Македонија
(Фото) ДЗС: Еден „ер трактор“ се врати од сервис во Македонија

Денеска, еден воздухоплов „ер трактор“ (Air Tractor AT-802A Fire Boss – Z3-BGV) за гаснење пожари, на Дирекцијата за заштита и спасување, беше вратен на меѓународниот аеродром „Скопје“, по завршувањето на годишната инспекција – сервисирање, информираат од ДЗС.
„Тоа се остварува според Техничката спецификација во договорот и дополнителните и/или нерутински (непредвидени) задачи и услуги од страна на ЕАСА (EASA Part-145) овластената организација за одржување воздухоплови“, велат од ДЗС.
Согласно Договорот за поправка и сервисирање на воздухоплови и резервни делови годишната инспекција е завршена во рамки на предвидените 60 дена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мисајловски на состанок на НАТО во Брисел: Единството на Алијансата е на највисоко ниво

Mинистерот Владо Мисајловски заедно со министрите за одбрана на сојузничките земји денеска во седиштето на НАТО во Брисел учествуваше на состанок на Северноатлантскиот совет на НАТО.
„Единството на Алијансата е на највисоко ниво. Ја потврдивме нашата заедничка заложба за одвраќање и одбрана на целата територија на НАТО“, рече министерот и додаде дека Алијансата е обединета по трите нејзини основни задачи – одбрана и одвраќање, колективна безбедност и менаџирање на кризни состојби.
Мисајловски порача дека на состаноците се отворило прашањето за инвестициите во одбраната наменети за одбранбени и цивилни капацитети кои ќе ја зајакнат безбедноста и сигурноста, но и општествената отпорност.
„Иако одбраната е клучната задача на Армијата и Министерството за одбрана, потребно е целокупното општество да се вклучи во зголемувањето на нашата отпорност, заштитата на мирот, стабилноста и безбедноста на секој поединец“, подвлече тој.
Министерот на состанокот даде целосна поддршка на напорите за зајакнување на Алијансата и ја потврди посветеноста на земјата кон колективната безбедност.
Во попладневните часови се одржа и состанокот на Советот НАТО – Украина, на кој земјите-членки на НАТО ја потврдија определбата за континуирана, долгорочна поддршка за Украина. На оваа сесија учествуваше и високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас. Министерот Мисајловски учествуваше и на состанок на Групата за нуклеарно планирање на НАТО.
Овој состанок е последна подготовка пред Самитот на НАТО во Хаг, што ќе се одржи на 24 и 25 јуни 2025 година.
Македонија
За 30 години, УСАИД во државава инвестирала 900 милиони долари

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оствари проштална средба со Џери Дибл, претставничка на УСАИД во државава на која присуствуваше и амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Анџела Агелер.
Заблагодарувајќи ѝ се на Дибл за посветениот ангажман и придонесот во унапредувањето на односите и соработката меѓу двете пријателски земји, претседателката истакна дека различните американски програми и проекти за соработка, оставија видлив белег во земјава. Дел од нашиот развој во повеќе области, како што додаде таа, се должи на фондовите на УСАИД и затоа државата очекува да завршат започнатите проекти.
Сиљановска-Давкова ја потврди подготвеноста за натамошно проширување на билатералните релации и за продлабочување на македонско-американското пријателство, имајќи предвид дека со САД како наш стратешки партнер, имаме неискористени потенцијали за јакнење на соработката во сите области, а особено во економијата.
Разговарајќи за македонскиот евроинтегративен процес, Сиљановска-Давкова искажа благодарност за континуираната поддршка од САД, како и верување дека со помош на новата администрација ќе ја прошират и продлабочат економската соработка.
На средбата, Дибл посочи дека во изминатите 30 години, преку бројни проекти, УСАИД во државава инвестирала 900 милиони долари. Имајќи ги предвид последните кратења на средствата за помош, таа истакна дека заедно со американската амбасада и со други донатори ќе се обидат да најдат начин да се реализираат започнатите проекти и активности, со цел да не се изгубат досегашните придобивки од нив.
Амабасадорката Агелер искажа разочараност што се затвора Канцеларијата на УСАИД во земјата и истакна дека Амбасадата, заедно со Владата и со други партнери, ќе продолжи да се залага за финализирање на започнатите програми.
Македонија
Казнети 107 возачи за затемнети стакла и користење на т.н. флешери

Во периодот од 01 до 31 мај, Секторот за сообраќајни работи на територијата на Македонија казни 107 возачи кои не ги исполнуваат пропишаните услови во однос на затемнувањето на стаклата на возилата и неовластено вградување и користење на уреди за давање на посебни светлосни и звучни знаци во возилата.
„При контролата санкционирани се 107 учесници во сообраќајот, од кои 106 за прекршокот на неисполнување на пропишаните услови во однос на затемнувањето на стаклата и една санкција за неовластено вградување и користење на уреди за давање на посебни светлосни и звучни знаци во возилата. На сите прекршители изготвени им се соодветни поднесоци“, велат од МВР.
Од таму најавија дека сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови.
МВР апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта.