Македонија
Градиме брза железница и автопати од Албанија до Бугарија, најави Николоски во Виена
Македонија ги реализира најкрупните капитални проекти за патна и железничка инфраструктура на транспортните Коридори 8 и 10, истакна вицепремиерот Александар Николоски на економскиот форум во Виена. Тој нагласи дека државата има визија преку модерна инфраструктура да придонесе за регионален развој, брз и сигурен транспорт и економска стабилизација.
Николоски потенцираше дека иако земјата нема излез на море, таа има стратешка географска предност, бидејќи Коридорот 10, најдолгиот паневропски транспортен коридор, минува источно од Скопје. Овој коридор започнува од Атина (пристаништето Переа) и завршува во Финска, поврзувајќи го целиот северо-западен европски транспортен правец.
Дополнително, тој го истакна значењето и на Коридор 8, кој го поврзува Јонското и Јадранското Море со Црното Море и претставува клучна источно-западна врска на Југоисточна Европа.
Инвестиции во патна инфраструктура
Николоски посочи дека се градат и модернизираат автопатските делници на Коридор 8 – од границата со Албанија до границата со Бугарија, како и граничните премини, со цел скратување на времето на чекање. Вкупната инвестиција во автопати и експресни патишта на коридор 8 ќе биде околу 1,5 милијарди евра.
Во делот на Коридор 10, тој го најави најголемиот автопат досега изграден во државата – долг околу 55 километри, кој ќе го скрати патувањето меѓу Скопје и Атина за околу три часа, на приближно 5 до 5,5 часа.
„Од наша страна го градиме најголемиот автопат што е некогаш изграден во државата, околу 55 километри, а од другата страна градат и Грците и тоа е делот кој недостига од сложувалката, па се надевам дека кога од Виена ќе патувате кон Атина ќе скратите барем три часа со она што го градиме сега“, рече Николоски.
Брза железница: најголем проект во Југоисточна Европа
Започнува изградбата на брза железница на Коридор 10, во партнерство со Обединетото Кралство, со инвестиција од околу 2 милијарди евра. Проектот треба да биде завршен до 2031 година.
„Веќе имаме договор со нашите грчки пријатели, се сретнав со вицепремиерот на Грција пред еден месец, тие ќе го изградат делот кај нив што недостига, од Солун до нашата граница, а ние започнуваме на пролет следната година со изградба на нашиот проект. Тоа ќе биде најголемиот проект во Југоисточна Европа, иако ние сме една од најмалите држави во тој регион. Инвестицијата ќе биде околу 2 милијарди евра. Бидејќи не сме членки на ЕУ, имавме две алтернативи: да потпишеме со Кинезите, не е тајна дека тие дојдоа уште на првиот ден кога започнавме како Влада, понудија заем без камата, ако градиме со нив. Но ние мислевме дека од витално значење за Европа, бидејќи коридорите, особено железничките, користат мошне иновативна сигнализација што може да се искористи и за други работи, покрај железницата, решивме да потпишеме договор за стратешко партнерство со Велика Британија. Имаме 5 милијарди фунти, 6 милиони евра на располагање, од кои 2 ќе ги искористиме за овој проект, со добри услови, за жал не можам да ги споделам условите сега, бидејќи се’ уште се доверливи, но кога ќе се откријат, мислам сите ќе се согласат дека се поволни. Очекуваме да почнеме следната година и да завршиме во 2031, бидејќи се работи за двојна пруга, првата, товарната што ќе заврши во 2028 година“, рече Николоски.
Патничките возови ќе се движат со брзини од до 250 км/ч, а товарните со до 140 км/ч. Очекувањата се дека државата ќе остварува годишни приходи од транзитен железнички сообраќај од 120 милиони евра (наспроти сегашните 12 милиони).
Поврзување Скопје–Софија, а потоа и кон Јонското Море
Николоски најави дека е склучен договор со Бугарија за железничко спојување преку тунел, а се работи на три делници до границата со Бугарија. Една делница е веќе пуштена, втората ќе биде готова до октомври следната година, а за третата се очекува тендер во декември. Вкупната инвестиција на двете држави за железничкото поврзување Скопје – Софија изнесува 2 милијарди евра.
Целта е до 2031 година да има регуларна железничка линија Скопје–Софија–Бургас, а потоа и кон Јонското Море, во зависност од развојот на албанската инфраструктура.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Сарај и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09:00 до 14:00 часот, дел од корисниците од село Буковиќ, горниот дел (општина Сарај);
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, корисниците на улицата Струшка (општина Карпош).
Македонија
Апасиев: Следната недела ќе закажам посебна седница за трагедијата во „Пулс“
„Како претседател на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот во Собранието на РМ, следната недела планирам да ја закажам посебната комисиска седница на која ќе се разгледува добиената Претставка од „Здружението 16 Март“ на родителите од Кочани, на која ќе се расправа за изнесените наводи поврзани страшната трагедија во дискотеката „Пулс“. На седницата официјално ќе бидат поканети и претставници на подносителите“, напиша на социјалните мережи пратеникот и лидер на Левица, Димитар Апасиев.

За време на саботниот „Марш на ангелите“ во Скопје, семејствата на загинатите во „Пулс“ побараа пратениците да иницираат надзорна расправа и посебна анкетна комисија за целосно и независно испитување на случајот.
Македонија
Претежно облачно со повремени локални врнежи од дожд
Претежно облачно со повремени локални врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат пообилни (над 30 l/m² за 24 часа), локално со услови за невреме со засилен ветер (над 60 km/h) и појава на ретки грмежи. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 11, а максималната ќе достигне од 13 до 18 степени.
Во Скопје, облачно со повремени врнежи од дожд, во делови од котлината повремено пообилни. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на серија влажни воздушни бранови до крајот на седмицата следува период на променливо облачно и релативно топло време со повремени локални врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат пообилни, локално со услови за невреме со засилен ветер (над 60 km/h) и ретки грмежи. Во текот на 24 часа се очекува да наврне поголема количина дожд (над 30 l/m2). Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец.

