Македонија
Грозданов: Ќе се реконструира кочанската болница, ќе изградиме затворен базен, а ќе инвестираме и во нови патишта и водоводни системи

Владко Грозданов, натпартиски кандидат за градоначалник на Општина Кочани поддржан од ВМРО-ДПМНЕ, денес одржа прес-конференција на која најави голем инвестициски план за развој на Кочани.
„Ветуваме 100 милиони евра капитални инвестиции за Кочани – инвестиции за иднината на нашите деца, за подобар живот и посилен регион,“ истакна Грозданов, во присуство на координаторот на Владата за Кочани, Марија Митева.
Средствата, како што нагласи, ќе бидат насочени исклучиво во инфраструктура и капитални проекти, во соработка со меѓународни партнери, а не станува збор за редовни буџетски трансфери.
Грозданов најави реконструкција и модернизација на кочанската болница со нова медицинска опрема, нови одделенија и подобри услови за вработените.
Во делот на спортот, културата и младите, тој најави изградба на затворен базен, како и нови спортски сали достапни за сите граѓани и спортски клубови, со цел поттикнување на здрав и активен начин на живот.
„Крупните капитални проекти ќе се реализираат во патна, комунална и урбана инфраструктура – нови патишта, канализациони и водоводни системи, уредување на градскиот простор. Со тоа ќе се отворат нови работни места и ќе се поттикне локалната економија,“ рече Грозданов.
Тој порача дека со овие инвестиции Кочани ќе стане центар на источниот регион:
„Кочани веќе нема да биде на маргините. Со овој план, градот ќе биде во фокусот на државните и меѓународните инвестиции – пример за тоа како една општина може да се развива со чесност, визија, стратегија и партнерство.“
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Филипче од Гостивар: Национализмот на ДПМНЕ им служи за прикривање на нивната неспособност

Овој град знае дека силата е во заедништвото, не во поделбите, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче на граѓанска трибина во Гостивар. Во своето обраќање, тој остро ги критикуваше политиките на власта, обвинувајќи ја дека намерно го разединува народот за да ја сокрие сопствената неспособност.
„Тие што денес владеат се обидуваат да не разделат – со лаги, со поделби, со национализам што треба да ја прикрие нивната неспособност“, рече Филипче.
Според него, ВМРО-ДПМНЕ ја заборавила најважната лекција од историјата – дека заедништвото е силата на оваа земја. „Нивната политика е политика на поделби, на дестабилизација, на навреди. Политика која секогаш завршува со тензии во општеството“, потенцираше тој.
Филипче го истакна Гостивар како симбол на соживот, достоинство и почит меѓу луѓето и најави дека токму од тука ќе започне обновата на вредностите кои, како што рече, биле системски разорени.
„А Гостивар е симбол на спротивното: на соживот, на почит, на достоинство. И токму затоа, одовде, од градот на гостопримството, ќе почнеме да ја враќаме топлината во државата, правдата во институциите и вербата во иднината“, истакна Филипче на крајот од своето обраќање.
Македонија
Гаши – фон дер Лајен: Економска интеграција на единствениот европски пазар пред интеграција во ЕУ

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која во рамките на нејзината тридневна турнеја низ земјите од регионот на Западниот Балкан, е во посета на земјава. На средбата присуствуваше и заменикот на генералниот секретар на Собранието, Бобан Стојаноски.
Посакувајќи и добредојде во Собранието во име на пратениците, претседателот Гаши истакна дека оваа посета ја разбира како поддршка и афирмација на цврстата определба на државата да остане на европскиот пат.
Понатаму истакна дека за Северна Македонија, како земја кандидат, Европската Унија не е само политички и економски блок, туку претставува посветеност на вредностите како демократијата, владеењето на правото, човековите права и солидарноста.
Истакна дека и кога земјата се соочувала со најголемите предизвици, граѓаните не се поколебале во однос на членството во ЕУ.
Нагласи дека слоганот на ЕУ „обединети во различностите„ најдобро ја опишува Северна Македонија, а изрази и благодарност за Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, кој ветува значително подобрување на економскиот и социјалниот развој на државите во регионот и нивна поголема интеграција во ЕУ.
Македонија
Мицкоски: СДСМ кампањата ја темели на учителот на Венко, Зоран Заев

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се обрати од вечерашниот митинг одржан во општина Берово, во рамки на изборната кампања под слоганот „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“, за претстојните локални избори закажани на 19 октомври, истакнувајќи дека програмата е прецизна со јасни рокови и мерки насочени кон потребите на граѓаните, а воедно се осврна и на опозицијата, за која, како што кажа, нема конкретни проекти и чија кампања се темели на нивниот учител и гуру, Зоран Заев.
„Ние на овие избори излеговме со прецизна програма, со рокови, за прецизни работи неопходни за граѓаните, а од нив не слушнавме буквално ниту еден проект. Но слушнавме затоа за нови подароци кон нашиот источен сосед слушнавме за непринципиелни коалиции, слушнавме за соработка и ишарети со ДУИ, слушнавме дека судиите и обвинителите, оние истите со 2% рејтинг биле професионалци, но не само што слушавме туку и гледаме како кампањата им се потпира исклучиво на политичкиот гуру на нивниот претседател Венко Филипче, а тоа е Зоран Заев. Тој велеше дека ќе одел во политичка пензија, а гледаме како буквално грчевито се бори да си ја одбрани инвестицијата во СДСМ, исто како што ги брани инвестициите во Дубаи. За овие луѓе политиката е бизнис, а за нас е начин како да им помогнеме на граѓаните. И она што е толку очигледно е нивното разбирање за домот. Нивниот дом никогаш не бил нашиот дом, а тоа се маалата, улиците, игралиштата, парковите, срдечноста во погледот, во ракувањето и поздравот со секој еден од вас, во искрениот напор да направиме повеќе за Берово, повеќе заедничко за нашата татковина и преубава Македонија“, вели Мицкоски.
Мицкоски изјави дека СДСМ се бори само за бизниси, тендери, зделки и профитирање на нечесен начин, а не за интересите на граѓаните, како и дека се гледа нивниот политички крај и соочување со правдата.
„Нивниот дом за кој се борат се бизнисите, тендерите, зделките во четири очи, фабриките за марихуана, желбата да се профитира на нечесен и криминален начин. И знаат дека со секој глас повеќе, со секоја поддршка повеќе за нас, тие се готови, а така го гледаат во очи нивниот политички крај. А политичкиот крај значи и соочување со она од што најмногу се плашат, а тоа е правдата. Сето ова за што ви зборувам, драги мои, можевте да го видите на филмска лента во изминативе две и пол недели од оваа кампања за првиот круг на овие локални избори. Сосема извесно е дека со еден избор одите напред, а со друг се враќаме назад. Сетете се само на оние 7 години кога влада беа СДСМ и ДУИ. Со еден избор се борите за твоето маало, за твојата општина и заедничката иднина, а со другиот се борите за нивните лични интереси. Затоа на овие избори е пресудно и клучно најпрвин да излезете да гласате“, рече Мицкоски.
Мицкоски упати порака за излезеност на 19 октомври и поддршка за градоначалникот, Петар Ружински, за големи проекти и развој на општина Берово.