Македонија
Дебакл на Мицкоски, историски пад на странските инвестиции за 729 милиони евра, велат од СДСМ
„Драматчен пад на странските директни инвестиции во 2025 година од 61% покажуваат последните економски податоци на Народна банка. Со Христијан Мицкоски на чело на Владата, во 2025 година има намалување на странските инвестиции за огромни 729 милиони евра во споредба со 2024 година“, велат од СДСМ.
„Поради политиките на СДСМ, во 2024 година странските директни инвестиции изнесуваа 1 милијарда и 196 милиони евра, додека во 2025 година со Мицкоски тие се сведени на само 467 милиони евра. Дебакл.
Но, затоа има пари за криминални тендери, 161 тендер за една фирма, 51 за втора, 74 тендери за трета фирма блиска до власта. ВМРО-ОКГ се грижи само за својот приватен бизнис.
За време на владите на СДСМ, беа отворени 16 нови фабрики како резултат на директни странски инвестиции – гиганти. Се генерираа над 10.000 нови работни места само во технолошко-индустриските развојни зони.
Што се случува сега со Мицкоски и ВМРО-ОКГ? Има историски пад на инвестициите и губење на илјадници работни места. Германскиот гигант Aktiv официјално потврди дека се повлекува од Скопје, оставајќи 400 – 500 работници без работа. Во фабриката на Dura се кратат производни линии. Magna го стопираше своето претходно најавено ширење. Илјадници работни места се под сериозен ризик.
Ова е резултат на погрешните политиките на Мицкоски и ВМРО-ОКГ за изолација и криминални тендери за богатење на функционерите на власт.
Наместо да се занимаваат со економијата, тие преку своите медиуми се занимаваат со црна кампања и лажни афери. Нема интеграција – следи економска изолација“, соопшти СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Првиот човек на НАТО доаѓа во посета на Македонија, Сиљановска-Давкова ќе го пречека со највисоки државни и воени почести
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, утре – 3 март 2026 година, вторник, ќе го пречека генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, кој ќе престојува во официјална посета.
Генералниот секретар ќе биде пречекан со највисоки државни и воени почести на церемонија во Кабинетот на претседателот, по што ќе следи тет-а-тет средба и пленарен состанок на македонската и на делегацијата на НАТО.
Во рамки на програмата, предвидена е и заедничка прес-конференција со претседателката Давкова.
Ова е прва посета на Руте на земјата, откако ја извршува функцијата прв човек на Алијансата.
Фото: Depositphotos
Македонија
Ахмети со поддршка на САД: Нападите и дестабилизирачките акти на Иран не служат никому
Во овие времиња на предизвици за меѓународниот поредок и безбедност, нашата позиција е јасна и непоколеблива: целосна солидарност со Соединетите Американски Држави и со секој напор за заштита на глобалниот мир, стабилност и безбедност, вели лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во врска со последните случувања на Блискиот Исток.
„Алијансата со САД не е само дипломатска ориентација. Тоа е стратешка и вредносно заснована определба. Наш избор е да бидеме на страната на демократијата, основните слободи, владеењето на правото и меѓународната одговорност. Нашата земја, а особено албанскиот народ, добро знаат што значи американската поддршка во одлучувачки моменти од нашата историја, поради што дури и денес стоиме покрај нашиот најголем стратешки партнер. Нападите и дестабилизирачките акти на Иран што ја поткопуваат безбедноста на земјите од Заливот и ја загрозуваат кревката архитектура на мирот на Блискиот Исток не служат никому. Тие не служат на развојот, не служат на коегзистенцијата, ниту на легитимните аспирации на народите за просперитет“, вели Ахмети.
Тој додава дека секој режим што избира конфронтација наместо соработка и извезува кризи наместо дијалог се става во спротивност со духот на нашето време.
„Веруваме дека безбедноста во Персискиот Залив и Блискиот Исток е глобален интерес. Слободата на движење, енергетската стабилност, борбата против тероризмот и заштитата на меѓународниот поредок се споделени одговорности. Во овој контекст, улогата на Соединетите Американски Држави останува незаменлива како гарант на рамнотежата и фактор на стабилност. Албанците недвосмислено го избраа западниот пат. Ние сме дел од сојуз на вредности, дел од евроатлантската заедница и активни придонесувачи за колективниот мир и безбедност. Нашата поддршка за Соединетите Американски Држави е поддршка за побезбеден, поправеден и послободен свет“, вели Ахмети.
Македонија
Мицкоски во разговор со претседателот на ОАЕ: Нашите институции се целосно мобилизирани за навремена помош на македонските државјани
Институциите на државата се целосно мобилизирани и внимателно ја следат состојбата, со подготвеност за навремена помош, поддршка и евентуална асистенција доколку тоа биде потребно, рекол премиерот, Христијан Мицкоски, во телефонски разговор со претседателот на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Мохамед бин Зајед Ал Нахјан.
Тој изразил искрена солидарност со народот на ОАЕ и најдлабоко сочувство до семејствата на жртвите од нападите.
„Нападите врз суверени држави и заканите кон цивилното население претставуваат грубо нарушување на меѓународното право и сериозна закана за регионалната и глобалната стабилност. Македонија, како членка на НАТО и стратешки партнер на САД, останува цврсто посветена на принципите на суверенитет и територијален интегритет. Во време на растечка неизвесност, неопходни се одговорност, координација со сојузниците и јасна определба за спречување на понатамошна ескалација. Во разговорот ја нагласив и потребата од засилена грижа и координација за безбедноста на македонските граѓани кои се наоѓаат во регионот. Информирав дека институциите на државата се целосно мобилизирани и внимателно ја следат состојбата, со подготвеност за навремена помош, поддршка и евентуална асистенција доколку тоа биде потребно“, вели Мицкоски.
Тој додава дека Македонија, во контекст на своите стратешки интереси и сојузништва, ќе продолжи да дејствува принципиелно, внимателно и одговорно, во интерес на стабилноста и безбедноста.

