, за емотивната поддршка во целиот период. Знаевме дека нема да биде лесно, но и знаевме дека ќе бидеме силни и ќе победиме. Ви благодарам. Драги сограѓани, Центар што го сакаме е победнички, тој е во сигурни, тој е во вашите раце. Да сте живи и здрави, Да живее СДСМ, да живее Центар!“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Влен“: Со еден глас, Албанците го запечатија крајот на ерата на Ахмети!
„Изборите што ги нарекоа „референдум“ завршија како политички суд против оние што го држеа албанскиот народ како заложник 23 години со лаги и измами. Граѓаните јасно проговорија дека времето на манипулаторите е завршено“, велат од „Влен“.
„Двата круга од овие избори докажаа дека Демократската Унија за Интеграција е избришана од политичката карта на Северна Македонија. По две децении манипулација, оваа партија стана мала структура, без поддршка и без политички легитимитет.
Ова не го кажува ВЛЕН, го кажува слободниот глас на Албанците.
Во првиот круг, ВЛЕН убедливо победи во Чаир, Сарај, Арачиново, Желино и Теарце. Во вториот круг, Албанците ја запечатија промената во Боговиње, Дебар, Струга, Долнени и Тетово. Овие победи не се случајности, тие се отворено отфрлање на старата политика и потврда на вербата во новата политика.
Албанците точно знаат кој работи, а кој измамува, кој дели, а кој обединува.
Ова јасно гласање е крај на една ера и почеток на нова визија за албанската политика.
ВЛЕН го чита овој резултат како почеток на политика на одговорност, мерена со работа, понизност и почит кон граѓанинот. Нема да зборуваме за губитниците бидејќи Албанците веќе проговорија“, соопштија од „Влен“.
Македонија
Делови од пет скопски општини денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:00 до 14:00 часот, корисниците од дел од село Долно Лисиче. (Општина Аеродром)
· од 08:30 до 12:30 часот, корисниците од дел од ул. Димче Милошевски. (Општина Гази Баба)
· од 09:00 до 12:00 часот, корисниците од дел од ул. 1 во с. Сопиште. (Општина Сопиште)
· од 09:00 до 13:00 часот, корисниците од дел од ул. Димитар Мирсачев. (Општина Кисела Вода)
· од 09:00 до 15:00 часот, корисниците од објектите во околината на ул. Леринска бр. 3. (Општина Карпош)
Македонија
Променливо облачно, претпладне слаба магла, попладне повремени врнежи од дожд
Променливо облачно, претпладне по одделни котлини со појава на магла. Попладне и во текот на ноќта ќе има повремени локални врнежи од дожд и услови за ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 8, а максималната ќе достигне од 16 до 21 степен.
Во Скопје, променливо облачно, претпладне во делови од котлината со појава на слаба магла. Попладне и во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 18 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на променливо облачно време, по одделни котлини со појава на утринска магла. Во вторник ќе има повремени локални врнежи од дожд и ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер. Дневната температура ќе опадне за неколку степени. Во среда и четврток ќе преовладува претежно стабилно време, а локални врнежи од дожд повторно се очекуваат во деновите од следниот викенд.

