Македонија
Градскиот парк личи на џунгла, велат од ЛДП

Обраснати грмушки, неискосена трева, запуштени езерца, неискастрени дрвја и расфрлани отпадоци – ова е сликата која ги пречекува скопјани секој ден кога ќе одлучат да го посетат Градскиот парк во Скопје, велат од Градска организација ЛДП Скопје.
„Неспособноста не само на актуелната градоначалничка на Град Скопје, Данела Арсовска, туку и на целото градско раководство, уште еднаш излегува на површина со несреќната состојба во која се наоѓа Градскиот парк во пролет, кога и е најпосетен.
Наместо простор за одмор и рекреација на граѓаните, од кои голем дел се родители со бебешки колички и мали деца, најголемиот парк во градот е оставен обраснат со треви и потсетува повеќе на џунгла, отколку на современ „градски парк“.
Градската организација ЛДП Скопје во континуитет потсетува и алармира на пропустите во работењето на актуелното градско раководство, без разлика дали станува збор за степенот на нехигиена, поморот на животни Зоолошката градина или севкупно, генералната состојба во која се наоѓа Скопје.
Неспособноста и неработењето на градското раководство во Скопје се аргумент плус во насока на предлогот за враќање на одредбата за референдумско отповикување на градоначалници, предлог кој Либерално-демократската партија активно го застапува преку јавни настапи и учества и организација на панел дискусии и трибини во повеќе градови во државата. Измените и дополнувањата на Законот за локална самоуправа, кои веќе се наоѓаат во собраниска процедура, предвидуваат воведување на механизмот за отповикување на градоначалник, по што веќе нема да има законски заштитени функционери, без одговорност и отчетност пред своите гласачи.
Го повикуваме Град Скопје и јавното претпријатие „Паркови и Зеленило“, како надлежни за одржувањето на Градскиот парк, во најбрз можен рок да го искосат обраснатото зеленило и да им овозможат пријатен и нормален престој на сите посетители во паркот“, се вели во соопштението на ЛДП.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Времето денеска ќе биде сончево и многу топло, од утре засилен северен ветер, пороен дожд и грмежи

Времето денеска ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималните температури ќе се движат од 11 до 19, а максималните од 26 до 38 степени.
Во Скопје, сончево и многу топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб со умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде 17, а максималната ќе достигне 38 степени.
УХМР информира дека од утре времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен до засилен северен ветер, а дневната температура ќе опадне за 3 до 5 степени. Во попладневните часови ќе има услови за локална појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи.
Македонија
Земјотресот на Света Гора почувствуван и во Македонија

Силниот земјотрес на Света Гора почувствуван и во југоисточниот дел на Македонија.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, денес 7 јуни 2025 година регистрираа серија на земјотреси чии епицентри потекнуваат од соседна Република Грција.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, почувствуван е земјотресот во 14 часот и 46 минути чиј епицентар се наоѓа 290 km југоисточно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда M L 5.2.
Земјотресот беше почувствуван во југоисточниот дел на Републиката со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала“, известија од Сеизмолошката опсерваторија.
Македонија
АХВ го одбележа 7 Јуни – Светски ден на безбедна храна

Aгенцијата за храна и ветеринарство и оваа година се приклучи и ја поддржува глобалната иницијатива и го одбележа 7 јуни, Светски ден на безбедна храна. Со едукативен и спортско рекреативен настан наменет за граѓаните и децата, денес, во паркот Авионче во скопската населба Ново Лисиче на присутните им беа поделени едукативни флаери за безбедноста на храната, а за најмалите се одржаа спортско-рекреативни игри преку кои се афирмираше безбедноста на храната и нејзиното значење.
На 10 јуни, во вторник, со поддршка и во соработка со Европската агенција за безбедност на храната – ЕФСА, Агенцијата за храна и ветеринарство ќе одржи настан за подигнување на јавната свест за безбедноста на храната на која ќе учествуваат реномирани претстставници од EFSA, од научните и други институции поврзани со прашпања кои се однесуваат на производството на храна и нејзината безбедност.
Годинашното мото на Светскиот ден на безбедна храна – 7 јуни е „Науката во акција“ и тоа денес не потсетува на важноста на науката како основна алка од синџирот на безбедна храна. Едноставно, тоа е дел без кој не се може и кој ги создава основите за креирање на политиките за безбедност на храната од страна на институциите, како што е и Агенцијата за храна и ветеринарство.
Преку едукативниот спортско рекреативен настан кој се одржа денес и настанот кој во соработка со EFSA ќе се одржи во вторник, АХВ и годинава активно работи на подигнување на свеста на граѓаните за важноста на безбедноста на храната и за превенирање и управување со ризиците со цел унапредување на нивното здравје.