Македонија
Град Скопје: Заклучокот за приватните превозници е изгласан без кворум, нема да поддржиме акт со елементи на кривично дело
Градоначалничката Данела Арсовска одбива да изврши измени во одлуката за исплата на надоместокот за изминат километар на приватните превозници.
Град Скопје го обвинува претседателот на Советот, Трајко Славески дека дејствувал спротивно на Законот и Деловникот на Град Скопје, донел заклучок без кворум, не им дозволил на претставниците на градската аднимистрација стручно да се произнесат, а дополнително упатил и закани кон вработените.
„Спротивно на член 87 од Деловникот на Советот на Град Скопје, без кворум односно неопходното мнозинство за работа од 23 советници, без соодветно од страна на стручните служби да биде утврден бројот на советници присутни во салата и бројот на гласови, своеволно изјавивте дека заклучок е донесен и притоа повикавте вработените во градската администрација и Градоначалникот да постапуваат иако стручните служби на Град Скопје и сите останати советници во Советот укажуваа на неправилностите во водењето на седницата и немањето кворум за одлучување“, велат од Град Скопје во дописот до Славески.
Од тука нагласуваат дека ваквиот Заклучок кој произлегува од Иницијативата за отпочнување постапка за покачување на цената на услугата која ја добиваат приватните превозници, гласан без кворум не може да се смета за донесен.
„Стручните служби во градската администрација и градоначалникот во ниту еден момент и на никој начин нема да бидат соучесници во вашето грубо прекршување на Статутот, Деловникот и незаконското постапување“, наведе Град Скопје, додавајќи дека покачување на цената по километар се врши врз основа на критериуми, а не по нечија желба. Како критериуми, меѓудругото, ги наведуваат трошоците за гориво, бруто плата на возачи, трошоци за резервни делови, регистрација, технички преглед.
„Секој поинаков предлог и донесување акт е спротивно на позитивните законски прописи и подзаконски акти, а доколку реалната цена добиена согласно горенаведените критериуми е пониска од онаа која вие сте ја договориле без соодветна анализа и факти, истото ќе предизвика штета на Буџетот на Град Скопје и прибавување противправна имотна корист на други лица“, се вели во дописот до Славески.
Според Град Скопје, тој сакал свесно да ги задолжи градоначалникот и секторите да изготват и поднесат незаконски акт кој може да го оштети Буџетот, односно да преземат дејствија со елементи на кривично дело.
Допис од Град Скопје до Трајко Славески (1)
Претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески претходно објави дека дека по налог на градоначалничката Данела Арсовска, администрацијата го опструира и отворено покажува дека се противи на решавање на проблемот со приватните превозници.
„Иако како претседател на Советот замолив Секторот за поддршка на Совет, кој е дел од градската администрација, да го подготви заклучокот за потпис и проследување до градоначалникот Арсовска во рок од половина час по завршување на седницата, тоа не е направено ниту по час и половина од посочениот рок“, вели Славески.
Тој тврди дека во моментот на гласањето некаде околу една минута, ја молел службата да ги изброи гласовите, а советниците стоеле и тоа може да се види од снимката. Рече дека советниците имале забрана да ги бројат гласовите, а тоа може многу лесно да се провери.
Совет на град Скопје по петчасовна расправа на итна вонредна седница со мнозинство гласови донесе заклучок со кој се задолжува градоначалникот Арсовска во најкус можен рок, по можност во текот на денешниот ден, 29 ноември 2024 година, да предложи измени и дополни на одлуката за… pic.twitter.com/lkz973lFmx
— Trajko Slaveski (@TSlaveski) November 29, 2024
„Не остана ништо друго, туку јас самиот да избројам. Во меѓувреме нели советниците од СДСМ кажаа дека нема да прават кворум, ќе го растурат кворумот не успеаа во тоа, може и тоа да се провери да се изброи, така што донесена е одлуката“, рече Славески.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„ИПАРД 3 прекинат, земјоделците останаа без пари поради корупција на власта“, велат од СДСМ
„Европската комисија ги прекина сите исплати од ИПАРД 3 програмата поради сериозен корупциски скандал во кој е приведен директорот на Платежната агенција, кадар на ДПМНЕ. Земјоделците останаа без пари поради корупцијата на власта“, велат од СДСМ.
„Ова е најголемиот корупциски скандал со европски фондови досега бидејќи ИПАРД 3 програмата е вредна околу 130 милиони евра.
Сега истрагата мора да оди до крај и да ги опфати сите инволвирани, не само приведениот директор од ДПМНЕ.
Тој е близок соработник на Панкерот, кој е во кумска врска со премиерот Мицкоски додека неговата сопруга пак е вработена во Агенцијата, на позиција одговорна за исплата на парите од ИПАРД.
Значи станува збор за блискиот круг околу премиерот Христијан Мицкоски.
Истрагата мора да ги даде сите одговори а вмешаните да одговараат.
Кога СДСМ ја разобличи оваа коруптивна шема, ДПМНЕ се обиде да дефокусира со лаги и напади врз сегашни и поранешни функционери, меѓу кои и претседателот Филипче.
Денеска на сите им е јасно дека лагите од кујните на ДПМНЕ служат само за дефокус и прикривање на сопствената корупција.
На ДПМНЕ не им се важни граѓаните, не им се важни земјоделците туку наместените милионски тендери.
Нема да дозволиме ДПМНЕ да си игра со судбината на земјоделците. Одговорност ќе има“, соопштуваат од СДСМ.
Македонија
(Видео) Јовановска: Левица бара вонреден инспекциски надзор во Цементарница УСЈЕ
„Скопје повторно се гуши во ПМ честички. Секоја година, особено во зимскиот период Скопје руши рекорди во загаденост, но освен паушални изјави и празни ветувања, властите не превземаат никакви конкретни мерки за решавање на овој проблем“, истакна Катерина Јовановска, координаторка на советничката група на Левица во Советот на Град Скопје, на прес конференција на која соопшти и дека поднеле Барање за вонреден инспекциски надзор во Цементарница УСЈЕ.
Според неа иако проблемот со загадувањето во Скопје е повеќедецениски, ниту една од партиите кои се менуваа на власт, не направиле речиси ништо за намалување на загадувањето, ниту пак понудиле трајно решение. „Јавниот градски превоз е колабиран, нови еколошки автобуси нема, а Јавното обвинителство веќе три години не постапува по кривичната пријава поднесена од градот Скопје против загадувачот Цементарница УСЈЕ“.
Од Левица јавно прашуваат „до кога профитот ќе биде пред здравјето на граѓаните“ и додаваат дека здравјето на граѓаните нема цена. Како што посочи Јовановска, советничката група на Левица освен барањето за вонреден инспекциски надзор во УСЈЕ доставиле и низа амандмани на Буџетот на Град Скопје за следната година, со конкретни мерки за намалување на загадувањето.
„Поднесовме амандмани за набавка на еколошки дрва со цел намалување на загадувањето на воздухот, субвенции за прочистувачи на воздухот за жителите на Скопје, субвениции за граѓани и фирми за набавка на филтри за оџаците… Дел од овие амандмани ги поднесе и минатата година, но ниту еден од нив не доби подршка од советниците на ДПМНЕ и СДС“, истакна Јовановска.
Левица ќе даде и поддршка на најавениот протест во четврток, против Цементарница УСЈЕ, и се надеваат на масовно присуство на скопјани на овој протест затоа што, како што рече Јовановска „сепак за здравјето се работи“.
Македонија
(Фото) Николоски: Интензиво работиме на реконструкцијата на превојот Пресека во должина од 11 километри
Интензивно работиме на рехабилитација на превојот Пресека и очекувам до месец февруари целиот патен правец да биде завршен и да ја подигнеме безбедноста во сообраќајот, истакна заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски.

Вицепремиерот Николоски, заедно со директорот на ЈП за државни патишта Коце Трајановски, пратеникот Ѓорѓи Сајкоски и градоначалниците од Кичево и Дебрца извршија увид на градежните работи на превојот Пресека.

Тој потенцира дека се работи за проект за рехабилитација на 15 километри патен правец, што е од огромно значење за подобрување на безбедноста во патувањето и ќе го олесни поврзувањето на главниот град со Охрид и Струга.

„Се работи на 11 километри кои целосно се рехабилитираат. Можам да кажам дека во однос на рехабилитацијата на патниот превој Пресека, кој што претставува главна артерија, не само за спојување на Кичево со Охрид и Струга, туку генерално и за спојување на Скопје со Струга и Охрид, се работи со одлична динамика и до февруари месец би требало целиот патен правец да е завршен, што многу ќе помогне додека не се пушти целиот автопат Охрид-Кичево, побезбедно и побрзо да се патува, имајќи предвид дека патниот превој Пресека беше во една навистина катастрофална состојба“, изјави вицепремиерот Николоски.


